Среда, 24 Мај 2017   
Требениште, археолошка ризница на Македонија

Некрополата Требеништа се наоѓа на 9 км северозападно од Охрид, веднаш покрај селото Горенци. Таа се простира на локалитетите Сува Чешма, Три Чељусти и Вртуљка, како и под самата траса на патот Охрид – Кичево Скопје. Некроплата е случајно откриена за време на Првата светска војна од страна на бугарските војници, по што следувале и првите археолошки ископувања преземени од археолозите Богдан Филов и Карл Шкопрпил. Резултатите од овие истражувања за прв пат биле публикувани во 1927 година (B.D.Filow, K.Schkorpil, Die archaische nekropole von Trebenischte am Ochrida-see, Berlin und Leipzig 1927).

По Првата светска војна и потврдувањето на Бујурештанската поделба на Македонија од 1913 година, истражувањата во Требениште ги продолжуваат српските власти. Др. Миодраг Грбич, еден од првата генерација на образовани српски археолози, кој е пионер во истражувањата на неоткриените праисториски и антички наоѓалишта, по објавувањето на резултатите од истражувањата на Б. Филов и К. Шкорпил, во статијата „Требениште, археолошка ризница на Јужна Србија“, објавена во белградска Политика на 19 јануар 1927 на стр. 4, ќе напише:

„Пред крај на Првата светска војна, Бугарија изнесе од територијата на Јужна Србија (Македонија – н.з) археолошко богаство во вредност од неколку милиони динари во Народниот Музеј, и таму спротивно на Нејскиот договор за мир го криеа досега, кога за истото издадоа книга: Bulgarisches National – Museum in Sofia – Dr. B.D. Filow – K. Schkorpil: Die archaische Necropole von Trebenischte am Ochrida – Sec. Berlin ind Laipzig 1927.

Лежат тие седумина погребани во два реда. Главите им се поставени на запад, а затоа очите им го гледаат секое утро раѓањето на сонцето на исток, но тоа не ги буди. Тоа сонце, кое некогаш им давало живот, не беше во состојба да ги отргне од вечната темница во која се преселиле. Дошле војници, како и оние што биле пред 2500 години, меѓутоа војници, кои зборуваа на друг туѓ јазик и војуваа со поинакво оружје, од чиј звук се тресеа во гробовите. Тие ги грабнаа од вечната темница. Не им го вратија животот, но им го одзедоа мирот кој владее во вечната темница и ги донесоа мртви меѓу живите, за живите да мислат за времето и состојбите кога тие живееле.

Кон половината на 1918 година, за време на Првата светска војна, Бугарите при поправката на патот Охрид – Кичево, два километри јужно од Требениште, открија седум гробови со богата археолошка содржина. Гробовите се во облик на неизидани јами поредени во два реда. Испружените мртви се правилно ориентирани од запад кон исток. Содржината на поедини гробови меѓусебно се согласува, така да секој гроб содржи од воената опрема: меч, копје, штит и шлем; од предмети за домаќинство: кратери, амфори, хидрии, оинохое, чинии на троножец, тави и мали садови од стакло и аројанси; од накит: игли и златни плочки. Содржината на гробовите ни дава слика на дневниот живот на овие луѓе, чија престава за задгробниот живот не се одвојуваше од оваа слика. Затоа сите мртви биле погребувани со сето она што давало значење на нивниот секојдневен живот, за таквиот ист живот да можат да го продолжат  и после смртта. Содржината на овие гробови зборува дека тука лежат седум војници, опремени за задгробниот живот во полна борбена опрема, со садови за јадење и пиење, со мали садови за маст и масло, и со накит со кој ја украсуваа својата облека и опрема.

На лицата на двајца воини најдени се посмртни маски од злато, украсени наоколу со меандри и плетени орнаменти, слично е украсен и отисокот на десната рака на еден со прстен. Еден имаше златен околувратник со орнаменти од розета, лотосов цвет и два лава хералдички поставени. Шлемовите на некои и бојната опрема била украсена со златни плочки геометриски орнаментирани. Целиот овој златен накит имал чисто сакрално значење. Не само маската и отисокот на раката, туку и околувратникот и златните плочки не можеле да бидат употребувани поради својата убавина во секојдневниот живот.

Предметите од сребро, садовите-кантарен, рог-пехар и висока чаша, иглите со спирални, купулести и дупнати главички, како и оние удвостручени  со тројна свиткана глава, ланци и плетени жици, сето тоа служело во секојдневниот живот, како што е и со предметите од бронза, железо, стакло, керамика и др.

