Среда, 01 Јануари 2020   
Како систематски биле уништувани ракописите на македонски јазик низ вековите

rakopisi makedonski

Пишува: Блаже МИНЕВСКИ

Македонија континуирано се ограбува. За жал, тоа одамна не е вест, зашто не се случува само денес или вчера, туку со векови. Според д-р Илија Велев од Институтот за литература во Скопје, кој долги години го истражува македонското книжевно наследство низ вековите, огромен број наши скапоцени ракописни книги сега се во најрепрезентативните збирки на најугледните европски музеи, библиотеки и други културни институции.

За жал, досега не е покрената никаква иницијатива за евентуално нивно враќање во Македонија, како што направи, на пример, Србија, која успеа да врати дел од своето книжевно културно наследство однесено од земјата. Секако, благодарејќи на личните залагања на неколкумина македонски истражувачи, досега се регистрирани дел од нашите стари ракописи, заедно со земјите и институциите каде што се наоѓаат. Одреден број од нив како копии веќе  ги имаме и во Македонија.

За д-р Велев, кој досега има објавено повеќе од 200 книги, студии и статии од областа на македонската книжевна историја, сепак, најбитно е да се обезбеди континуиран фонд за истражувачки проекти, преку кој ќе се овозможи комплетирање барем на фотокопии или електронски изданија на сите македонски стари ракописи расеани низ  Европа. Паралелно со тоа, се разбира, би продолжила стручната обработка на сите стари ракописи или збирки на македонски ракописни книги, што е многу важно за македонската книжевна историја.

Од друга страна, ќе се комплетира досието за тоа како, кога и на кој начин од македонските манастири и скриптарници се крадени, носени, продавани и препродавани скапоцените ракописни книги со кои сега се гордеат голем број европски музеи, библиотеки и други врвни културни институции во странство.

И КОНЗУЛИТЕ ЈА ОГРАБУВАЛЕ МАКЕДОНИЈА?!

Така, во Музејот на Српската Православна Црква во Белград се чува ракописен Пентокостар од 1493 година. Овој ракопис, како што тврди д-р Ѓорѓи Поп Атанасов, еден од врвните македонски авторитети од областа на ракописното и книжевно наследство, во Србија е однесен директно од манастирот „Свети Пантелејмон“ во Нерези, Скопско. Со потекло од овој наш манастир е и Празничниот минеј, кој сега е во Народната библиотека во Софија.

Според она што досега е откриено и евидентирано, многу наши книги има и во Санкт-Петербургшката градска библиотека, потоа во библиотеката на Академијата на науките на Русија, во Државно-историскиот музеј во Москва, во народните библиотеки во Киев и во Одеса, потоа во Софиската народна библиотека, во библиотеката на Бугарската академија на науките и уметностите, во Народната библиотека во Пловдив, како и во Софискиот црковен музеј.

Наши исклучително вредни ракописни книги има и во Националната библиотека во Париз, во Ватиканската библиотека, во Виенската државна библиотека, во Народниот музеј во Прага, во Народната библиотека во Букурешт, во Романската патријаршија, во библиотеката на Јагелонскиот универзитет во Краков, но и во Атинската национална библиотека, како и во Британскиот  музеј во Лондон и во уште десетина други институции  на Балканот и во Европа, воопшто. Ова скапоцено богатство денес е гордост на оние што го имаат, но, се разбира, и обврска за Македонија да бара да и се врати она што ѝ припаѓало, и ѝ припаѓа. Впрочем, многу држави во светот си ги побараа, а дел од нив и ги добија назад културните богатства однесени од нивните земји за време на војните во минатиот век.

Престојувајќи во нашите манастири во 19-ти и 20-ти век, многумина истражувачи од оваа област, често без никаков надомест, изнесувале од Македонија цели товари стари книги, но и многу вредни икони. Така, Антон Миханович, кој бил австриски конзул во Солун, мошне често патувал низ Македонија и притоа успеал да собере исклучителни вредна ракописна колекција од нашите манастири. Тие триесет и осум наши ракописни книги, кои Миханович ги собрал служејќи се со дипломатија, но и со други средства, сега се во репрезентативната збирка од вакви ретки книги во Хрватската академија на науките и уметностите во Загреб.

