Среда, 19 Септември 2018   
Тоде Кабровски – македонскиот активист и просветител од Сиднеј

tode-kambovski

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – АВСТРАЛИЈА

Тоде Кабровски, кој долго беше  душата на Македонскиот просветно-училиштен одбор за Нов Јужен Велс кој со успех започнал да работи од 1978 година. Тој е еден од значајните активисти во духовната и културната дејност во Сиднеј, Нов Јужен Велс и пошироко во Австралија

Тоде Кабровски е уважен и многукратно докажан и потврден македонски деец. Тој е многу посветен на македонското дело и македонската кауза, пред сé, со својот ангажман во сферата на образованието и воспитувањето на младите Македонци. Во исто време тој е еден од значајните активисти во духовната и културната дејност во големата македонска иселеничка колонија во Сиднеј, Нов Јужен Велс и пошироко во Австралија.

Тоде Кабровски e роден на 8.1.1945 gодина во селото Горно Орахово, односно Ореово, како што битолчани го викаат ова планинско село. Името на селото потекнува од тоа што тој предел е многу богат со ореви и затоа го завикале Ореово. Инаку, населбата се наоѓа на пет-шест километри  на југозападниот дел од Битола, по патот кој води преку Буково до таканаречената Ореова Долина.

Селото Горно Ореово е планинско село на надморска височина од околу илјада метри. Тоа е сместено во регион полн со густа дабова, ореова и иглолисна шума. Населбата е мала и ја сочинуваат педесетина куќи скриени во шумата. Тие се претежно изградени од камен, на два ката, со мали прозорци и пространи балкони. Таму е и црквата „Свети Пантелејмон“,изградена во 1860 година, обновена во Првата светска бојна, а доградена со средства на иселениците.

Според статистичките податоди, населението во 1961 година броело 229 жители, а во 2002 година само 23 лица. Миграциските процеси си го направиле своето. Горноореовци како да се преселиле во Битола, а нив ги има и во прекуокеанските земји и во Европската Унија.

Селото Ореово е најпознато по локалното Марково Кале – археолошки локалитет кој претставува населба од  доцно античко време. Се наоѓа на околу 4 километри северозападно од селото, на падините на планината Баба, каде на висок рид со зарамнето плато на површина од околу 2 хектара, има ѕидови градени од камен и варов малтер, а се среќаваат и фрагменти од керамички садови, питоси и покривни ќерамиди.

selo-orovo
Село Орово

Од ова село потекнува еден од истакнатите личности, Тоде Кабровски кој заминал за Австралија уште во 1969 година каде и денес живее со сопругата Нада, со која е во брак од 1972 година. Овој скромен, а многу благороден и активен наш сонародник кој потекнува од Ореово, Битолско, 25 години беше претседател на Просветно-школскиот одбор во Нов Јужен Велс и благодарение на неговото исклучително упорно залагање, работа и дејствување, е воведена настава на македонски јазик во државниот образовен систем на оваа австралиска држава. Низ училиштата досега наставата на мајчин јазик ја посетувале над 40 илјади ученици, што е импозантна бројка, ако се земе предвид дека станува збор за втори, трети па дури и четврти генерации Македончиња.

Со Тоде Кабровски се сретнавме во Сиднеј со кого разговаравме за животот и постигнувањата и проблемите на Македонците во Австралија. Но, за него беше поважно да се зборува за Македонија, за неговото родно место, за приликите и неприликите во новите општествени услови, за политичкото милје и за сè она што е интересно околу и за Република Македонија.

Инаку, Тоде Кабровски уште со доаѓањето во Сиднеј се вработил во автралискиот  „Телеком“,од 1969 - 2005 година,  значи во „Телекомот“ поминал  цели 37 години, од кои, 6 месеци како работник, 5 години како техничар, 12 години во администрација и 20 години како надзорник, од каде и се пензионира. Исто така, тој бил три децении во просветно-образовната дејност во Нов Јузен Велс.

