Среда, 07 Октомври 2020   
Просветните прилики во Велес во Втората светска војна 1941 – 1944 година
1Malkovski Djordji 1Проф. д – р Ѓорѓи Малковски
 
 
Во македонската историографија досега немаме објавено целосно разработена статија базирана на архивски материјали за просветните прилики во Велес за време на бугарската окупација од 1941 до 1944 година. Она што е објавувано за просветните прилики, воглавно се однесува за Велешката гимназија или за штрајкот на учениците во гимназијата во 1942 година. Тоа се разработува како општ проблем за историското минато на гимназија, каде образованието во Втората светска војна е застапена на само две неполни страници. Затоа, сметаме дека со овој прилог за образовните прилики во Велес во Втората светска војна, за прв пат ќе го анализираме развојот на образованието во сите негови сфери на работа од 1941 до 1944 година.
 
Набргу по воспоставувањето на бугарската окупаторска власт во Македонија во април 1941 година, со засилено темпо се започнало со подготовките за почеток на новата учебна година. Поради изменетите воено-политички прилики во текот на април – мај 1941 година, наставата во градот целосно замрела. Дел од училишните објекти биле запоседнати од германската и бугарската војска. За да се надмине оваа ситуација, бугарската влада започнала со забрзано темпо да ја консолидира состојбата во училиштата во градот и цела Македонија со поставување на свои луѓе во образовната сфера. Тие, уште во мај месец, започнале со организирање на провизорна настава во постојните училишта за учениците, кои поради војната, не ја завршиле до крај учебната година. Програмата предвидувала изучување на бугарскиот јазик, на бугарската национална историја и на географијата. Била евидентна ангажираноста на бугарската власт за отворање на повеќе училишта и посебно ангажирањето на доволен број учители. На наставата и се обрнало значително внимание, односно во процесот на образованието имало огромна разлика одколку за време на стара Југославија. Но, сето тоа не било случајно, бидејќи според замислата на Бугарите, преку училиштата кај младината требало да се всадуваат бугарски национални чувства и бугарска национална свест и истовремено задојување со фашистичката идеологија. Сето ова Бугарите мошне суптилно се обидувале да го спроведуваат низ секојдневната настава и активности во училиштата. Во тој контекст и кон таа цел, била ускладена и целата наставна програма специјално изработена од Министерството за просвета на Бугарија. Бугарската национална историја и бугарскиот јазик имале приоритет во наставната програма. Учителскиот кадар во сите основни училишта и во прогимназијата, се стремел тие предмети што повеќе да ги приближи кон учениците, со тоа што за нив се зборувало дури и на часовите по другите предмети. Тоа било добро осмислено, бидејќи на тој начин со учениците можело да се дискутира за прашања "од светлите страници на бугарската историја". Не помалку значаен предмет преку кој се вршела денационализацијата, бил и предметот национална географија.
 
Отворањето на бугарските училишта во Македонија имало потреба и од соодветен наставен кадар. За таа цел, на целиот наставен кадар му се придавало посебно внимание и сите биле под посебен „третман“ за да не дојде некој да се провлече за кој се немало сознанија дека ги исполнувал „бугарските критериуми за ширење на бугарштината во Македонија“. Затоа, на целата територија на Македонија, на важни места на кои се одлучувало и се контролирала работата на училиштата и просветниот кадар, биле испраќани само проверени бугарски кадри од просветни инспектори, директори на гимназии и прогимназии, но и професори и наставници за основните и средните училишта.
Уште на 18 мај 1941 година со „Царски указ“ биле определени училишните инспектори за Скопската и Битолската област, а потоа и околиските инспектори. За прв училишен околиски инспектор во Велес бил поставен Никола Рангелов од Ловеч, Бугарија. 
Во почетокот на јуни 1941 година, со наредба на Министерството за просвета, биле назначени и првите училишни директори. За прв директор на Велешката смесена гимназија бил назначен Ив. Коев. Со друга заповед од 06.05.1941 година, за раководители на посебните курсевите по бугарски јазик, историја и географија за Велес биле назначени Љубен Тодоров и Сединја Бојаџиева. Со наредба на Министерството за Народна просвета на Бугарија од јуни 1941 година, во Велес биле испратени првите бугарски учители кои требало да подготвуваат ученици од осмите класови по предметите: бугарски јазик и литература, бугарска национална историја и географија. Со министерска заповед за учител по бугарски јазик во Велес бил испратен Лозан Николов, по бугарска историја Ганчо Петков и по географија Велчо Велев.
 
