Среда, 21 Март 2018   
Грчката вооружена пропаганда во Македонија - борбите во Ениџевардарското Блато

Georgios Tsondos

„Со спомени за боречките подвизи и за страдањата на (македонскиот народ-н.з) се полни не само планините и населените места на Македонија, но и нејзините бројни езера - Охридско, Преспанско, Костурско, Врабченско, Островско, Ениџевардарско, Дојранско, Лагадинско, Арџанско, Аматовско. Револуционерниот гениј на (Македонецот – н.з) не ги остави неискористени и овие затворени водни пространства, со кои природата го зголемила богатството и разновидната убавината на инаку неговата злосреќна татковина. Брановите на некои од изброените езера ќе го разнасат својот шепотот за легендите на изминатите револуционерни години и ќе напомнат на поколемијата за прекрасните дела на предците. Брановите само на некои ..., зашто дел од езерата во некогашниот Солунски револуционерен округ веќе не суштествуваат. Не постои и најпрославеното меѓу нив, Ениџевардарското. Исушено и претворено во работна земја, денес тоа е само географски спомен. И, сепак, иако не одбележано во мапата на Македонија, тоа ќе продолжи да живее во историјата на македонските ослободителни борби и со ништо не може да се избрише од човечката меморија“ – пишува  Х. Силјанов за почетоците на борбата на македонските чети со андартите во Ениџевардарското Блато.

Македонскиот револуционер и историчар Христо Силјанов, во своето дело „Ослободителните борби на Македонија“говори за борбата на македонскиоте револуционери со андартите во Ениџевардаското мочуриште, која била база на македонскиот револуционер Апостол Петков. Опишувајќи го Езерото и борбите кои се одвиваат во Ениџевардарско, тој вели:

„До 1897 година Ениџевардарското езеро - "Пазарското блато", или едноставно Езерото "Ѓолот", како месното население го нарекуваше, - беше посетувано само од рибари, ловци, собирачи на трска и на други корисни растенија. Имаше десетина колиби изградени во трската, направени од типот на првобитните наколни живеалишта и служеа за потребите на рибарите. Павле Граматиков Кониковски (од с. Кониково, Ениџевардарско), ... страшило за турските деребеевци и Арнаутите, прв се досети да си изгради обична рибарска колиба, која му служеше како тајно засолниште. Апостол Петков Терзиев, организационен војвода после 1897 година, направи уште пред востанието, од Езерото постојано засолниште на четите, Тој го зголеми бројот на колибите и ја усоврши нивна изработка.“

Инаку, Апостол Петков е роден во 1870 година во с. Бојмица, Ениџевардарско, во храброто семејство Терзиевци. (Постарио брат на Апостол, Митре, ајдуковал по Пајак - планина, помалиот брат, Тано, и неговиот братучед, Андон Терзиев. загинаа како четници). Тој бил чувар на железничката линија Солун - Скопје, ајдутин во најблагородна смисла после 1892 година, револуционер, покрстен во Солун од свештеникот Стамат Танчев преку 1897 година и потоа организационен војвода во текот на цели 15 години. Тоа е животот на овој необразовен Македонец, кој со своите вродени дарови на стратег и со своето родољубиво срце, стана еден од најпрославените, најпопулярни и најзаслужни македонски борци. Во Илинденското востание тој излезе неповреден од цел ред најкрвави борби - при Грубевци, Бераковци, Либјахово, Тушилово, Горгопик, Бојмица и Крива и потоа својата база ја постави во Ениџевардарското Блато. Опишувајќи ја базата во ова мочуриште и борбите кои ги води “Ениџевардарското сонце“, Силјанов ќе напише:

