Среда, 10 Јули 2019   
42 години од формирањето на Фондацијата „Атанас Близнаков” (5)

atanas1atanas2

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – САД

Атанас Близнаков е еден од најистакнатите донатори од македонската дијаспора. Неговото име и дело се добро познати меѓу Македонците во Република Македонија и во македонското иселеништво. Тој припаѓаше на прогресивната генерација на Македонците на северноамериканскиот континент, кој помина долго време, далеку од неговата татковина. Тој го посвети животот за борба за слободата и напредокот на Македонија и македонскиот народ

Животната приказназа најголемиот донатор од македонското иселеништво Атанас Близнаков започнала на 15 декември 1901 година во познатото револуционерно село Д’мбени, Костурско, во егејскиот дел на Македонија. Селото во кое се родени плејада предвоени македонски борци и интелектуалци, меѓу кои, Лазар Поп Трајков, Лазо Москов, Лазо Трповски, Ташко Караџа и други кои се бореле за афирмација на македонските идеали.

 Атанас Близнаков на 19-годишна возраст, во цутот на младоста, ја вкусил горчината на емигрантскиот живот. Тој во 1920 година го напуштил родниот крај и тргнал во потрага за подобар живот по белиот свет. Од родителскиот дом го понесол сознанието дека го гони немаштијата, но го понесол и единственото чувство дека е Македонец, дека ќе остане тоа на кој  и да е дел на земјата и дека пак ќе се врати во својата Македонија.

Новата страница од интересниот животен пат на Атанас Близнаков започнала на 16 декември 1920 година, кога пристигнал во САД, во градот Медисон, во државата Илиноис, каде што веќе имало македонска колонија. Таму првпат се вработил како фабрички работник без знаење на англискиот јазик. По една и пол година се населил во Гери, Индијана, град што е сместен на езерото Мичиген, а кој во тоа време се развивал во индустриски центар. Таму, во Железарницата во Гери, еден од големите гиганти на тие простори, работел цели 34 години, се’ до денот кога бил пензионира.

Меѓутоа, за сето време во САД, деловноста на Близнаков се состоела од купување на недвижнини и акции. Потоа, за вложување на стекнатото било потребно следење на целокупната економска состојба, како и знаење и умеење, особини коишто тој ги поседувал.

Иако најголемиот дел од своето постоење го минал во емиграција, Близнаков до крајот на својот живот остана со проблемите на Татковината. Тој не се покажа како обичен печалбар, туку како личност што насстојуваше да навлезе во суштината на македонската слобода, убава и правдољубива идеја, гледајќи ги работите со многу сериозен пристап, со што се издигна над времето во кое живееше.

Во целиот свој животен пат делбата на Македонија ја сфаќаше како трагедија и погуба за македонското дело. Затоа со формирањето на Фондацијата ,,Атанас Близнакоф”, тој беше убеден дека ќе даде драгоцен придонес за Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, за македонскиот народ и за Македонија, а во исто време тоа ќе претставува поттик и инспирација за идните генерации во иселеништвото и пошироко.

atanas3
Д’мбени пред сто години

Атанас и Славка Близнакови копнееле да ја посетат слободната македонска држата и таа своја желба првпат ја реализирале во јуни 1958 година. Неопислива била радоста на овој наш иселеник, како и на неговата сопруга Славка од сето она што го гледале на секој чекор. Се ределе посети во Матицата на иселениците од Македонија, на Универзитетот, Болницата, насекаде.

Тие прошетале по цела Македонија, каде што се сретнале со многу познати, роднини и пријатели. Ги виделе новите фабрики, школи, хидроцентрали, новите станбени згради. Имале можност да се запознаат со гигантските напори на слободниот македониски народ, кој заедно со другите југословенски народи, со секој изминат ден, извојувале нови победи на стопански, културен и политички план.

Ја виделе Македонија преродена и подмладена, како со брзи чекори оди напред кон посветла иднина. Од Атанас Близнаков никој не ги криел и тешкотиите со кои се борел македонкиот народ. Зашто тешкотии имало: минатото оставило длабоки рани. Но, веќе во 1958 година, по петнаесет години слободен живот, Македонија го имала изменето својот лик. И само оној што не дошол во Македонија со отворено срце не можел да ја види! Близнаков дошол во Македонија со љубов, со желба за посреќна иднина на слободниот дел на неговата татковина – Македонија.

