Среда, 30 Август 2017   
Равногорското движење на Дража Михајловиќ во Македонија од 1942 до 1944 г.

Draza Mihailovic

Миливое Трбиќ – Војче бил син на четничкиот војвода Василие Трбиќ. Роден е во Прилеп и во текот на Втората светска војна бил испратен од Равногорското движење на Дража Михајловиќ во Вардарска Македонија за да формира чети. И покрај тоа што ова движење било формирано во Македонија, сепак, тоа не претставувало значаен воено-политички фактор и не можело да му се спротивстави на народноослободителното движење на Македонија.

По Априлската војна во 1941 година, окупацијата и поделбата на Кралството Југославија, на историската сцена се појавиле Народноослободителното движење (НОД) раководено од Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) и Равногорското движење, чиј лидер бил генералот Драгољуб Михаиловиќ-Дража, министер на војската, морнарицата и воздухопловството во Југословенските емигрантски влади од 1942 до 1944 година.

Позициите на двете движења се разликувале, што довело до конфронтација и судир меѓу двете движење во текот на Втората светска војна.Спротивно од НОД, кое се залагало за разгорување и масовна оружена борба против окупаторите за национално, Равногорското движење чекало поволен момент и помош од Сојузниците за победа над окупаторот и освојување на власта.

Равногорското движење се залагало  Југославија да биде уредена како федеративна држава во облик на уставна и парламентарна наследна монархија со династијата Караѓорѓевиќ и кралот Петар II. која би ја сочинувале три федерални единици – српската, хрватската и словенечката. Во однос Македонците, тие ги сметале за Срби, а Македонија за српска земја, која во повоена Југославија би имала статус на Јужна Србија.

Во организирањето и дејствувањето на Равногорското движење на територијата на Македонија активно учество имал Миливој Трбиќ, кој својата активност ја започнал во втората половина на 1942 година. Тој бил испратен  од надлежниот Горски штаб бр. 110 од с. Оруглица кај Лесковац во Македонија заедно со Воислав Сајковиќ и Божидар Видоески. Причините поради кои Миливој Трбиќ бил испратен во Македонија произлегувале оттаму што тој бил син на српскиот четнички војвода во Македонија и пратеник во Собранието на Кралството Југославија од Прилепската околија, Василие Трбиќ. Миливој Трбиќ бил роден во прилепското село Браилово и живеел во Прилепско каде, поради татко му, бил многу познат.

Миливој Трбиќ - Војче требало да ги искористи познанствата и влијанието на татко му за да полесно воспостави контакти, да агитира и да го организира Равногорското движење. Согласно со наредбите, по пристигнувањето во јуни 1942 година во Македонија, Миливој Трбиќ започнал активности за организирање на Равногорското движење во Прилепско и во Азот. Тој подолго се задржал во Порече и Прилепско, каде се обидувал да создаде великосрпски четнички бази.

Во Прилепско, меѓу првите села што ги посетиле било родното село на Миливој Трбиќ, с. Браилово. Во селото бил одржан состанок со мештаните, а потоа активноста била насочена кон прилепските села Слепче, Црнилиште, Рилево и други. На лицата кои присуствувале на организираните средби им било укажувано да пропагираат против НОД, да ја шират мрежата на Равногорското движење, да собираат оружје и да го чуваат, да собираат податоци за личностите кои би можеле да војуваат и дека во одреден момент ќе бидат повикани за борба. Освен ваквата пропаганда, Миливој Трбиќ во Прилепско формирал и одред составен од околу 15 лица, под негова команда, кој во ноември 1942 година се расформирал.

Во овој период  Миливој Трбиќ – Војче стапува во контакт и со преставници на прилепското народноослободително движење. Во извештајот од 8 септември, испратен до Месниот воен штаб за Прилеп, Перо Крстевски, комесар на прилепскиот партизански одред, меѓудругото за средбата со Војче Трбич ќе го забележи следното:

„ ... Со Војчета Трбича се состанав со него је и Сугаре Ѓоре, кој го сослушав за се шо мисли тој и зашто је дојден. Тој ми рече да је испратен и опуномочен од Дража Михајлович да организира партизански чети.

