Среда, 27 Јуни 2018   
Македонците на привремен (постојан) престој во Европа (Европската Унија)

makedonski-iselenicki-meridijani-1-1

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – ЕВРОПА (ЕВРОПСКА УНИЈА)

Развојниот пат на иселувањето на Македонците од сите делови на Македонија кон Европа, во основа се совпаѓа со развојот на настаните на Балканот и уште повеќе во зависност од тоа како се одвивале настаните околу Македонија. Затоа се вели дека преселничките движења на Македонците и нивниот интензитет биле условени, пред сè, од економските услови за живеење и работа, а и од причини што имаат национално-политички карактер

Европа била континент со повеќе печалбарски земји, каде голем број Македонци се стекнале со образование, особено пред Втората светска војна. Меѓутоа, за Македонците и за другите етнички групи во Република Македонија е карактеристичен периодот по 1960 година. Тогаш со отворањето на СФР Југославија спрема светот и со вклучувањето во меѓународната поделба на трудот, паралелно со создавањето на аграрно население во градовите и со либерализацијата на политиката за одење на работа во други земји, дошло до иселување на поголем број работници и интелектуалци од тогашна СР Македонија во Европа.

Преселнички движења на привремено (постојано) вработување од Македонија, порано кон западноевропските земји, односно кон Европската Унија се присутни и денес. Меѓутоа, нивниот интензитет е различен, зависно од економско-политичкиот, социјалниот, гео–стратегискиот и низа други состојби и моменти.

Се проценува дека само од Република Македонија во земјите на стариот континент денес има повеќе од 150.000 Македонци. Исто така, има и неколку десетици илјади етнички Албанци, Турци, Роми и други од Република Македонија, кои таму живеат и работат повеќе од четириесет години. Исто така, има одреден број Македонци од егејскиот и од пиринскиот дел на Македонија.

Уште со доаѓањето во новите средини во повоениот период, Македонците во западно-европските земји покренале иницијативи и правеле  низа  обиди да се организираат  во новите средини. Во почетокот носители на таквите идеи биле поединци - емигранти декларирани како антикомунисти во прифатните логори.

Големо било незадоволството од парцијалното решение на македонското национално прашање по Втората светска војна кое резултирало со голем бран на револт како во Народна Република Македонија (НРМ), која станала дел од новоформираната Југословенска Федерација, така и во останатиот дел на Македонија кој се наоѓал под власт на Бугарија и Грција.

Во периодот по Втората светска војна голем број Македонци започнале да ја напуштаат Југославија и да се пријавуваат како политички емигранти најмногу во Грција, а нешто помалку во Италија и Австрија. Оние, емигранти во грчките логори кои изјавиле дека се Македонци биле изложувани на посебен режим на  тортура и измачување. Затоа од логорите овие емигранти биле раселувани во западните земји – Јужна и Северна Америка, Австралија и Западна Европа. На тој начин по Втората светска војна започнала да се создава македонската политичка емиграција која била демократски ориентирана и се залагала за интегрално решавање на македонското национално прашање.

Развојниот пат на македонското иселување кон Европа во основа се совпаѓа со  тоа, како се одвивале настаните на Балканот и уште повеќе, во зависност од тоа како се движеле настаните околу Македонија. Како резултат на тоа преселничките движења на Македонците и нивниот интензитет биле условени, пред сè, од економските услови за живеење и работа, а во многу случаи и од причини, што имаат национално-политички карактер.

Печалбарството, односно преселувањето од Македонија кон Европа било во помал број, во споредба со иселувањето во САД, Канада и Австралија. Меѓутоа, карактеристично за иселувањето од Македонија е тоа што се засилило по Илинденското востание во 1903 година, а особено било изразено по Балканските војни и по Првата светска војна, кои наместо слобода од петвековното ропство, на Македонците им донеле тројна поделба, угнетување, асимилација, денационализација и физичко уништување, што ги спроведувале порано ослободените соседи, Бугарија, Кралска Југославија, Грција и Албанија.

