|
|
Митрополит Григориј (патријарх) |
Митрополит Григориј (1825-1833), Битолски Пелагониски митрополит, градител на храмот Св. Димитриј во Битола; ја проширил црковната болница за сиромаси, бранител на христијанското население, добротвор и заштитник на христијанските жители на Пелагонискиот крај. Тој бил човек што ги зближувал граѓаните во Битола различни по вероисповест и по социјална структура, голем заштитник на сиромасите, бездомниците, инвалидите, сираците. Co обнова и проширување на црковната болница се грижел за нивното здравје. Бил организатор на црковни училишта во кои се школувале свештеници и ученици на народен јазик, човек кој последните години ги минал на највисоката ортодоксна функција - цариградски патријарх, на кој трон го затекнала смртта. Секогаш се борел за слободата и правата на македонскиот народ, верно и служел на Христовата вера и со негов благослов, додека бил на патријаршискиот трон непречено се граделе и возобновувале многу христијански храмови (цркви и манастири) низ Македонија. На 14. X 1825 божјо лето за нов битолски митрополит бил избран токму митрополитот Григориј. Доаѓајќи во Битола, новиот митрополит Григориј донесол и султанов берат (повелба) во кој, покрај другото, пишувало дека никој нема право на христијаните „да му ги одзема црквите и манастирите, кои уште одамна се наоѓаат во нивните раце, а исто така и без дозвола никој не смее да врши контрола врз нив". Се претпоставува дека потекнувал од Битола или битолскиот крај. Во Битола за митрополит дошол од Цариград и лично се ангажирал во изградбата на највелелепниот храм за многу децении и векови во Битола - „Св. Димитрија". Веднаш по добивање на дозволата Григориј се зафатил и во рекордно време го изградил храмот „Св. Димитрија". Во 1833 г. патријарх Григориј, по осумгодишната архиерејската служба (1825 - 1833) свечено ја напуштил архиерејската столица и по наредба од цариградскиот патријарх заминал за Серес, а оттаму заминал за Цариград, преземајќи ја должноста патријарх се до неговото блажено упокоение. |