Начино на борбата мисли вака да је води: заједнички со нас војни комитети по села, заједничко снабдевање со храна и оружје заједничка борба по потреба да се здружува четите за напад а после пак да се раздела, само посебна команда и, распоред во четите, посебни штабој, само 1 врховни штаб заједнички, инаку никако напаѓање едните другите. Веза ми даде кога сакам да се состаниме со него, тој до сега нема организовано чети а мисли да организира како ми рече, а во Албанија имало организирано до сега 2 чети и то и предводел Крсте од Белица стар кумита, за тије што се дојдените во Порече, во српската униформа и тој знајел за ниф, само до сега немал врска сега испратиле чојек за веза, па ке ни кажел ко ке дознајел. А тамо кружа гласој да биле испратени од Недича да се бора против нас. (АМ. ~Ф.- Прилепскиот одред. К. 39, инв. бр. 3279.)

По остварените активности во Прилепско, Трбиќ се упатил во Азот (Велешко) каде што сметал дека има услови да го организираат Равногорското движење. И тука биле остварени контакти со НОД на Македонија, односно биле одржани две средби. Првата средба била водена во с. Мокрени. Втората средба била остварена на планинскиот предел меѓу селата Габровник и Слепче или во с. Слепче. Како и на средбата во с. Мокрени, на Трбиќ му било укажано дека програмата што ја застапувал не е прифатлива во Азот. По овие разговори, откако увидел дека нема сигурен терен за натамошни активности, Трбиќ го напуштил Азот и се префрлил во Порече, каде останал до есента 1942 година. Во ноември истата година бугарската власт го провалила Равногорското движење во Македонија и извршила апсења во подрачјата на Куманово, Скопје и Порече, поради што  Трбиќ заминал за Прилеп и во декември 1942 година пристигнал во Кичево. Тука бил снабден со документи за легален престој на италијанското окупационо подрачје во Западна Македонија и по краткиот престој во Кичево, преку Тетово, Приштина и Призрен, во јануари 1943 година Трбиќ пристигнал во Горскиот штаб во Србија.

Во јуни 1943 година, Вонредниот воен суд на окупациските власти во Македонија, во отсуство го осудил Миливој Трбиќ на казна од 15 години строг затвор. Иако Равногорското движење претрпело неуспех во Македонија, поради организирање на територијата десно од р. Вардар, во средината на 1943 година Горскиот штаб повторно на чело со Војче Трбиќ упатил група во Македонија. Вооружена со пушки и шмајзери, групата се упатила кон Македонија и преку Кумановско и Скопска Црна Гора, во август пристигнала во Порече.

По пристигнувањето во Порече, групата започнала акција за организирање на Равногорското движење, а биле преземени чекори и акции за организирање на прилепските села Рилево, Зрзе, Маргари, Долгаец, Стровија, Слепче, Браилово и Секирци. Според планот, Равногорското движење требало да проникне и во Битолско, но тоа не се случило.Дејствувањето на Равногорското движење во Порече било забележано од НОД. На 20 јануари 1944 година, секретарот на Вториот областен комитет на КПМ, Благоја Талески, упатил извештај до Централниот комитет на КПМ со кој го известил дека во ноември 1943 година четата на Миливој Трбиќ одржала митинг во с. Лупште. На митингот, Трбиќ истакнал дека четниците се бореле кралот Петар II Караѓорѓевиќ да се врати на власт. Во неговиот пропаганден говор, потенцирајќи дека тие не знаеле за што се борат. Во тој период четата се состоела од околу 60 борци, меѓутоа, во јануари 1944 година нејзината бројна состојба се намалила на 40-45 борци.

Истиот месец, во с. Браилово била одржана средба меѓу НОД на Македонија и Равногорското движење. Уште во текот на подготовките за оваа средба, претставниците на НОД одлучиле соработка со Трбиќ да се оствари само доколку тој ја прифати линијата на НОД на Македонија. Меѓутоа, длабоките спротивности меѓу целите и карактерот на двете движења, кои дошле до израз и на оваа средба, оневозможиле било каква соработка. Во еден документ од 5 април 1944 година за дејноста на организацијата на КПМ во Прилепско во периодот 17 март – 2 април 1944 година, било укажано дека активноста на Миливој Трбиќ се одвивала на потегот меѓу селата Крапа и Браилово, а бил придружуван од 7 слабо вооружени лица. Најчесто престојувал во с. Браилово, дење бил во планината, додека ноќе доаѓал во селото каде што вршел пропаганда, укажувајќи дека партизаните се бореле за интересите на Бугарија.