Она што се случувало во минатото, особено во текот на Балканските војни и по Првата светска војна, за релативно кусо време во одделни делови на Македонија настанале крупни миграциски движења и етнички промени кои имале катастрофални последици за македонското население.

Така, според некои податоци, од сите три дела на распарчена Македонија, 60 отсто од иселените Македонци биле од егејскиот, 25 отсто од вардарскиот и 15 отсто од пиринскиот дел. Според Специјалната комисија на ОН за Балканот, пак, во Извештајот од 13 мај 1949 година, од Егејска Македонија се иселени вкупно 232.000 Македонци, а на нивно место грчките власти доселиле и ја колонизирале грчка Македонија со грчки бегалци од Мала Азија.

Исто така, иселувањата од сите делови на Македонија биле интензивни меѓу двете светски војни, а особено по светската криза.

Заминувањето од овие простори се засилило по Втората светска војна,  посебно по поразот на Демократската армија на Грција во Граѓанската војна во Грција, на чија страна масовно учествувало и македонското население од егејскиот дел на Македонија, со надеж дека конечно ќе ги добие своите национални и социјални права.

Инаку, Првичното групирање на македонските политички емигранти во Европа се случува во периодот од 1956 до 1963 година. Така група македонски студенти - емигранти во Париз, пролетта 1956 година ја формираат Организацијата „Македонски национален фронт” (МНФ). Организацијата имала своја политичка платформа, во која било третирано македонското прашање како национално прашање, а не само како политичко. Крајната цел на МНФ била создавање на независна и обединета македонска држава.

makedonski-iselenicki-meridijani-1-2

На основачкото собрание било одлучено да се формира Централен комитет и да почне да се издава весникот „Македонска искра”, кој требало да биде печатен орган на МНФ. За претседател на ЦК бил избран Иван Јанев, а за секретар Драган Богдановски, кој воедно требало да биде и редактор на печатениот орган на Организацијата, весникот „Македонска искра”.

По кратко време оваа организација згаснала, за подоцна во текот на 1959 година повторно да се реактивира, но под друго име Македонски национален комитет (МНК) во Шведска. Весниците „Македонска лоза” и „Слободна Македонија” станале  значаен медиум на Организацијата, кои биле исполнети исклучително со родољубива содржина и не биле непријателски насочени ниту кон една друга народносна структура. Политичката платформа, а со тоа и целите на МНК биле исти со оние на МНФ, односно создавање на обединета македонска држава.

Овие две организации, се всушност првото политичко групирање на македонските политички емигранти во Западна Европа. Нивна главна карактеристика биле антијугословенството, антикомунизмот и антититоизмот. Тоа било така поради фактот, што во тој период во Западна Европа владеела силна антикомунистичка пропаганда, која влијаела и врз емигрантите од Македонија, на чие чело бил Драган Богдановски.

Крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години на минатиот век бил забележан поголем бран на новодојдени македонски политички емигранти во Западна Европа, односно Скандинавија. Тие  иницирале создавање на нова политичка организација која била основана на 23 јуни 1962 година и наречена „Ослободителен комитет на Македонија” (ОКМ). Оваа организација пред македонското иселеништво се претставила како типична емигрантска организација со антикомунистичка определба чијашто крајна цел била, создавање на независна и обединета македонска држава со демократско уредување по западен тип. На основачкото собрание бил избран Централен комитет со претседател Димко Нечевски од Копенхаген, Данска. Печатен орган на ОКМ станал весникот „Македонија”, за кој бил одговорен Миле Илиевски.

Повторното активирање на македонската политичка емиграција во Западна Европа се случува во текот на 1971 година, кога Драган Богдановски започнал да го издава новото списание „Македонска нација”, чијшто прв број излегол во јануари 1971 година.

Непосредно пред и по излегувањето на првиот број на „Македонска нација”, биле одржани повеќе средби меѓу македонските политички емигранти за нивно политичко реактивирање, односно возобновување на ОКМ. Тие средби резултирале со одржување на Првиот вонреден конгрес на ОКМ на 30 мај 1971 година во Данска.