Речиси истовремено со австрискиот конзул Миханович, низ Македонија шетал и собирал стари ракописни книги и рускиот научник Виктор Григорович. Тие примероци сега се во Државната библиотека во Москва, потоа во Народната библиотека „Максим Горки“ во Одеса, во библиотеката на Казанскиот универзитет, како и во Казанската духовна академија…

„НАУЧНИЦИ“ -ТРГОВЦИ

Континуираните грабежи всушност никогаш не престанале. Нашите најбогати македонски манастири биле систематски ограбувани со векови, почнувајќи од најразлични авантуристи, па преку специјалните одреди и „офицери“ за културно пљачкосување, до таканаречени истражувачи, но и домашни трговци и праматари, па дури и монаси кои за ситни пари продавале скапоцени книги и икони. Кон крајот на 18-ти век, токму по такви канали, многу македонски ракописи биле однесени во повеќе белградски институции.

rakopisi makedonski2

На пример, од скопскиот манастир во селото Бањани биле однесени десеттина исклучително вредни ракописни книги. Тие ракописи денес се чуваат во Народната библиотека, во Српската академија на науките, во Музејот на СПЦ и други. Од овој манастир, на пример, потекнува ракописот „Октоих“, со 45 листа, кој датира од 15 век, а во Белград бил однесен во виорот на трагичната 1904 година.

Исто така, огромен ракописен фонд книги е однесен од Битолскиот, Прилепскиот и Демирхисарскиот регион, каде што „оперирале“ повеќемина странски „истражувачи“ и колекционери, како што биле Бугаринот Јордан Иванов, директорот на српската гимназија во Битола, Светозар Томиќ, српскиот владика во Битола, Јосиф Цвијовиќ и други. Со вакви активности подоцна се занимавале дури и некои офицери на српската војска за време на Првата светска војна.

Исто така, постои документ дека еден „сојузнички“ француски офицер зел од разурнатата црква во село Загоричани, Прилепско, едно ракописно евангелие од 16-ти век, и подоцна го предал на Националната библиотека во Париз, каде што се чува и денес. За жал, кога не може поинаку, тогаш Македонија е присутна во културна Европа барем преку украдените книги од нашите манастири! Овој пат благодарејќи на „културниот француски офицер“!

Друг ракопис однел друг офицер, овој пат руски. Ракописот е од манастирот во селото Градиште, Прилепско, каде што монахот Спиридон, во 1600 година, напишал обемен и многу вреден Минеј. Таа скапоцена книга денес се чува во Московската државна библиотека, во збирката на Севатјанов.

Грабежот на македонските манастири продолжил и  во 19-ти век. Така, од манастирот во селото Орбеле, Дебарско, во 1873 година бил однесен таканаречениот Орбелски триод, пергаментен ракопис од 13 век.

„ПАЗАРОТ“ НА ПОП АВРАМ СО СРБИНОТ ВЕРКОВИЌ

Овој исклучително значаен ракопис, снаодливиот Стефан Верковиќ во 1891 година и го продал на Публичната библиотека во Санкт Петербург, каде што е и денес. Нема податоци колку пари добил за оваа трговија со македонски стари книги! Главен „агент на теренот“, кој му помагал во работата бил извесен Павле од село Баниште, но многу ракописи за ситни пари на Верковиќ му испорачал и поп Аврам од Орбеле. Зарем и попот?! Да. И поповите тргувале со македонското културно богатство. И тоа како!

Неколку пергаментни ракописи по потекло од дебарскиот крај, заминале и во Софиската народна библиотека. „Соработник“ на софиската  „трговска врска“, меѓу другите, бил и Васил Икономов. Тој го „обезбедил“ скапоценото четвороевангелие од 13-ти век. Еден лист од оваа книга, според истражувањето на д-р Ѓорѓи Поп-Атанасов, кооперативниот Икономов во 1892 година испратил до Министерството за просвета во Софија.

Еден ракописен пергаментен октоих од 14-ти век од дебарскиот крај, на Софиската народна библиотека во 1887 година ѝ подарил – што значи дека работел од љубов, а не за пари – Петар Сарафов, татко на македонскиот револуционер Борис Сарафов. Тој скапоцен пергамент, Сарафов го добил од познатиот „трговец со старини“ Стефан Верковиќ, кој бил мошне активен „истражувач“ на македонскиот терен.