По враќањето во Гери, Близнаков испратил срдечни писма до многу пријатели во Македонија. Така, мостот преку Океанот меѓу САД и Македонија станал уште поширок, уште поцврст! Меѓу другото, тој упатил писмо сомногу искрени зборови до Матицата на иселениците од Македонија и до Редакцијата на списанието ,,Македонија”.

По враќањето во Америка кај Атанас Близнаков се роди мислата и желбата дефинитивно да се врати во Македонија. За сето време беше опседнат со идејата да направи нешто со што ќе може на некој начин да и помогне на својата татковина, на својот народ што толку многу го сакал. Така се роди мислата за основање на Фондацијата “Атанас Близнакоф” за стипендирање студенти од Универзитетот во Скопје.

Желбата на Атанас и Славка Близнакови да дојдат постојано да живеат во слободниот дел на Македонија им се исполни во 1976 година. По поголем број преписки и договори со Матицата на иселениците од Македонија, со Ректоратот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” и со други институции и поединци, тие пристигнаа во Скопје, каде што срдечно и топло беа пречекани.

Организирањето на нивниот престој, сместувањето воопшто на нивниот живот беше, пред сé, на Матицата и на Ректоратот. Најпрвин беа сместени во зградата на Ректоратот, потоа во Карпош IV во кула 14 (една од убавиците како што луѓето ги викаат тие неколку згради), во I влез, I кат, стан бр. 3, трисобен стан чија површина беше 82 м2 на ул. ,,Вич” бр. 24/3 Карпош ИВ.

Всушност, станот во Карпош му беше доделен на Атанас Близнаков на 15.VII.1977 година од Комисијата за распределба на станови со кои располагаше Извршниот совет на Собранието на СРМ.

Во 1979 година Атанас го доби станот на ул. ,,Орце Николов” бр. 75 II влез, исто така од Извршниот совет на СРМ. Таму остана да живее сé до крајот на својот живот, таму престана да чука неговото благородно срце. Овој стан е сопственост на Атанас (купен со заробени средства), а како наследство на неговата внука Нуша Пачкова  која го гледаше и се грижеше за него и за тетка Славка до последен момент.

Во овој стан на Собирот на станарите, 1978 година Атанас Близнаков, заедно со уште еден станар, беше избран за член на Куќниот совет.

Исто така, по доаѓањето во Македонија, Атанас наоѓаше слободно време да учествува во активностите на Матицата на иселениците од Македонија, во Институтот за национална историја и во други институции. Меѓутоа, Д’мбени му беше втора љубов. Затоа беше активен во Иницијативниот одбор на Д’мбенската средба, која од првото одржување наиде на широк одек кај д’мбенци.

atanas4

Осумнаесетти април 1977 ќе биде запишан со златни букви во аналите на Фондацијата “Атанас Близнакофф”. На тој ден, 148. пленарна седница на Советот на Универзитетот Св Кирил и Методиј од Скопје се одржа и тоа е свет момент, на прославата за македонските академски институции, како и значаен настан во животот на Атанас Близнаков и Славка. Всушност, на 18 април 1977 година камен-темелникот на оваа добротворна организација беше поставен.

На седницата беше донесена одлука за основање на Фондацијата “Атанас Близнакофф”, да обезбеди стипендии за студентите на Универзитетот Св Кирил и Методиј од Скопје, кој постигна извонредни резултати во нивните студии, но кои немаат доволно пари да плаќаат за нивното образование.

Денес фондацијата “Атанас Близнакофф”, е прва од ваков вид во Македонија, создава голем интерес кај студентите, јавноста во Републиката, и македонските иселеници во странство. Тоа, пред сè, е гордост и радост на своите донатори Атанас Близнаков и Славка; подарок за млади и за Македонија, но и поттик за другите добродетели, без разлика каде живеат, да им помогне во забрзување економски и културен развој во својата земја.

Фондацијата “Атанас Близнакоф” при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје има свој Статут по кој работи. За остварување на целите и задачите на Фондацијата се грижи Управен одбор чиј претседател е ректорот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а потпретседател и доживотен член е авторот на овие редови Славе Катин.

За животот и делото на Атанас и Славка Близнакови се напишани две моногравски дела. Монографијата „Атанас Близнаков” (2000), на македонски јазик во издание на Ректоратот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” и Министерството за иселеништво на Република Македонија од Славе Николовски-Катин  и монографијата „Атанас Близнакоф” (2017), на македонски и на англиски јазик. во издание на Ректоратот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” исто така од Славе Катин.