Според плановите, Трбиќ имал задача во Прилепско и во Азот да формира чети на Равногорското движење. Требало да ги формира Прилепската и Велешката бригада со кои требало тој да командува. Двете бригади и Поречката бригада, требало да бидат во составот на Поречкиот корпус на Југословенската војска на татковината. Во јули 1944 година Трбиќ ја формирал Прилепската бригада, која броела околу 40 лица. Во јуни истата година Трбиќ заминал да формира бригада во Битола, која заедно со Мариовската и Ресенската бригада требало да го сочинуваат Битолскиот корпус. Фактот што овој корпус не бил формиран упатува на заклучокот дека не биле формирани ниту Мариовската, Ресенската и Битолската бригада. Успеси не биле постигнати ниту во обидите за формирањето на Велешката бригада во Азот со што Равногорското движење на овој терен не остварило големо влијание.

Во текот на летото истата година доаѓа и до судири меѓу српските чети и македонските партизани. На 2 јули 1944 година, на теренот во областа Азот – Прилеп, кога една диверзантска група на партизанскиот одред „Трајче Петкановски“ се упатила да постави мина на железничката пруга, наишла на четници со кои се судрила. Познато е дека во редовите на четниците имало жртви и ранети, но не и колкав бил нивниот број. Во редовите на НОД немало жртви. Во летото 1944 година една четиричлена патрола на НОД, која се упатила да изврши минирање на пруга, се судрила со четниците од кои тројца загинале. Друг судир меѓу НОД на Македонија и Равногорското движење е забележан во август 1944 година судир меѓу одредот под команда на Миливој Трбиќ со Прилепски одред, при што биле убиени тројца четници.

Во тоа време, во август 1944 година, во Порече биле реализирани преговори меѓу 5. македонска народноослободителна ударна бригада и Равногорското движење во духот на Договорот од островот Вис, по што била формирана 6. поречка народноослободителна бригада составена од четници и од борци на 5. македонска народноослободителна ударна бригада. Со ова, всушност, било ликвидирано Равногорското движење во Порече. Исто така, во духот на Договорот од островот Вис, во Прилепско, претставници на НОД на Македонија во август 1944 г. преговарале со Миливој Трбиќ со цел тој да се приклучи во НОВ и ПО на Македонија.

Во записникот од сослушувањето од Управата за државна безбедност на Миливој Трбиќ на 27 јануари 1947 година, тој вели дека во средината на септември 1944 година се предал на НОВ и ПО на Македонија. Набргу, Трбиќ избегал од редовите на НОВ и ПО на Македонија.

Евидентно е улогата на Миливој Трбиќ – Војче во напорите на Равногорското движење за формирање четнички одреди и дејствување во Македонија. Меѓутоа, иако ова движење било формирано и дејствувало во Македонија, сепак, тоа не претставувало значаен воено-политички фактор/. Тоа дејствувало само на одредени подрачја и не можело да му се спротивстави на НОД на Македонија.

(Извори: Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том втори, Скопје 1981, стр. 466; А. Симоновски – „Учество и дејноста на Миловој Трбиќ – Војче во Равногорското движење во Македонија (1942 - 1944),  Гласник, год 58,бр. 1-2, Скопје 2014, стр.131 – 142)

Македонска нација

 

На прво место

News image

ПОМЕН ЗА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ 1929-1998-2017

По повод 88 од раѓањето и 19 години од смртта, денес на гробот на Драган Богдановски на градските гр...

Историја

News image

Соопштение на ГШ на НОВ и ПОМ за борбите и акциите на партизанските одреди од 2 август до 7 октомври 1942 година

Во текот на Втората светска војна, од почетокот на формирањето на македонските комитско-партизанскит...

Иселеници

News image

Илинден – најсветлиот датум во историјата на македонскиот народ (1)

"Илицден 1903-2003 и македонските иселеници" е дело на Сла...

Култура и туризам

News image

Три години пред последната посета на дедо Јанко на Ботуше јас го напуштив Ботуше

Три години пред последната посета на дедо Јанко на Ботуше јас го напуштив Ботуше. Со иста намера к...

Фељтон

News image

Академикот Божин Павловски – писател и информатор во Австралија (8)

Божин Павловски, е еден од најплодните и најпознатите македонски писатели кој пове...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.