Во текот на 1941 година, со разни дописи од страна на Министерството на народната просвета на Бугарија, се давале разни напатствија за целосно наметнување на бугарскиот јазик, историја и култура меѓу учениците. Во врска со ова посебно се инсистирало да и се придавало големо значење на историјата при нејзиното изучување, како и на кој начин учителите правилно да го пренесуваат на учениците бугарскиот јазик и издигнување на културата на јазикот, но и барањето на Министерството за просвета сите писма кои ги добивале учениците да се препраќаат до Министерството. Исто така, Министерството во септември 1941 година ја известило велешката смесена гимназија дека сите ученици кои го завршиле 8-миот клас а имаат поправни испити, немало да одат во војска таа година. Имало известувања и за повторување на годината на оние ученици кои завршиле со слаб успех трета година прогимназија, потоа известување за начинот на оценувањето, за начинот на управувањето со прогимназијата итн. Со посебна заповед, од јануари 1942 година, се барало на учениците преку наставата да им се зацврстат религиозно националните убедувања кон православната црква.
 
Во Велешката околија до април 1941 година од 82 села, основни четиригодишни училишта имало во 37 села. Во 45 села немало основни четиригодишни училишта. Од нив, во 27 села имало 1 учител и 1 паралелка, во 8 села имало 2 учитела и 2 паралелки, во едно село имало 3 учители и во град Велес имало 30 учители во основното образование. Имало и прогимназија во Велес со 10 учители и 9 паралелки. Училишни згради имало во 49 села, од кои, 40 биле добра а 9 во лоша состојба. Во 27 села училиштата биле со по една класна соба, во 10 со по 2 класни соби, во 2 со по 3 класни соби, во 1 село имало училиште со 4 класни соби и во 1 село имало училиште со 5 класни соби. Во Велес имало 1 гимназија со прогимназија со 14 училници и 1 мала училница, 1 основно училиште со посебна училишна зграда со 17 училници и една доградба со 2 училници и, зграда на уште едно основно четиригодишно училиште (оштетено за време на германското бомбардирање), со 10 училници. Во Велес и целата околија до април 1941 година настава посетувале 3.624 ученика.
 
Учебната година во Велес и околијата започнала со работа на 30 септември 1941 година. Сите ученици, според наредбата од Министерството за просвета во Софија, морале, од октомври 1941 година, на видно место да го носат знакот на победата „В“. Во основното четиригодишно училиште „Св. Кирил и Методиј“ настава се изведувало од прво до четврто одделение во повеќе паралелки. Бројот на паралелки во 1942-1943 изнесувал 22 со вкупно 958 ученика, а во 1943-1944 година 21 со вкупно 940 (во еден друг извештај таа бројка е 967) ученика. Во учебната 1941-1942 година работеле 29 учители, во учебната 1942-1943 година 23 а во учебната 1943-1944 година 21 учител. Главен учител бил Петар Јанакиев Карајанев. Назначен бил во 1943 и продолжил во 1944 година. Интересно е да напоменеме дека во салонот на училиштето на 24 и 25 октомври 1943 година се одржала околиска педагошка конференција, на која биле поканети сите раководни лица од Велес, односно архиерејски намесник, началникот на гарнизонот, претседателот на обласниот суд, околискиот управител, кметот на Велес, околискиот судија, околискиот инжињер, околискиот шумарски инжињер, околискиот агроном, околискиот лекар, околискиот ветеринарен лекар, даночниот началник, агентот на БНБ, директорот на БЗКВ, директорот на популарната банка, началникот на Т.П.С. обштинскиот лекар, управителот на државната болница и полицискиот началник.
 
