Среда, 08 Април 2020   
85 ГОДИНИ ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА ГОЈКО ЈАКОВЛЕСКИ, АЛИАС ГОЦЕ МАКЕДОНСКИ (6)

111

ЗАМИНУВАЊЕ ОД ЗУБОВЦЕ ВО СОФИЈА

Гојко Јаковлески, алиас Гојко Делчев-Рафкин – Гоце Македонски  е горд на своите семејни корени и кон фамилијата се однесува со голема љубов и почит. Раскажува  дека дедо му Петко, (татко на татко му) заминал млад за да работи во Цариград („Стамбол“ – Истанбул). Тој работел во фурната на неговиот прв братучед, „тате Јане“ и починал млад во 1920 година, на 28-годишна возраст, оставајќи три мали деца. Татко му Делче во тоа време имал 10 години, а неговиот брат „тате Јорде“ имал 11 години, додека нивната сестра, тетката Васка била на 12-годишна возраст.

Дедо ми Петко бил погребан во бугарските православни гробишта во Истанбул, каде и сега се наоѓа неговиот вечен дом.

Како што вели Гојко, фурната на „тате Јане“ убаво работела сѐ до погромите што биле извршувани од страна на Турците врз ерменското население, а, исто така, и врз грчкото население, но и врз другите христијански народи кои во тоа време живееле во Турција. Така, вели тој дека „тате Јане“ бил приморан да го напушти Истанбул и со семејството да се пресели во Соединетите Американски Држави, во Чикаго, каде што и денес живеат неговите две ќерки Мара и Ефка и синот Форе, додека другиот син, Јаков , по професија лекар починал во 2009 година.

Едно од трите деца на дедо му Петко, „тате Јорде“ со години живеел во Софија, Бугарија, каде што имал сопствена фурна и слаткарница, додека неговиот татко Делче, останал да живее во селото Зубовце, Гостиварско, но одвреме-навреме подработувал во Софија кај неговиот брат Јорде (за Гојко „тате Јорде“).

112

Софија

Одисејата на Гојко започнала кога тој бил на седумгодишна возраст. Тогаш од Зубовце заминал да живее во Софија кај „тате Јорде“ и стрина му, за Гојко „мама стара Филка“ од село Пожаране.

Судбината на своите предци-печалбари ја имал и Гојко, кој на седумгодишна возраст се одделува од родителите и заминува во Софија, во екот на Втората светска војна. Во 1942 година, од Софија во Зубовце дошле Јорде и Филка, братот и снаата на Делче. Цел на нивното доаѓање била да го посинат Гојко, да го земат со нив, да живее во Софија и таму да го школуваат. Јорде сакал да има и син, покрај четирите ќерки, да се гордее со него меѓу еснафот и пријателите. На брат му Делче му кажал зошто е дојден и барал од него да му ја оствари големата желба да има син, а Делче како помал брат морал да го слуша и да ги исполнува барањата на постариот брат Јорде.

Тогаш Македонија (Вардарскиот дел) била дел од „кралска“ Југославија, во вртлогот на Втората светска војна. Во гостиварските краеви дејствувале разни разбојнички албански групи – „качаци“, „балисти“ и разни организирани воени единици, корпуси, под раководство на Хитлер и на италијанскиот фашистички лидер Мусолини, така што, за македонските деца немало никаква можност за какво било школување, или што било друго. Тоа биле тешки времиња во Македонија.

Гојко со тага на срцето нагласи дека, во тој период луѓето заминувале на „гурбетлак“, односно печалбарство што не било воопшто нешто туѓо и за нивното семејство, бидејќи имале вековна традиција, да одат во туѓина, да се проба да се бори за подобар живот, иако секогаш со мислите биле во родниот крај, во татковината, Македонија.

Гојко како што рече имал искуство со двете таканаречени „комунистички држави“ – Бугарија и Југославија (едната со комунистички систем, а втората со социјалистички), коишто наводно се бореле за едно бескласно општество, за правда, за рамноправност, а всушност, на дело создавале нова класа, класа на функционери, на партиски определените. Во овие држави се воведувал невиден терор против секој оној кој ќе се спротивставел на едноумието и ќе имал друго мислење, поточно, ќе го искажал своето сопствено убедување.

Во Софија, во средно училиште, како ученик – гимназијалец застанал во одбрана на Јосип Броз Тито и неговите реформи, неговата политика кон Македонија, бидејќи сметал дека Македонците можеле слободно да се идентификуваат како Македонци, бидејќи имаат Македонска  православна автокефална црква, беа признати како посебна нација. Честопати се случувало и да влезе во одредени полемики и расправии во училиштето, по што еднаш влегол во расправија со високи офицери, кои „тате Јорде“ морал со сопругите да ги смести во нивниот стан на улица „Јанко Саказов“, во близина на театарот на „Трудовиот фронт“.

После Втората светска војна имале проблеми за живеалиштата и за стекнувањето на правото за живеење во Софија. Во тој период постојано бил провоциран со тврдењата дека наводно Тито се продал на капиталистите, поточно на Велика Британија и на Соединетите Американски Држави, а во дневните весници секојднево излегувале карикатури на Тито облечен во униформа на маршал со капа, држејќи во едната рака секирче од чии острици капела крв, а под цртежот бил испишан текст во кој биле напишани сите југословенски народи со имињата на сите републики, додека во левата рака, која била свртена наназад, „чичко Сем“ му давал долари, што претставувало симбол на тогаш озлогласената и омразена Америка.