Тоде Кабровски е добитник на голем број награди и признанија, меѓу кои, Златна плакета од Матицата на иселеници од Македонија во 1985 година, Благодарница од Министерството за образование на Република Македонија во 2006 година, Златно сонце од Македонскиот именик во 1997 година, Признание од Македонскиот просветно училишен одбор за Нов Јужен Велс, Благодарница   и статуетка на заслужните   „Мајка Тереза“, Признание почесен претседател од Македонскиот просветен-уцилишен одбор за НЈВ, Медал „Свети Климент Охридски“ од Министерството за иселеништво на Република Македонија и други благодарници од бројни австралиски и македонски асоцијации.

Притоа, најмногу разговаравме за Македонскиот просветно-училиштен одбор за Нов Јужен Велс, за што бевме запознаени дека, Одборот имал за цел да ги координира сите македонски училишта таму каде што живееле Македонци; да изработува наставни планови и програми од I до  XII одделение и да одржува семинари по македонски јазик.

Според Тоде Кабровски, кој долго беше матицата, душата на Македонскиот просветно-училиштен одбор, првата настава по македонски јазик се извела во мај 1976 година во населбата Њутаун и дека Македонскиот просветно-училиштен одбор за Нов Јужен Велс со успех започнал да работи од 1978 година.

Бевме информирани дека Одборот бил единствена македонска институција од таков вид надвор од Македонија која опфаќала повеќе од 30 наставници во етничките училишта со околу 1.400 ученици, како и триесеттина наставници, еден координатор и повеќе од 600 ученици во саботните средни училишта во Сиднеј, Њукасл, Вулунгонг и Квинбијан.

Иницијативата за формирање на Македонскиот просветно-училиштен одбор ја дале наставниците кои ја изведувале наставата по македонски јазик во етничкото училиште во сиднејската населба Њутаун, која почнала со работа во мај 1976 година. Истата година во јуни во населбата Јагуна, а подоцна и во други училишта во населбите Кенливејл, Анклиф и во Сент Џорџ, се формирале нови училишта. Идејата за формирање на Одбор била поддржана од црковната управа на МПЦО „Света Петка“ од Рокдеил и од другите македонски асоцијации во Сиднеј. Затоа Македонците во Рокдеил, предградие на Сиднеј се чувствувале како да се на Широк Сокак во Битола.

makedonski-ucenici-vo-sidnej
Македонски ученици во Сиднеј

Исто така, ни беше речено дека Македонскиот просветно-училиштен одбор успеал да го зголеми бројот на македонските етнички училишта за дополнителна настава по македонски јазик, потоа да го воведе македонскиот јазик во саботните училишта и да воспостави добри врски со австралиското и македонското општество. Така, секоја сабота македонскиот јазик, литература, култура, историја и географија се учеле во 12 етнички училишта во Нов Јужен Велс.

Овие училишта ги посетувале околу 800 ученици, а наставата ја изведувале 24 наставници. Од I до IV одделение учеле во 6 редовни училишта на Министерството за образование на Нов Јужен Велс. Македонскиот јазик како втор јазик го учеле околу 700 ученици, а наставата ја изведувале шест наставници. Исто така, во 7 гимназии од VI до XII одделение, 28 наставници им предавале македонски јазик на околу 600 ученици, за што полагале и матурски испити и им стоела оценка за предметот македонски јазик.

 Според Тоде Кабровски, улогата на Македонскиот просветно-училиштен одбор била непроценлива и од големо значење за афирмација на македонскиот јазик и културата во Австралија, каде македонскиот јазик рамноправно се употребува во ова мултикултурно општество како што се практикуваат и другите етнички јазици.

Се чини дека наставниците што биле испратени од Министерството за образование и наука на Република Македонија биле од големо значење за работата на Одборот. Така, во 1983 година бил изработен Наставен план и програма од прво до шесто одделение и од седмо до дванаесетто одделение.

