Среда, 29 Јануари 2020   
РАДА ВИДИНОВСКА И НЕЈЗИНАТА ПОСВЕТЕНОСТ НА ПОЕЗИЈАТА (13)

nagradi1

РАДА ВИДИНОВСКА ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ИСЕЛЕНИЧКА ГРАМОТА“ НА 31. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

За поетесата Рада Видиновска 31. Струшки вечери на поезијата во 1992 година ќе останат забележани со златни букви. Тогаш се случи на Рада да ѝ биде врачена наградата „Иселеничка грамота“, што во 1992 година за првпат се додели на поет од дијаспората, за севкупниот творечки опус

Ова високо признание, извонредно естетски обликувано, на кожа што го симболизира и името, во 1992 година ѝ беше врачено на Рада Видиновска, поетеса од Торонто, Канада, која истовремено во тој период беше и претседател на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ од овој канадски град. Веднаш да кажеме дека објавувањето на нејзината збирка „Бисерни капки од Нијагара“ беше реализирано во НИП „Везилка“ и Клубот на писателите „Стале Попов“ од Битола и е прва збирка на македонски автор што живее во Канада

Во излагањето за поетесата Рада Видиновска беше речено дека таа е родена во село Живојно, Битолско. Во Торонто, Канада живее од 1970 година, а веднаш  по населувањето во овој град се зачленува во македонските иселенички организации и црковни општини, каде дава свој конкретен придонес во зачувувањето на македонскиот јазик во новата татковина. По формирањето на Литературното друштво „Григор Прличев“ во 1987 година станува и негов секретар, а во 1992 година станува и претседател на Друштвото.

nagradi2

Уште од млади години се занимава со поезија . Објавува песни во весникот „Обединети Македонци“, како и на страниците на литературните весници во Република Македонија, „Современост“, списанието „Македонија“, „Развиток“ и други.

„Македонија над сѐ“ е наслов на воведот на почетокот на малата но значајна збирка поезија на Рада Видиновска „Бисерни капки од Нијагара“ од Анте Поповски. Тој, меѓу другото, напиша дека пред себе имаме ракопис на еден исконски плач и тага по татковината. Татковината во овие песни си има свои длабоки корени во свеста на овој народ. Како и поезијата на сите знајни и незнајни, кои во срце ја носат Македонија како волшебен амблем, како што е случајот со Рада Видиновска.

Срдечно го поздравуваме првиот настап на Рада Видиновска на сцената на македонската литература. Длабоко сме уверени дека неосквернатиот порив на нејзиното пеење ќе има длабок одраз во свеста на секој македонски читател. Секоја песна во оваа книга е болно обраќање на поетот кон сечии корени што потекнуваат од благородната македонска почва“, - вели меѓу другото во својот вовед Анте Поповски. Затоа беше речено дека Одборот верува дека доделувањето на наградата „Иселеничка грамота“ на Рада Видиновска ќе биде силен поттик на сите творци што пишуваат на македонски јазик надвор од родниот крај, како во дијаспората.

Инаку, во аналите на поезијата е забележано дека Струга е град на поетското празнување како потреба на Македонија но и на светот. Струшкиот фестивал е поетски собир на кој присуствуваат бројни познати светски и домашни  љубители на поетскиот збор. Тогаш Струга е свечено украсена и со ширум отворени двери, го отвора своето срце и срцето на еден  мирољубив народ, за да ги пречека и ислуша поетските пораки на творците од многу земји од светот.

31.  Струшки вечери на поезијата почнаа со антички спектакл со факли, огнови и вода пред Домот на поезијата, крај Дрим. Малку пред тоа беше отворена изложба на академскиот сликар Глигор Чемерски, во фоајето на хотелот „Дрим“, за која вдахновено и со многу поетски метафори зборуваше Петре М. Андреевски.

nagradi3  nagradi4

По приемот што беше приреден на терасата на хотелот, а што за учесниците на поетскиот фестивал го приредија претседателот на Собранието на Општина Струга, Јосе Домазетовски и претседателот на Советот, Петре Бакевски, каде многубројните учесници од земјата и странство имаа можност да се сретнат, сите заедно се упатија кон Домот на поезијата.

Како и секоја година, и во 1992 година, палењето на вечниот оган на поезијата, беше возбудлива глетка, величествена, и со присуство на илјадниците граѓани на Струга и гости, речиси, во невистинито убав природен амбиент на бреговите на Дрим, придонесе во храмот на човекољубието и убавината на сите присутни да им влее малку надеж дека за одбраната на човекот и неговата верба да ги премавне премрежијата што го поклопуваат светот, има надеж...