Од бронза се големите садови. Кратер со волутови уши, кои се потпираат на Медузи; околу вратот се поредени фигури на крава. Кратери со колонетови уши, кои ги потпираат змии. Кратери без уши украсени на грбот со фигури на јарци. Амфора и хидрија без особени пластични украси. Оинохос, еден со уши – статуа на свиткано момче кое со назете се потпира на палмета со волути, а со рацете држи опашки на лавови кои лежат на ивицата на садовите; други помалку украсени. Двоушни чинии на три нозе во облик на лавовски канџи. Тава, една со дршка која завршува во лебедова глава, а друг со дршка – елегантна статуа на човек на Горгон. Троножни кадилици. Бронзани се исто така шлемовите, а останатите се т.н. илирски; исто така кованото на штитовите и украсните предмети се од бронза. Воопшто предметите од бронза овде најдобро ја преставуваат уметноста на тоа време. Особено декоративната пластика е најмногу застапена.

Од железо се мечовите, копјата и високите троншци за големите садови. Предметите од стакло, фина керамика, килибар и од глина сочинуваат неприметен збир према претходните.

По богаството и убавината на предметите гробовите не заостануваат еден од друг. Ова богатство не се огледува смо по количината на предметите, кои биле најдени во гробовите, туку по уметничката изработка на овие предмети. Стручното око на Б. Филов добро приметило дека предметите сочинуваат две уметнички групи: првата посилна и втората послаба. Во првата група припаѓаат сите оние предмети, кои не само технички туку и стилски се подобро направени од оние од другата група. Тоа се гледа кај првата група во техничката убавина на изработката и во стилската интепретација на сите оние елементи, кои подоцна во времето  на класичната уметност во Грција го достигнале врвот. Во втората група се гледа техничка несигурност и преовладување на геометриски елементи во стилот. Затоа, точен е заклучокот, дека предметите од овие гробови потекнуваат од две уметнички индустриски центра. Двата центра биле носители на Коримтски стил на архајскиот уметнички период во Грција кон крајот на 6 век пред нашата ера, во кое време спаѓа и некрополата во Требениште. Према тоа првата група би потекнувала од самиот Коринт, а другата од провинцијата на истата културна сфера.

Областа во која е откриена некрополата многу малку е позната во 6 век пред нашата ера. На границата на античка Илирија, Пеонија и Македонија, а во близина на подоцна познатото античко место Лихнидос, сега Охрид, гробовите на овие војници сочинуваат посебна културна група во средината во која се наоѓаат. Тие значително се разликуваат од културата на тоа време на ... Десаретите и Пенестите, евентуално и на Бригите кои етнички за тој крај доаѓаат во предвид, и како што порано е кажано покажуваат културна врска со Грција. И ова прашање Б. Филов го расфетлува успешно. Претпоставува, дека тоа се водачи на грчки платеници кои биле во служба на спомнатите племиња, па за време на племенските војни во исто или во блиско време изгинале.

Книгата на Б. Филов е одлична археолошка студија, но бугарските научници погрешиле во размислувањата. – оставувајќи ги настрана одредбите на Нејскиот договор  - кои налагаат научна објективност, а забрануваат присвојување на туѓо археолошко богатство, чие место е во некој наш музеј. “ 

Во периодот меѓу двете светски војни, истражувањата во Требеништа ги продолжил десетина години подоцна Никола Вулиќ, при што биле откриени уште шест нови гробови кои како и претходните содржеле богати гробни дарови. Требенишката некропола по ископувањата на Филов, а потоа и Вулиќ станал премет на научен интерес заради нејзиното големо значење и тој интерес до денес не е намален. Следувале истражувањата на В. Лахтов и Ј. Кастелиц, В. Маленко, Паско Кузман и др.

Во гробовите на требенишката некропола пронајдени се низа вредни предмети. Меѓутоа, наместо да ги красат домашните музеи, од 825 пронајдени предмети, 258 се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград и 380 во Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид. Предметите кои посебно се издвојуваат потекнуваат од гробовите т.н. кнежевски гробови. Такви се златните погребни маски, златни сандали, нараквици, златен и сребрен накит, масивните бронзени кратери, сребрени пехари и ритони, бронзени шлемови и др.

trebeniste

 

На прво место

News image

Македонија е вечна, а власта не е!

Македонија е вечна, а власта не е! Народот ќе ви врати на следните претседателски избори

Историја

News image

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПС...

Култура и туризам

News image

ВРЕМЕ Е

Чедомир Б.Шопкиќ

Фељтон

News image

Александар Македонски (62)

ИЗГРАДБА НА БРОЈНИ ЗНАЧАЈНИ ХРАМОВИ ПОСВЕТЕНИ НА АНТИЧКОТО ВРЕМЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.