|
|
| АКАДЕМИК БОЖИН ПАВЛОВСКИ – ПИСАТЕЛ И ЧУВАР НА МАКЕДОНСКАТА ВИСТИНА ВО АВСТРАЛИЈА |
|
ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО АВСТРАЛИЈА За своето богато творештво е добитник на значајни домашни и меѓународни литературни признанија, меѓу кои и на државната награда „11 Октомври“ за животно дело, како и на Интербалканската книжевна награда на Солун. Божин Павловски е познат и признат македонски писател и беше редовен член на МАНУ, во 2013 година беше лустриран за што тој излезе од МАНУ и ДПМ, потоа во 2017 година му е поништена одлуката за лустрација. Тој живее и твори во Скопје и Мелбурн. Божин Павловски е постар брат на писателот Раде Силјан. Тој е роден на 7 јануари 1942 година во селото Жван, во близината на Демир Хисар. Во биографските податоци на Божин Павловски се вели дека завршил основно образование во училиштето „Свети Кирил и Меттодиј“ во Жван, а потоа се запишал во средното Ветеринарно училиште во Битола, од кое по завршувањето станал ветеринарен техничар, а потоа и се запишал на Вишата земјоделска школа. Неговиот немирен дух и желбата за напредок во светлата иднина го однела во Скопје, во 1963 година, каде се вработил во „Нова Македонија“, каде работел две години, најпрвин како филмски критичар, а потоа и како репортер од областа на културата. Потоа долг период бил главен и одговорен уредник и директор на најголемата издавачка куќа во тоа време „Мисла“, која започнала со работа во 1965 година , најпрвин како ревија за култура и уметност, а малку потоа и како издавачка куќа. Таа беше издавач на голем број дела на речиси сите познати македонски писатели и поети во периодот од 1960 до 1999 година. Во тој период, поточно во 1988 година, издавачката куќа „Мисла“ на чело со Божин Павловски го издаде романот „Александар Македонски“ од германскиот автор Улрих Вилкен, чиј превод од англиски на македонски е на авторот на овие редови, Славе Катин. Павловски ги постави темелите за идното негово творештво уште во далечната 1962 година кога освоил прва награда на еден конкурс за расказ по што се преселил во Скопје, каде работел во весниците „Студентски збор“ и „Трудбеник“, а потоа во редакцијата на „Млад борец“. Истата година ја добил наградата на Сојузот на младината на Хрватска за најдобра репортажа. Неговиот творечки опус е голем и разновиден. Тој е автор на осумнаесет романи, четири книги со новели и раскази и три публицистички книги, меѓу кои: „Игра со љубов“ (роман, 1964), „Фантасти“ (раскази, 1964), „Миладин од Кина“ (роман, прв дел, 1967), „Лудисти“ (раскази, 1967), „Миладин од Кина“ (роман, втор дел, 1968), „Македонците зад екваторот“ (патописна проза, 1971), „Дува“ (роман, 1973), „Австралија, Австралија“(сценарио за документарен филм, 1975), „Вест Ауст“ (роман, 1978), „Црвениот хипокрит“ (роман, 1984), „Уткини соседи“ (роман, 1987), „Враќање во сказните“ (роман, 1989), „Дува и болвата“ (роман, 1997), „Подвижни гробови“ (роман, 1998), „Патување со љубената“ (роман, 2000), „Египетска сонувалка“ (роман, 2001), „Изгубени во рајската градина“ (роман). Божин Павловски е добитник на следниве награди и признанија: „Рациново признание“, „11 Октомври“ (1978 година за романот „Вест Ауст“), „Стале Попов“, „Гоцева повелба“, „Кочо Рацин“ (1973 година за романот „Дува“), „Младост“, „Железарница Сисак“. Исто така, делото „Роман за моето заминување“ ја освоило наградата за најпродавана книга на Меѓународниот саем на книгата во Скопје (2002 година), а „Патувањето со љубената“ ја добил Интербалканската награда за книжевност во Солун во 2002 година. Божин Павловски го продолжил своето образование во Скопје. Така, во 1971 година, дипломирал на групата Југословенска книжевност на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, со што му се исполни една од големите желби да се здобие со универзитетско образование. Во 1975 година повторно заминал во Австралија, каде раководел со екипата што го снимила документарниот филм „Австралија, Австралија“ според неговото сценарио. Следната година, филмот освоил Гран при за најдобар филм на фестивалот во Белград. Во 1976 година бил на подолг престој во Тајланд, Јапонија, Сингапур и Хонг Конг. Во Мелбурн, Австралија, неговата втора татковина, во 1992 година ја основа Издавачката куќа АЕА. Оваа издавачка куќа ги издава весниците „Денес“ и „Македонија денес“ кои се вбројуваат меѓу највлијателните етнички весници во Австралија, САД во Австралија, САД и Канада. Така, на 2 август 1992 година, во Томастаун, предградие на Мелбурн, се појави првиот број на весникот „Денес“, кој е отпечатен на 24 страници, на формат 41x30 сантиметри, на македонски јазик со кирилица и на англиски јазик, чија цена на чинење е 1,20 австралиски долари. Излегува секој понеделник, како неделник, го подготвува заедничка редакција по име „Македонско-австралиско пријателство“ од Викторија. Денес ова најтиражно информативно македонско гласило во Австралија, излегува повеќе од триесетина години како „Австралиско-македонски неделник“ и „Австралиски неделник Денес“. Така, на одбележувањето на 28-годишнината и по повод излегувањето на 1.500. број, уредникот Игор Павловски ќе напише: „Нашата судбина е нашиот јазик и денес нема да најдете друг пример на македонски периодичен весник каде било во светот, вклучувајќи ја и Македонија, со толкав континуитет и целосно на слободниот пазар – без каква било субвенција, од првиот ден до денес. Во сите изминати години се трудевме да бидеме коректни партнери со читателите, со цел да ја одржуваме меѓусебната доверба и симбиоза. Така и ќе продолжиме да им служиме на Македонците во дијаспората“. Во 1996 година, Павловски станал главен уредник на книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје. Бил член на МАНУ и на ДПМ (од 1964 до 2013 година). Иако Божин Павловски е добитник на многу престижни литературни признанија, неговата кариера ја следат и некои негативни критики за неговото дело, за кое на неколку наврати се зборувало за некаков плагијат. Во јули 2013 година, Комисијата за верификација на фактите на Република Македонија спровела процес на лустрација против Божин Павловски и утврдила дека тој соработувал со тајните служби на поранешна СФРЈ. Со остри реакции против ваквата одлука се изјасниле Друштвото на писателите на Македонија, како и академиците Катица Ќулавкова и Георги Старделов. Во знак на протест, Божин Павловски го повлекол своето членство во МАНУ и Друштвото на писателите на Македонија. Меѓутоа, во јануари 2017 година Вишиот управен суд на Република Македонија ја поништи одлуката за лустрација на академик Божин Павловски на Комисијата за верификација на фактите.Во образложението на одлуката на Судот, се наведува дека „одлуката на Комисијата за лустрација на Божин Павловски се поништува поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба“. Денес Божин Павловски живее и твори во Мелбурн, Австралија. Покрај инволвираноста и контролата на уредничката политика на весниците „Австралиско-македонски неделник“ и „Австралиски неделник Денес“, тој е активен и во македонската заедница.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |


