Така, во 1853 година, одвоил време да го посети, меѓу другите, и манастирот во Зрзе, но, како што вели самиот, во него нашол само една вредна книга. Пред него „работата“ веројатно ја завршил битолскиот професор Лазар Дума, кој ги собрал сите вредни ракописи од Трескавец, Слепче и Зрзе за потребите на Српското научно друштво од Белград!

Во меѓувреме, како што вели д-р Илија Велев, на другиот крај од Македонија, во манастирот Карпино, работеле некои други „трговци“ со стари ракописи, книги, икони и слично. Во Државниот историски музеј во Москва, во збирката на Хлудов, се чува пергаментен ракопис од Карпинскиот манастир, познат како Карпинско евенгелие и Карпински апостол. „Транспортот“ на овој скапоцен примерок го извршил Александар Гилфердинг, кој во 1868 година престојувал во Карпинскиот манастир.

Од истиот манастир потекнува и пергаментниот ракопис „Посен триод“, од 14-ти век, кој содржи 250 листа. Податоци за тоа дава М. Карлова, која во овој манастир била заедно со Гилфердинг. Ракописи од овој манастир има и во Софија, а ниту еден ракопис денес нема во Македонија. Огромен список ракописни книги се однесени и од Лесновскиот манастир. Според истражувањето на д-р Велев, денес најголем дел од нив се наоѓаат во најрепрезентивните оддели на врвните културни и научни институции во Загреб, Москва, Белград, Санкт Петерсбург и други. Се разбира, скрипториумот на Лесновскиот манастир се бавел и со „бизнис“, продавајќи одделни ракописи на други цркви и манастири во Македонија, и во странство, но тоа е друга тема. И тоа не се книгите што биле однесени без пари.

АМАЈЛИИТЕ ОД МАНАСТИРОТ МАТЕЈЧЕ

Интересна е и судбината на манастирот „Света Богородица“ во Матејче, кој доживеа тешки денови за време на војната во 2001-та година, кога албанските терористи, како што констатираа експертите за реставрација и конзервација, им  ги ископале дури и очите на светците од фреските. Според податоци зачувани во записите на патеписците, манастирот во Матејче имал една од најбогатите, ако не и најбогата библиотека меѓу македонските манастири.

rakopisi makedonski3

Постојат сведоштва дека во овој наш манастир се чувале полни ковчези со книги, кои биле разграбени од странски авантуристи, но и од месното муслиманско население. Извесно е дека  книжевното богатство од Матејче било однесено далеку од Македонија, но познато е дека голем дел од пергаментните ракописи ги разнеле и локалните муслимани, кои ги чувале во своите домови како амајлии.

Жители од тој крај велат дека и ден денес можат да се најдат вакви пергаменти листови во некои од постарите локални албански семејства. Се разбира, тие не се чуваат како скапоцена културна вредност, туку како амајлии што ги штитат од неволји?! Доколку навистина е така, тогаш токму поради тие реликвии, локалните Албанци требаше да не дозволат сквернавење на манастирот во Матејче, кој албанските терористи во 2001-та го претворија во воен штаб. Грозотиите што ги правеа во манастирот, овој пат не ги спомнуваме.

Инаку, во овој многу значаен македонски манастир, во 1885 година, при расчистувањето на кулата во дворот на манастирот, биле пронајдени два ракописа: едниот пишуван на пергамент, а другиот на хартија. Двата ракописи биле однесени во Народната библиотека во Белград. За грабежите на Матејче информира и Јордан Хаџи Константинов-Џинот, тврдејќи дека во 1848 година, кога тој го посетил манастирот, таму имало „десет товари словенски ракописи, кои следните неколку години биле уништени од Арнаути“.

Можеби не како Матејче, но огромно книжевно-ракописно богатство поседувал и манастирот „Свети Јоаким Осоговски“. Меѓу скапоцените ракописи од овој манастир е и Празничниот минеј од 13-ти век, кој сега е во Софиската народна библиотека. Во ракописот е сочувана најстарата служба на Свети Јоаким Осоговски и едно оригинално поетско дело на Свети Климент Охридски. Ракописот има 114 листа, пишуван е на пергамент.