„Особено значење Блатото доби за време на тешките години по востанието. Апостол не замина во Бугарија, туку остана во својата околија која ја реорганизира и постави во секој еден од четирите нејзини реони по едно четничко одделение, на чело со десетар. Токму сега, кога некои помислија дека револуционерното движење е згаснато, тој се оддаде на трескавична работа; ги чистеше предавниците и измамниците кои тука се беа размножиле, и ги отстрануваше од време на време по некој од најлошите Арнаути, кехаи и овчари, кои беа необично бројни преку зимата 1903-1904 година од Солунската рамнина. Апостол ја користеше екзекуцијата како поука на сите душмани (обрезани и необрезани); ги бесеше осудените крај населбите или покрај царскиот пат и оставаше на местото белешка со објаснување зошто тој е казнет. Експлоататорите-чифликчии, кајмакамот и мудурите во околијата често добиваа од Апостол писма, во кои ениџевардарскиот војвода им зборуваше со тон на властелин и на повикан закрилник на угнетените и бедните. И тој навистина беше таков. Населението се приврза кон својот војвода-татко, му посвети не една песна и го нарече со изразеното име - Ениџевардарско сонце - сонце, кое со своите зраци ја сече темнината на неговата ропска мака и му го загрева неговото срце со убава надеж. ... Апостол искусно ги мамеше Турците, насочувајќи ги потерите во спротивната насока... Брз во нападите, кои сам ги презема, тој беше мудар и внимателен при наметнатите судари со војската и успеаваше да излезе неповреден и од нај 6езнадеждните положби. Затоа и неговата слава на вешт и неуловлив комита се разнесе далеку и го заинтересира - како по подоцна ќе видиме - самиот Абдул Хамид. Кога пак полето стануваше недостапно, а Пајак несигурен, Апостол исчезнуваше како некаков цар од бајките, во своето Блато.

Во мочуришта наоѓаа засолниште и одмор истоштени од гонење војводи и чети од соседните околии. Таму се испраќаа на долготрајно лекување повредени и болни четници. Таму се носеа заробени тешки престапници за судење. Таму се припремаа и разни акции. Поради тоа бројот на колибите се зголемуваше и стигна до дванаесет расфрлани на еден голем простор на источниот, северниот и особено во западниот дел на езерото – земјата на селата: Зорба, Кирколово, Постол, Голо село, Пласничево, Карајотица и др. Дванаесет погодни за живеење колиби, надвор од бројните други наменети за магацини на муниција и храна. Најпространата и најцврсто изградената колиба беше "Корчуфка", на Кариотско земјиште, наречена од страна на Турците "Џамла колибаси" - колиба со стаклени прозорци. Оваа колиба, седиштето на „Ениџевардарското сонце“, беше 60 квадратни метри, со отворена тераса од сто квадратни метри. Терасата служеше за различни потреби. На терасата, четниците вежбаа, се одмараа, се забавуваа или фрлаа јадица за риби. Таму се месеше леб и се готвеше храна. Таму беше и стопанството на четата: кочини со свињи, кафези со кокошки, итн. Терасата, исто така, имаше и утврден дел: позиции со земјани ровови, непробивни за манлихеровиот куршум.

Спротив тоа утврдено живеалиште се издигаше друга колиба од стотина квадратни метра - склад за муниција, брашно, сирење и други резерви храна, а зад складиштето, на еден километар растојание - колиба-стражарницата за стражар и патролите. На истиот начин, но во помали размери, беа изградени и другите групи од колиби. Изградба на една таква група не беше лесно, иако мочуриштето го даваше речиси целиот градежен материјал: дрвја за колови, гранки за подот и за пополнување на ѕидовите, трска за покривот. Многу потешко беше откривањето и одржувањето на комуникациските патеки меѓу колибите и брегот.

Трската, доминантно растение во мочуриштето, ја покриваше, надвор од слободните водни простори, речиси целата преостаната површина на езерото, достигнувајќи височина до четири метри. Движењето низ оваа густа растителна маса можеше да се направи само по тесните патеки, кои човечката рака мораше да ги открие со сечење на трската што е можно пониско под самата вода, со цел да не заглавуваат чамците. Сепак, "Патеките" бараа постојано одржување, бидејќи бујна вегетација секогаш се обидуваше да ги избрише.

Доколку се оддалечи од патеката, човекот ризикуваше да се изгуби во трската, а потоа со часови да ја бара колибата, која се појавуваше дури откако непосредно не се приближи до неа. Чамците кои се провираат по патеките се направени од едно дрво, рамно дно... Еден таков чамец може да смести две, до три лица, така за да се транспортира чета од 20 –тина души потребно беше да се стави во движење цела флота од десетина чамци.

Животот во мочуриштето имаше свои добри и лоши страни. Добрата страна, тоа беше сигурноста - целосна до почетокот на 1905 година. Турците знаеја тајната на Езерото и дејствуваа. Тие им забранија на рибарите - (Македонци – н.з) да градат колиби и да се занимават со риболов, ги засилија и патролни служба по западното и северното крајбрежие, сметајќи дека така ќе ги изолираат населените комити во мочуриштето. Да влезат, сепак, во непријателското скривалишта тие не можеа. Турските чамци, пловејќи по откриените водни пространства, можеа да се видат од набљудувачниците и можеа да бидат напаѓани, без да можат да навлезат во мочуриштето. "Патеките" беа тајни, а излезите кон брегот - искусно маскирани.