Како и во минатото, така и во 1992 година, кога на Рада Видиновска ѝ беше доделена „Иселеничката грамота“, свечено беа отворени Струшките вечери на поезијата со една од најубавите песни во македонското поетско творештво, „Т’га за југ“ од Константин Миладинов. Во Домот на поезијата преполн до последното место, а во присуство и на тогашниот претседател на Република Македонија - Киро Глигоров, беше приредена манифестацијата „Поетски меридијани“, на која настапија повеќе поети од многу земји: Франција, Велика Британија, Луксембург, Италија, Германија, Унгарија, Турција, Албанија, Бугарија, Романија... Нивните поетски пораки и обраќања прозвучија како голем празник на духот, славје на храброста и достоинството на човекот, на љубовта, на убавото и возвишеното...

nagradi5

Матица на иселениците од Македонија

Во текот на манифестацијата Струшки вечери на поезијата учесниците беа на разгледување на културно-историските споменици во Охрид. Потоа, во вилата „Билјана“ ги прими претседателот на Република Македонија, Киро Глигоров, од каде кон светот беше упатен и апел на сите присутни, за што поскоро признавање на Република Македонија. Во попладневните часови беше претставена македонската литература во светот меѓу две Струги, со воведна реч на Бранко Цветковски; беше прогласена најдобрата песна на Струшките вечери на поезијата, врачување на наградата на „Нова Македонија“, како и врачувањето на наградата „Иселеничка грамота“.          

Во доцните вечерни часови, во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид беше претставен поетскиот портрет на добитникот на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, што таа година му припадна на унгарскиот поет Ференц Јухас. Воведна реч за поезијата на овој голем поет, визионер на своето време, направи Паскал Гилевски, преведувачот на поезијата на Јухас на македонски јазик. Потоа славеникот, унгарскиот поет Ференц Јухас одржа беседа, истакнувајќи дека поезијата на човекот е вера, вечна вера. Вера во опстанок.

„И вие, и јас знаеме дека светот постои за да се преобрази во песна! А песната е затоа за да го содржи во себе светот, за да гори, за да се мачи, за да јачи и да ја љуби вселената во материјата исткаена од зборови. А работата на поетот е, рече меѓу другото Ференц Јухас: Именувањето, повикувањето, за да ги извлече предметите од маглата на рамнодушноста и да ги озрачи беспомошните, ѕвезди – сираци на бога. За да ги очовечи природата и историјата. Што друго би била спасителната поетска свест, светската смисла на поезијата?

Ова не го кажувам затоа што вие божем не ја знаете работата на поетот во нашиот свет, туку затоа што вие, македонските поети, сте носители на верата, вие сте вероносците на поетската набожност и љубов. Вера за создавање нешто ново, создавање на она кое според својот закон не смее да се напушти, беше кажано меѓу другото.

Последниот ден од другарувањето на поетите од земјата и светот беше продолжено на традиционалниот излет на „Свети Наум“, со брод, којшто тргна од пристаништето пред хотелот „Бисер“, а во извонредна атмосфера, со размена на адреси, чествувања, говорење стихови, македонска песна и игра, овој излет заврши во попладневните часови.

Највеличествената манифестација на Струшките вечери на поезијата се „Мостовите“. Како што велат сите оние што учествувале на овој толку празничен настан и чест за секој поет, „празник над празниците“. Развиорени знамиња, факли што одблескуваат во темните води на Дрим, огномети што го осветлуваат небото, наоколу илјадници луѓе, свечено облечени, од двете страни на реката, на кејовите, на балконите, насекаде ...

Затоа, со право се вели дека Струшките вечери на поезијата се празник на поезијата, на човекот, на сите што веруваат во утрешнината на човекот и неговата борба против насилството и мракот... 

31. Струшки вечери на поезијата во 1992 година за Рада Видиновска ќе останат трајно забележани, на кои со големо задоволство таа ќе се сеќава, бидејќи го отвори патот за идните поети од иселеништвото да земат учество и да бидат наградувани, како што таа стана носител на „Иселеничката грамота“, награда што на Струшките вечери на поезијата првпат ја додели Матицата на иселениците за нејзиниот севкупен творечки опус.

Инаку 31. Струшки вечери на поезијата, покрај поетесата Рада Видиновска, како претседател на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Торонто, Канада учествуваа и поети од македонското иселеништво, што дадоа свој придонес во поетското славје од сите меридијани. Тоа беа Благица Дафовска и Никола Белчевски, исто така, членови на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Торонто и Саво Костадиновски, поет од Келн, Германија.

Според програмата на Советот на Струшките вечери на поезијата, Рада Видиновска настапи на првата вечер именувана како „Поетски меридијани“, а Благица Дафовска и Никола Белчевски своите творби ги читаа на манифестацијата „Мостови“. Настапот на поетите иселеници, како и секогаш, беше топло примен од љубителите на убавиот збор.

Продолжува

KatiN

Пишува: СЛАВЕ КАТИН    

 

На прво место

News image

Заев е исплашен од сопствениот народ

Заев е исплашен од сопствениот народ кој вечерва чекореше за право, правда и крај на криминално ре...

Историја

News image

Грчки фашисти

Грчките фашистички окупатори си даваат за право да присвојуваат Македонска територија историја и и...

Иселеници

News image

СРЕДБИ КОИ СЕ ПАМЕТАТ

Поранешниот претседтел на Репубика Македонија Ѓорѓе Иванов...

Култура и туризам

News image

Д-р Виолета Ачкоска - познавач на македонската историја (9)

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ЛИЧНОСТИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ...

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (9)

IV РАЗВОЈ НА ПАЛЕОГРАФИЈАТА НА БАЛКАНОТ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.