Среда, 12 Септември 2012   
Слободата на Македонија и Бугарија не` чека нас и никој друг

Lesev_Macedonia_1941

По започнувањето на Втората Светска војна, Македонците во Пиринска Македонија се најдоа во првите редови на антифашистичкиот отпор во Бугарија. Во летото на 1941 година отпорот во Пиринскиот дел на Македонија почнува да прераснува во вооружена борба, поддржувани од целиот македонски народ. Ваквиот однос на македонскиот народ кон вооружената борба произлегуваше од гледиштето на раководството на Комунистичката партија на Пиринска Македонија, дека само преку масовна антифашистичка вооружена борба ќе донесе политички промени, односно ослободување и обединување со останатите делови на Македонија.

Вооружените борби во Пиринска Македонија се резултат не само на тешката положба во која се наоѓаат Македонците во Бугарија, туку и како резултат на светлите револуционерни традиции. Голем дел од раководителите и активистите на ВМРО (Об) дејствуваа на теренот како раководители н активисти на Комунистичката партија на Бугарија и имаа посебен авторитет во народот, а тие пак поакционо го истакнуваа разрешувањето на македонското прашање, како еден од главните услови за вклучување на масите во вооружената борба.

По доаѓањето на Никола Парапунов за секретар на Обласниот комитет, на местото на тешко заболениот Гроздан Николов, се засилува ориентацијата кон вооружена борба во Пиринска Македонија. Никола Парапунов (1919-1943) беше активен работник во ВМРО(Об), секретар на Окружниот комитет на Комсомолот во Горна Џумаја (Благоевград). По нападот на фашистичка Германија врз СССР станува член на ЦК БРП(к) и секретар на Окружниот комитет на партијата во Горна Џумаја. Кон крајот на јули 1941 година под негово раководство се формира првата партизанска чета во Пиринскиот дел на Македонија и во цела Бугарија.

Првата партизанска група во Пиринска Македонија е формирана од Иван Козаров, учесник во Септемвриското востание, долгогодишен партиски активист и еден од видните организатори на ВМРО (Об.). Пет дена по германскиот напад на Советскиот Сојуз, на 27 јуни 1941 година, Козаров влегува во борба со полицијата кај своето родно село. Борбата на Козаров е првата организирана вооружена акција во Пиринска Македонија. Истовремено со Козаров дејствуваат партизанските групи на Парапунов и Костадин Кантарџиев. Брзо потоа и други партиски активисти и бивши раководители на ВМРО (Об) излегуваа партизани и дејствуваа како команданти или комесари на партизански групи.

ЦК на БРП(к) дејствата на Парапунов за создавање партизански групи ги оценува како предвремени и дека не се во согласност со генералната линија на БРП(к) за отпор, која предвидува да се организира отпор само во поголемите градови, и тоа со диверзантски и саботажни акции. Раководството на БРП(к) зазеде становиште, со оглед на присоединувањето на делови од Македонија кон бугарската територија дека во Бугарија не постојат „класични“ услови за вооружена партизанска борба и дека се достатни диверзантските и саботажните акции. Тргнувајќи од интересите на македонскиот народ во Пиринска Македонија, Парапунов ја продолжи активноста во организирањето на вооружена борба.

По повод пасивизацијата и повлекувањето на бугарските комунисти од борбата во Разлог со аргументација дека сега не е време за борба и дека треба да се чекаат подобри времиња, да не се даваат жртви напразно итн., Парапунов во есента 1942 испраќа писмо до членовите во Разлог во кое вели:

...„Во сегашните судбоносни денови, кога постоењето на Бугарија и Македонија е ставенo на коцка, кога тиранската нога на германскиот фашизам и неговите бугарски агенти го газат, ограбуваат и обесправуваат нашиот народ, да се работи половично и колебливо, разединето и неорганизирано, тоа значи да си играме со огнот, тоа значи да работиме, а да не победиме, да не стигнеме еден ден до крај, а секојпат да остануваме насред пат и секогаш потоа да почнуваме „од почеток“. Не, не може повеќе така да се продолжува. Дојде најдобриот момент да се спаси земјава од катастрофа. Утре веќе ќе биде доцна. Или-или. Нема среден пат, нема друг излез. Прашањето е за победата, прашањето е за исходот од гигантскиот двобој. Прашањето е за Бугарија и Македонија. Ќе бидат или не? Слободни или поробени? Слободни или ново петвековно ропство. Еве го прашањето на прашањата...

Можеби се чека на победата на Русија на Источниот фронт. Тоа е најопасното опортунистичко и најпаразитско „чекање“. Којшто чека, тој и со „чекањето“ ќе си умре. Точно е дека нашата и нивната судбина се поврзани, дека главниот удар врз непријателот се нанесува и таму ќе се нанесе. Но кога ќе победат Русите, победата ќе биде нивна, а не наша. Рожбата е на оној којшто раѓа, а не на тој што си гледа сеир и стенка наоколу. Нашата победа и слобода може да биде извојувана само од нас. Нема и не може да има слобода и победа дадена бесплатно. Навистина, непријателот е заеднички и борбата заедничка. Меѓутоа, таа општа борба се состои од одделни делови и за да биде заедничка, полна победата потребно е сите поодделно да си го извршуваат своето, секој на својот сектор да победи. Не бива и не можеме да се потпираме на Русите, оти тие ја работат својата работа и нешто повеќе, а се` уште нашата работа си стои. Не бива да гледаме само кон Русија, туку себеси да се гледаме, што сме и што треба да правиме.

Слободата на Македонија и Бугарија не чека нас и никој друг. Нема и не може да има слобода, додека не се ослободи, додека не си слободен. За да го победиме поробувачот, за да се ослободиме, треба ние самите да го победиме во нашиот сектор, самите да се ослободиме. Меѓутоа, дали може да се победи без најздрава, без строга централизирана организација, без организација со строга дисциплина и исполнителност и во исто време (без) најголема иницијатива и самопожртвуваност, без организација со здраво и одговорно раководство пред партијата и партијците пред раководството?“... (Докумети, том први, Скопје, 1981)

Никола Парапунов борбата против фашизмот ја третира како борба на двата народи, борба за слободата на Македонија и Бугарија. На крајот на 1943 година, Никола Парапунов загинува во борба против полициска заседа, во близина на село Бараково, Горноџумајско.

 

На прво место

News image

Заев потроши три години од својот мандат на растурање на државата

СДСМ и Зоран Заев ги осиромашија граѓаните. 22% од граѓаните едвај преживуваат. 7% од пензионерите...

Иселеници

News image

КРЕАТИВНОСТА МИ ЈА ПОЛНИ ДУШАТА

Разговор со Лара Мабеи која ја игра главната улога во „Баб...

Култура и туризам

News image

ИЗРАЕЛ - ВЕТЕНАТА БИБЛИСКА ЗЕМЈА (12)

ЕРУСАЛИМ - ГРАДОТ НА ВЕЧНОСТА

Фељтон

News image

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ (31) I ДЕЛ

МИТОЛОШКА И ТЕОНИМСКА ОНОМАСТИКА НА ПАНОНИЈА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.