Во Велес работело и основното четиригодишно училиште „Св. Ѓорѓи“. Ова училиште за време на бомбардирањето на градот во април 1941 година, во голема мера било разрушено. Затоа, за неговото санирање биле обезбедени околу 100.000 лева, со кои донекаде успеало да се поправи објектот и подготви за настава. Затоа, по сугестија на околискиот училишен инспектор, се предлагало во градот да бидат изградени две нови училишни згради, со кои требало да се задолат потребите на градот од училишен простор. Во учебната 1942-1943 година во училиштето настава се одвивало во 6 паралелки со 268 ученици, додека во учебната 1943-44 година бројот се зголемил на 7 паралелки со вкупно 326 ученика. Во учебната 1942-1943 година во училиштетот работеле 6 учители, а во учебната 1943-1944 година 8 учители. Според извештајот на околискиот училишен инспектор од 1 јули 1943 година, главен учител во училиштето во 1943 и 1944 година бил Павел Стојанов Христов.
 
Покрај двете основни четиригодишни училишта, во Велес работела и една прогимназија, во чии рамки наставата со одвивала во 1-ви, 2-ри и 3-ти клас. Според известувањето на директорот на смесената прогимназија во Велес, Рајчо Тодоров, од 1.12.1942 година, состојбата на зградата каде се наоѓало училиштето (интерната и долниот спрат) не била погодна за изведувања на настава. Имало 13 мали класни училници, поради што, во две паралелки наставата се одвивала попладне. Во секоја училница имало по 45 деца. Прозорците биле мали (1.64 на 2.80). Немало доволно клозети и умавилници, а дворот бил мал и недоволен да ги собере сите ученици. Затоплувањето на училниците било добро. Трпезаријата не работела поради немањето струја. Здравствената состојба кај учениците била многу добра, а заболувања од заразни болести дотогаш немало. 
 
Во учебната 1941-1942 година бројот на паралелки бил 15, а бројот на ученици 685. Настава во учебната 1941-1942 година изведувале 14 учители, а во учебната 1943-1944 година 18 учители. Врз основа на извештајот на околискиот училишен инспектор од 12.10.1942 година, во велешката прогимназија настава посетувале 677 ученика, а имало 13 учители. Во 1-ви клас учеле 162 машки и 113 женски, во 2-ри клас 155 машки и 115 женски, во 3-ти клас 76 машки и 56 женски, од кои 393 биле машки а 284 женски ученици. Во прогимназијата работеле 13 учители, од кои 4 биле мажи, а 9 жени. Меѓутоа, врз основа на известувањто на директорот на смесената прогимназија во Велес, од 16.04.1943 година, бројот на учениците во наредната година се очекувал да биде околу 1000 ученика. Поради тоа, тој во писмена форма барал проширување на постоечката зграда или адаптирање на друга зграда за настава.
 
Во октомври 1942 година прогимназијата се одделила административно од гимназијата и понатаму со неа раководел посебен директор. До формалното назначување на новиот директор, учителот во прогимназијата Иван Зарев Веклиев, ја презел времено оваа должност. Директор на велешката смесена прогимназија од 06.10.1942 година бил Рајче Тодоров. Учители во велешката прогимназија во учебната 1942-1943 година биле: Марија Ив. Крстева од Софија, Филимена Иванова од Тетово, Данка Јос. Фирфова од Софија, Павлина Петрова Христова, Анастасија Христова Главинчева, Смилјан Андонов Балтов од с. Лешко, Горноџумајско, Параскева Иванова Младенова, Милка Христова Главинчева, Марија Алексиева Ванслова, Благородна Михајлова Дерменџиева од Велес, Димитар Лазаров Пицин, Роса Кочова Матова, Елена Димитрова Самоковска, Таша Христова Азманова, Ганчо Петров Пајтонџиев, Димитар Костадинов Измирлиев, Марко Пеливанов. Во прогимназијата се предавале следниве наставни предмети: вероучение, бугарски јазик, граматика, алгебра, христоматија, историја, географија, аритметика, хемија, геометрија, природно цртање, германски јазик, пеење и физичко воспитување.   
 
Продолжува 
 

На прво место

News image

Повик до сите Канаѓани со МАКЕДОНСКО ПОТЕКЛО: ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНСКО-КАНАДСКИОТ КАНДИДАТ ДЕН МАСИН

Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права (ММДЧП) ги повикува сите Канаѓани со македонско...

Иселеници

Култура и туризам

News image

Од борбата за возобновување на автокефална архиепископија на Прва Јустинијана Охрид

„Улогата на идејата за Охридската архиепископија во црковната борба не било едноставно само лирско и...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.