Кога Димитриј Маринов го посетил манастирот некаде околу 1890 година, во манастирската библиотека веќе немало ниту еден ракопис. Тој открива дека бил сведок само на тоа дека при расчистувањето на теренот за изградба на конак, била откриена голема фурна полна со изгорени книги од кожа. Кога се случило тоа и кој го изгорел тоа скапоцено богатство, за жал нема никакви податоци и сведоштва. Заедно со „Свети Јоаким Осоговски“,  меѓу најзначајните македонски  книжени центри во средниот век, но и подоцна, бил и манастирот во Трескавец.

Во шеесеттите години на 18-ти век, во овој манастир престојувал рускиот фолклорист Александар Гилфердинг, кој во тоа време бил конзул во Сараево. Тој од овој македонски манастир зел повеќе ракописи, меѓу кои и Трескавечкиот поменик од 17-ти век. Овој ракопис е однесен во Санкт-Петербургшката публична библиотека, каде што се чува и денес. Во 1865 година, рускиот истражувач Антонин Капустин нашол во Трескавец само 15 ракописи, а триесет години подоцна имало само 11 словенски ракописи. Постојат податоци дека многу ракописи од библиотеката во Трескавец однел велешанецот Ј.Х.Џинот, кој им ги испраќал на разни институции во Србија. За ситна пара, се разбира.

Згора на тоа голем дел од најстарите ракописи, повеќето пишувани на пергамент, биле изгорени по наредба на некојси владика Герасим. Тоа се случило во  1863 година, а владиката бил Грк. Две седмици манастирската фурна била потпалувана со стари пергаментни ракописи! Чадот со денови го покривал Златоврв и Маркови кули. Преостанатите стари ракописни книги, меѓу кои имало и богомилски текстови, епитропот Мојсо Пазов и игуменот поп Никола ги зеле од манастирот и си ги однеле дома.

Каде завршиле тие скапоцени богомилски ракописни книги, не е познато. Доколку еден ден се случи чуди и бидат откриени, можеби дополнително ќе разјаснат и некои многу битни факти за богомилското движење во Македонија. Можно ли е да се пронајдат во темелите на старите куќи на семејствата на Пазови и на поп Никола во Прилеп?

ГОЛЕМИТЕ РАСПРОДАЖБИ НА Ј. Х. ЏИНОТ

За наша среќа, голем дел од однесените ракописи нашите експерти од оваа област уредно ги имаат регистрирано, а од некои од ракописите имаат обезбедено дури и копии. Сепак, нашето културно богатство и натаму е во туѓи трезори. Така, над 130 ракописни книги денес се наоѓаат во Народната библиотека во Санкт Петерсбург, а 55 се во државниот Историски музеј во Москва. Исто така, во Руската академија на науките во Петроград има и скапоцена збирка од 84 ракописни книги донесени во Русија од македонските манастири.

rakopisi makedonski4

Мошне вредна збирка од шест ракописни книги има во Јегелонската библиотека во Краков. Нив таму ги однел во 1863 година Рудолф Гутовски, кој како лекар престојувал во Македонија. Ако научниците-слависти од Русија во својата мисија за откривање стари словенски ракописи се служеле со таканаречени научни аргументи во полза на панславизмот, тогаш лекарот Гутовски книгите мора да ги добивал како противуслуга за неговите лекарски третмани. Еден преглед – една скапоцена книга!

Додуша, во нашите манастири имало и такви монаси кои и за ситни парички продавале скапоцени книги, чија вистинска вредност, всушност, не може да се утврди. Дури и еден Јордан Хаџи Константинов-Џинот продавал стари ракописи во Белград. Во списи од тоа време, еден патеписец кој патувал низ Македонија има забележано дека некои монаси од охридскиот манастир Света Богородица Перивлепта за две врчви вино ги продале дури и моштите на Свети Климент?!

За време на Балканските и Првата светска војна од Македонија се однесени огромен број исклучително значајни и вредни ракописни книги. Тој број во 1920 година, според тогашната евиденција, изнесувал 964, а три година подоцна во Софија веќе биле однесени ни повеќе, ни помалку туку дури 1090 стари македонски ракописи. Од друга страна, во Белград, во Народната библиотека, била однесена, и до денес е таму, комплетната збирка од 30 ракописни книги од Лесновскиот манастир, која наводно била „однесена“ само на чување, со обврска по завршување на војната збирката да биде вратена во Македонија.