Жителите на мочуриштето, исто така, уживаа некои бенефиции. Тие имаа обилен материал за огрев, можеа да се занимаваат со лов и да ја прошират исхраната со риба и дивеч. Фауната, подводно и надводно, беше толку изобилна и разнородна: јагули и други риби, водни змии, .. желки, диви патки, гуски и други водни птици, жаби во големи количини...

Безбедноста и другите бенефиции, сепак, беа платени од непоколеблива борба против нездравите услови за живеење: воздухот заситен со испарувања и со смрдеа на гнили треви и тиња и вечната влага. Со доаѓањето на ноќта, безброј крвожедни комарци ги започнуваа своите напади и ги принудуваа жителите на колибите да се бранат со груби комарници. Не сите организми беа способни да се приспособат и да се спротивстават на вечната треска.

Очигледно, мочуриштето не беше многу погодно место за санаториум на ранети, болни и за одмор на четниците. И, сепак, тоа беше бараното засолниште затоа што даваше безбедност.

Во следната 1905 година ситуацијата беше радикално изменета. Езерото веќе не е во ексклузивна сопственост на (македонските – н.з) чети. Мирот во него е нарушен и безбедноста не е целосна. Андардите се населиле во некои делови од мочуриштето и го олеснуваат турското пробивање во неговата недопрена природа на мочуришната трска. (Македонците – н.з.) тврдоглаво ги бранеа своите позиции, водеа "морски битки" со странците дојдени од југот и со султанските трупи и ја обијуваат тињата на мочуриштето со крв. И оваа борба на живот и смрт продолжуваше во овој свој прв период цели три години.

Уште кон крајот на 1904 година андартите кои веќе беа уфрлени во Ениџевардарската околија, се обидуваа да навлезат во Езерото. Условите за нив беа добри. Надвор од неколку гркоманско гнезда во Ениџевардарско, андартите разполагаа и со други, многу солидни бази. Тоа се беа соседните околии, Негушка и Бреска, со претежно грчко население, и целата област на југ и југоисток од Езерото - до најдолниот тек на Вардар, од двете страни на реката Кара-Азмак која извираше од Езерото и до Бистрица - наречена од Турците Урумлук. Месното грчко население исто така се занимаваше со рибарство и имаше свои колиби. Значи Блатото им ги нудеше на андартите истите услови за сместување и прикривање, без да зборуваме за благонаклоноста на турската власт и на месните турски жители.

Населувањето на андартите во мочуриштето се манифестираше со напади против (македонските – н.з) рибари. Во почетокот на 1905 година тројца четници, кои штотуку се засолнаа во колибата "Песка" (земјиште на с. Зорба, источниот брег на Езерото) после еден судир со аскерот во с. Бозец, беа ненадејно нападнати од андарти. Едно четничко одделение од соседна колиба им притекна на помош, ги прогони напаѓачите и го затекна во "Песка" комитата Георги хаџи Траев тешко ранет и заврзани десетина рибари, подготвени за колење. Понатаму, во колибата "Големиот песок" четниците најдоа двајца убиени рибари. Во оваа борба, андартите имаа неколку загинати и ранети луѓе. Веднаш после овој настан војската навлезе во мочуриштето и четниците беа принудени да се префрлат во Карајотишките колиби, на следниот брег.“

(продолжува)

Подготвил Т. Каранфилов

 

На прво место

News image

Ти мора да си многу глуп…

Најчевска до Заев: Ти мора да си многу глуп…

Историја

News image

Маkедонiя и младотурkи - Aлеkсандръ Амфитеатровъ (1912)

              Рускиот патеписец Aлександар Амфитеатров во 1912 г., говорејќи за битк...

Иселеници

News image

Д-р Игор Јанев – бранител на името на Македонија

Меѓу големиот број Македонци со различно образование, зани...

Култура и туризам

News image

Дела на Славе Катин посветени на црковното и духовно-националното живеење

Славе Катин припаќа на Преспа, на Македонците во дијаспората, на етничка Македонија и на Македонскат...

Фељтон

News image

Александар Македонски (41)

Во текот на битките во Источен Иран, картата покажа дека погрешно беа претставени не...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.