За претседател на ОКМ, повторно бил избран Димко Нечевски, додека Драган Богдановски станал член на Централниот комитет и редактор на списанието „Македонска нација” кое стана официјален печатен орган на ОКМ

На Вториот вонреден конгрес на ОКМ што се одржал од 30 април до 1 мај 1972 година се променува името на Организацијата во Движење за обединување на Македонија (ДОМ).

Организацијата под името Движење за обединување на Македонија дејствувала сé до есента 1973 година, кога повторно името се менува во Движење за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ).

Со тоа Организацијата ги поставила на пиедестал исклучително националните интереси, кои требало да бидат натпартиски и над секаква идеологија. Ваквата политика на Организацијата, а, пред сé, на нејзиниот претседател Драган Богдановски, придонела да се создаде една идеолошки хетерогена организација и со тоа станала единствена македонска политичка емигрантска организација која успеала да оствари влијание надвор од континентот каде се формирала.

во 1984 година бил одржан Петтиот конгрес на ДООМ, на кој името на Организацијата било променето во Народноослободителен фронт на Македонија (НОФМ). Промената на името била извршена со цел уште еднаш да се нагласи амбицијата на Организацијата да се трансформира во единствена сила што ќе ги придобива сите македонски опозициски структури. Тоа особено се забележува од изгласаната програмска декларација според која, ширењето на Организацијата и проширувањето на соработката, со други македонски политички организации и со црковни, национални, културни и спортски здруженија, станало врвен приоритет. За претседател на НОФМ бил избран д-р Богољуб Андоновски.

Последниот конгрес на Организацијата бил одржан во 1989 година, меѓутоа во тие години Организацијата станала само номинална, без активности и без некое посериозно членство.

Организацијата под името Народноослободителен фронт на Македонија дејствувала сé до 1990 година. Имено, со пробивањето на политичкиот плурализам во Република Македонија, се создале нови услови кои подразбирале и нови начини за реализирање на целите, односно активно вклучување на македонската политичка емиграција во политичките збиднувања во  Македонија.

Токму поради тоа, понатамошното егзистирање на Организацијата станало излишно, по што пред Собранието на тогаш сè уште Социјалистичка Република Македонија била поднесена иницијатива за нејзино трансформирање во политичка партија - Народен демократски фронт на Македонија. Всушност, тоа е и последната активност на Организацијата, а обидот да се трансформира во политичка партија останал неуспешен.

Тогаш, долгогодишниот лидер на Организацијата, кој речиси 11 години одлежал затвор Драган Богдановски, ја започнал иницијативата за формирање на политичката партија Демократска партија за македонско национално единство (ДПМНЕ). Темелите на оваа партија биле удрени во емиграција и најголем дел од македонската политичка емиграција ја поддржала оваа нова политичка структура која во меѓувреме го добила конечното име ВМРО-ДПМНЕ.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

ВМРО-ДПМНЕ: на СДСМ потребни им се само 61 пратеник да си ги одмериме силите

Oвој референдум не е за ЕУ и НАТО, туку за договорот, а власта бега од неговата суштина и манипули...

Историја

News image

Едмонд Бушие де Бел напишал книга под наслов: „La Macedoine et Les Macedoniens", (Раriѕ 1922, 80, IV. 303)

Едмонд Бушие де Бел, роден на 23 август 1878 година во Везиње, Франција. Завршил класична гимназија ...

Иселеници

News image

Македонското друштво “Илинден”- Латцен-Хановер:бојкотирајтего престојниот референдум

Македонското друштво “Илинден”- Латцен-Хановер ги повику...

Култура и туризам

News image

Манастирот „Св. Мала Богородица“ во Сливница – Преспа (10)

Варијанти со ракописни текстови за „Житието на Богородица“се срекаваат, меѓу другите, кај рускиот ав...

Фељтон

News image

Александар Македонски (50)

И овој пат ќе нагласиме дека во изминатите, а и во наредните продолженија ќе се обид...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.