Монографиите се документи за Атанас Близнаков, доблесен иселеник, за кого постојано ќе навираат спомени, а најмногу ќе се потсетуваат студентите – стипендисти на Фондацијата ,,Атанас Близнакоф”, за неговото хумано и патриотско дело, зашто тој останува да живее во историјата на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, на македонското иселеништво, на македонскиот народ и на Република Македонија.              

Во двете монографии за Атанас Близнаков се прави обид да се фрли светлина врз неговиот животен пат, со посебна нагласка на неговата донаторска дејност. Трудовите се компонирани во повеќе делови, во кои секој има по повеќе глави, претставувајќи хронолошка и тематска заокружена целина, иако во основа тие меѓусебно се надоврзуваат и се дополнуваат.

Атанас Близнаков со неговата сопруга Славка живееше во Скопје повеќе од дваесет години (1976-1998). Во тој период Близнаков публикуваше две книги. Првата е ,,Д’мбени и револуционерното минато во  Костурско”, издадена од Издавачката куќа ,,Мисла” од Скопје во 1982 година, а втората е ,,Националната, политичката и културната дејност на Македонците во САД и Канада”, што ја издаде ,,Култура” од Скопје во 1987 година.

Книгата за неговото родно село Д’мбени има цел да ја запознае младата генерација со активностите, дејноста, корените и животот на Македонците од Костурскиот крај, кои, не по своја вина, се распрскани насекаде по светот, но со душата се врзани со дедовската земја.

Во второто дело ,,Националната, политичката и културната дејност на Македонците во САД и Канада” го презентира македонското иселеништво, особено првата генерација доселеници во САД и Канада. На многу жив и наративен начин го дава интегрирањето на македон­ското иселеништво во новата средина, организирањето на македонски­те друштва и клубови, весници, организации и црковни општини. Книгата, всушност, е пресек на историјата и збиднувањата на македонските доселеници во САД и Канада.

Близнаков има објавено и поголем број текстови во информа­тивни гласила во САД и во Македонија, особено во списанието ,,Македонија”, гласило на Матицата на иселениците од Македонија, сега на Министерството за иселеништво, во весниците ,,Нова Македонија”, ,,Вечер”, ,,Студентски збор” и во други гласила со кои тој остана приврзан до крајот на својот живот.

Атанас Близнаков беше големиот хуманист, на кого Македонија му е вечно благодарна, особено Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде неговото име го зазема почесното прво место на Спомен плочата на донатори, изработена во знак на почит и благодарност кон сите кои дадоа значаен придонес во создавањето и развојот на творечкиот подем на Универзитетот.

atanas5  atanas6           

За своето големо дело Атанас Близнаков е одликуван со Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда, од тогашното Претседателство на СФРЈ, го добил највисокото републичко признание наградата “11 Октомври”, потоа со Плакета на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, со Плакета на Одборот на децата бегалци од Егејска Македонија, како и многу други плакети и благодарници. Toj e прв добитник на медалот “Св. Климент Охридски, што  по повод 2000 години од христијанството тогашното  Министерството за иселеништво, на истакнати поединци, асоцијации, клубови и добротвори (дарители) и луѓе кои на најразличен начин помагале за афирмација и нарпедок на Република Македонија и македонството воопшто.

Може да се заклучи дека Атанас Близнаков со формирањето на Фондацијата „Атанас Близнакоф” отвори една нова страница во историјата на донаторството за Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје, за македонските студенти, македонскиот народ, македонското иселеништво и Македонија.

Продолжува

slave 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН 

 

На прво место

News image

СДСМ треба да ги бара во своите редови членовите на рекетарско-политичко-судско-медиумски октопод

СДСМ треба да ги бара во своите редови членовите на рекетарско-политичко-судско-медиумски октопод ...

Иселеници

News image

31 годинишно постoење на Фондацијата „Петар Стаматов“ (6)

МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ – САД

Култура и туризам

News image

МОЈА АНТОЛОГИЈА

 Проф. д-р. Марко Китевски Меѓу македонските лирски народни песни љубовните заземаат водечко м...

Фељтон

News image

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ (18)

ТЕСАЛИСКОТО ПЛЕМЕ ТИРОИ -  II ДЕЛ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.