За одбележување е тоа што наставниците и членовите на Одборот во соработка со наставниците и професорите од Македонија издале околу петнаесетина учебници и други наставни помагала на македонски јазик, кои претставуваат убав прилог кон македонската книжнина и придонес во наставните процеси во училиштата во Австралија и пошироко каде се учи македонскиот јазик. Овие изданија целосно биле финансирани од австралиската влада.

sidnej
Сиднеј

И денес овој Македонски просветно-училиштен одбор има многу значајна улога во воспитно-образовните процеси кај македонските и другите ученици кои го учат македонскиот јазик во демократска и мултикултурна Австралија. Одборот е добитник на наградата „Свети Климент Охридски“, на  Република Македонија.

Според Тоде Кабровски, Катедрата за македонски јазик на Универзитетот „Маквори“ во Сиднеј, е една од најзначајните образовни институции за Македонците и бројните лингвисти во Сиднеј. Таа е основана во 1984 година и во неа голем број лингвисти ги завршиле своите студии по македонски јазик и литература на престижниот универзитет „Маквори“. Тоа е потврда за признавањето на македонскиот јазик и литература, нација и  за Македонија.

Исто така, Тоде Кабровски не информира дека тој бил активен во Македонското културно-уметничко друштво „Илин­­ден“ од Рокдеил, кое е ороводник меѓу бројните културно-уметнички друштва во државата Нов Јужен Велс. Тоа било формирано на 26 ноември 1966 година од група Македонци, ентузијасти, кои, одделени од Македонија, преку орото, песната и музиката ја изразувале  големата роднокрајна љубов и  посветеност.

Инаку, Македонското културно-уметничко друштво „Илин­­ден“ од Рокдеил, пред­градие на Сиднеј, каде што живеат повеќе од дваесетина илјади наши луѓе, е ед­но од нај­ста­ри­те и најактивните македонски друштва на петтиот кон­ти­нент. Работи во составот на МПЦО „Света Петка“, и во него досега чле­нувале над 2.000 млади играорци, музичари, пејачи и други ен­ту­зи­јас­ти.

Освен непосредниот ангажман во изведувањето на наставата по македонски јазик, Кабровски остави белег и како автор и коавтор на учебници и неколку книги, како што се – „Светилник 1,2 и 3 и Културата на македонскиот народ“ во соработка со проф. др. Георги Сталев, „Тајната на зборот“ и други. Речиси и да немаше  позначајни активности во Македонската заедница, како - денови на културата, поетски читања, фолклорни фестивали, хуманитарни акции, црковни празнувања или изложби и предавања, а да не даде свој придонес и личен ангажман активистот Тоде Кабровски.

Денес Тоде Кабровски е почесен претседател на Македонскиот просветно - училишен одбор за Нов Јужен Велс и активен член на Македонската православна црква „Света Петка“ во Рогдеил,  а има и други ангажмани во дел од широката палета  активности на македонската заедница во Нов Јужен Велс.

(Продолжува)

slave-katin-nova
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Во Европа државата се бори против криминалот, само во Македонија криминалот и криминалците се држава

Протест на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани: „Мора да ги избркаме од Владата криминалците ако сакаме во Евро...

Историја

News image

Во есента на 1943 година се формира Иницијативен одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ

Воените и политичките успеси во 1943 година го забрзаа развитокот на органите на народната власт, та...

Иселеници

News image

НОВ ПАТ КОН АФИРМАЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА

“МОЈАТА ОМИЛЕНА ПРИКАЗНА” И ОД “БУКВА ДО БУКВА АЗБУКА” Н...

Култура и туризам

News image

Манастирот „Св. Мала Богородица“ во Сливница – Преспа (20)

Манастирот „Св. Мала Богородица“ во Сливница – Преспа (20) МОЛИТВЕНИ ТЕКСТОВИ – МОЛИТВА КОН СВЕТА...

Фељтон

News image

Александар Македонски (61)

Александар Македонски (61) КОВАНИТЕ ПАРИ НА АЛЕКСАНДАР ВО АНТИЧКАТА МАКЕДОНСКА ИМПЕ...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.