Се разбира, со истото образложение  скапоцени ракописни книги се однесени и во Бугарија, и тие никогаш не се вратени во нашата земја. Така, во документите за грабежите на македонските манастири и цркви за време на Првата светска војна, стои запишано дека во Народниот музеј во Софија на „чување“ биле однесени, меѓу другото, плаштеницата на Андроник Палеолог, Златната митра на Свети Климент со бесценети камчиња и крвче, неговиот жезол, пронајден 1911 година на Плаошник, каде што Свети Климент бил погребан, потоа царските двери и бронзениот полилеј. Од друга страна, во Белград во тоа време се однесени многу ракописни книги од манастирот „Свети Прохор Пчињски“, потоа од манастирите во Лешок, Крива Паланка, Куманово и многу други.

Се разбира, списокот на  однесени  скапоцени културни  вредности, ракописни книги и предмети од Македонија е многу подолг од она што овде е спомнато. Притоа, воопшто не ги спомнавме археолошките предмети, пари, накит и други вредности, кои  дивите копачи со години ги продаваат на трговците  што се занимаваат со ваков бизнис. Во државата, за жал, се уште нема ни приближна проценка што е однесено од  нашите археолошки локалитети, како што нема ниту став околу тоа како и кога би можело да се покрене прашањето за враќање на барем дел од нашето културно наследство однесено од земјата на разни начини и по разни патишта. Некои други земји тоа веќе го направија, а некои од нив веќе успеаја дури и  да си вратат дел од своето ограбено културно и национално богатство. Може ли и Македонија конечно да направи  некаков обид во таа насока?

rakopisi makedonski5

Марков манастир
КОЈ ГИ ИЗГОРЕЛ ДЕСЕТТЕ ТОВАРИ КНИГИ?

Значајно сведоштво за континуираниот грабеж на македонското книжевно богатство, меѓудругите, оставил и познатиот македонски преродбеник Кирил Пејчиновиќ. Тој бил јеромонах во Марковиот манастир крај Скопје, каде што бил и игумен од 1801-та до 1818-та година.  Во тоа време формирал училиште за описменување, но и богата манастирска библиотека, носејќи ракописи од повеќе македонски центри. Истовремено, се разбира, пишувал и свои оригинални, но и компилаторски дела.

За жал, во 1818-та  година овој истакнат македонски преродбеник од почетокот на 19-ти век бил принуден да го напушти манастирот, затоа што грчкиот владика не можел да се помири со неговата словенска просветителска дејност, па го наклеветил кај злогласниот Али-бег. Дознавајќи за тоа навреме, игуменот Пејчиновиќ тајно го напуштил манастирот со десеттина товари највредни книги и икони. Со карванот со скапоцениот товар тргнал кон родното Теарце, но стигнал во Лешок, обновувајќи го за многу кусо време разурнатиот Лешочки манастир. За жал, по неговото заминување од Марков манастир, таму дошол за игумен Влав, Грк по душа и образование, кој, како што вели Пејчиновиќ, со сатанистичко уживање изгорел повеќе од 10 товари ракописни  книги што останале во манастирот!

Пред 150 години нашиот преродбеник Јордан Хаџи Констатинов-Џинот има запишано дека „во некои наши манастири во средината на осумнаесетти век имало дури и по триесет товари ракописни книги“. На пример, во манастирот „Свети Пантелејмон“ во Нерези, скопско, според статија на Џинот објавена во цариградски весник од 1855 година, имало дури 30 товари ракописни книги, од кои повеќето биле пишувани на пергамент. Во тој манастир имало и книги пишувани на кожа. Само од овој манастир во странските трезори се однесени голем број скапоцени книги.

https://fokus.mk/kako-sistematski-bile-unishtuvani-rakopisite-na-makedonski-jazik-niz-vekovite/

 

Историја

News image

Русинот Бурич од Историската Конференција на Малта 1989: Без Македонизмот паѓа и целата цивилизација!

Осврт кон делото на рускиот мислител Владимир Бурич базиран на разговорите водени со него од макед...

Култура и туризам

News image

ОСТАНИ ДОМА - ЗА ТЕБЕ, ЗА НАС

ОСТАНИ ДОМА -  ЗА ТЕБЕ, ЗА НАС ЗА ТАТКОВИНАТА, ЗА ЧОВЕШТВОТО Мини-есеј: Марија Емилија Кукуба...

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (14)

VI ДРЕВНА МАКЕДОНИЈА ВО ПРАИСОТИРСКИОТ ЕГЕЈ (ДЕЛ IV)

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.