Како што вели Гојко, „тате Јорде“ постојано го советувал, го предупредувал и му велел да се стрпи, оти во реалноста, всушност, станувало збор за тоа дека е опасно време, „Информбирото“, Сталин, Советскиот Сојуз и сите таканаречени социјалистички (комунистички) земји биле против „отпадникот“ Тито. Човек можел за мала ситница да настрада и да изгуби глава. Трајко Костов, по потекло од Македонија бил висок функционер, претседател на Владата, и бил обесен, бидејќи наводно бил агент на Тито.

Но, подоцна во периодот додека бил средношколец во Софија почнал да се сомнева во исправноста на политиката на Тито кон Македонија, особено го загрижувало проблемот со поделеноста на македонскиот народ во три држави. Сѐ до 1949 година ги потпомагале Македонците од ДАГ (Демократската армија на Грција), во која учествувале многу Македонци кои се бореле против монархо-фашистичката антимакедонска власт. Тогаш Тито извршил невидено злосторство со затворањето на границата со што борците не можеле да преминат во слободниот дел од Македонија и со тоа да се спасат од грчките фашисти.

Според Гојко, Тито и раководството на Федеративна Народна Република Југославија до 1949 година ја поддржувала борбата на македонскиот народ кој рамо до рамо се борел со грчките прогресивни сили за ослободување на Грција од канџите на монархистичкиот грчки режим. Подоцна, Тито со затворањето на границата кон Република Македонија извршил нечуено предавство и злосторство кон македонскиот народ од Егејска Македонија.

Само во тие неколку години погинале повеќе од 30.000 борци на границата. Останатите Македонци успеале да ја напуштат Грција и да пребегнат и да се раселат во други земји ширум светот, а некои успеале спасот да го најдат во Вардарска Македонија и со тоа да ја преживеат голготата на распарчувањето на македонскиот народ.

113

Јорде со семејството

За тие мрачни времиња Гојко вели дека Македонците преку ноќ биле носени во разни насоки, без да им се даде каква било причина и објаснување. Тито и  целото југословенско раководство стравувале тие да не го разгорат оганот на обединетата и национална револуција и на тој начин да не ја изгубат и Вардарска Македонија.

Борбата на Македонците заедно со прогресивните борци од Грција била загушена во крв од страна на грчите монархо-фашисти кои биле потпомогнати од британската и американската воена машинерија, а и со помош на невиденото предавство на Титова Југославија. Кулминација на сето ова било склопувањето на балканскиот воен пакт со Грција и Турција во 1954 година, истакнува  Гојко Јаковлески.

Заминувањето на Гојко во Софија најмногу ја погодило неговата мајка Рафка, која со месеци плачела и цел живот страдала. Меѓутоа, одделувањето од родителите и животот во Софија ќе бидат пресудни за иднината на седумгодишниот Гојко, тоа ќе го определи неговиот карактер. Работливоста, точноста, жилавоста, одговорноста и професионалниот однос кон обврските ќе му станат секојдневна навика.

Истовремено, кај него ќе се роди огромна амбиција да открива нови светови и постојано да се образува и напредува. Кај него никогаш нема да згасне желбата за патување и откривање нешто ново, ќе стане роб на авантурите што ќе бидат составен дел од неговиот живот. Тие ќе го следат како сенка низ сите периоди на животот.

Во 1955 година Гојко завршил средно училиште - гимназија, со одличен успех а потоа сакал да студира на Техничкиот факултет на Софискиот универзитет. Конкурирал, но бил директно одбиен со образложение дека не е бугарски државјанин. Не добил ниту шанса да го полага приемниот испит. Знаел дека тоа му било казна за „авантурата“ што ја имал со весникот „Нова Македонија“, но и тоа што неговиот чичко не се согласил да прифати бугарско државјанство. Гојко бил разочаран што не му било дозволено да го полага приемниот испит, зашто бил убеден дека ќе го положи.

По 13 години минати во бугарскиот главен град, Гојко во 1955 година се вратил во родното Зубовце, разочаран поради тоа што не успеал да се запише на Техничкиот факултет во Софија. Неговиот чичко како Гојко го викаше „тате“ Јорде го советувал да се запише на Технички или на Медицински факултет во Скопје, а потоа да ги продолжи студиите во Софија. Но, Гојко го одбил тоа и останал  цврст во својата одлука. Засекогаш се вратил во Македонија.

Продолжува

 KatiN
Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

 

На прво место

News image

Пола влада е во изолација, тие говорат за датум на избори

Во денови кога стотици граѓани се заразиле а десетина починале од корона, СДСМ уште зборуваат за...

Историја

News image

Како братот на Манданата, Мито, бил избркан од Бугарите во 1941

Како братот на Манданата, Мито, бил избркан од Бугарите во 1941: Што си дошол, ти си се борел за М...

Иселеници

News image

Одржана свечената Академија за Браќата Свети Кирил и Методи во Сиднеј

Одржана свечената Академија за Браќата Свети Кирил и Метод...

Култура и туризам

News image

ВО ЧЕТВРТОК НА 28 МАЈ Е ГОЛЕМИОТ ГОСПОДОВ ПРАЗНИК СПАСОВДЕН. ЗА МНОГУ ГОДИНИ

ВО ЧЕТВРТОК НА 28 МАЈ Е ГОЛЕМИОТ ГОСПОДОВ ПРАЗНИК СПАСОВДЕН. ЗА МНОГУ ГОДИНИ.

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (22)

ФЛЕГИЈЦИТЕ НА БЕОТИЈА И НА ТЕСАЛИЈА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.