Среда, 15 Јули 2015   
Македонската династија го враќа сјајот и величината на Византија

Tihomir Karanfilov-001
Тихомир Каранфилов

Византија е историско име за источното Римско царство кое настанува во 285 година кога Диоклецијан  административно го дели Римското царство на Источно и Западно. Вообичано се зема 395 година, кога по смртта на Теодисиј I, со Империјата владеат неговите синови (на Исток Аркадиј, на Запад Хонориј). Името Византија не се користело за време на постоењето на државата, а тоа го добива дури многу подоцна од историчарите. Се` до падот на Константинопол во 1453 година земјата се нарекувала Ромејско царство, а жителите себеси се сметале за Ромеи. Во ова царство живееле повеќе народи како Македонци, Грци, Ерменци, Арапи и други. Грците отсекогаш претендирале да ја присвојат историјата на Византија, иако најголемите подеми како држава ги постигнува за време на владеењето на царевите од Македонската династија.

Византија својата најголема политичка и воена моќ ја достигнала при владеењето на императорот Јустинијан I (527-565) кој му припаѓа на првата Македонска династија (позната како Јустинијановата династија). Вториот подем државата доживува за време на царевите од втората Македонска династија, која владее од IX до XI век.

Смалена со арапските освојувања, разнишана со борбите околу иконите, Византиската империја почнува да го враќа својот сјај во сите пори на византискиот живот од средината на IX век. Првите знаци на обновата на сјајот и величината на Византиската империја биле со престанокот на иконокластичната борба, првите воени успеси и почетокот на Кирило-Методијевската мисија во славјанските земји за време на владеењето на слабиот византиски император Михајло III, кој му претходи на доаѓањето на Македонската династија со Василиј I (867). По смртта на последниот цар од македонската династија Василиј II (1025), повторно доаѓа до политички и воен пад на Византија што се одразува и во другите области.

Византиските императори од т.н. втора Македонска династија владеат од IX до XI век. Основач на оваа династија е Василиј I Македонецот (812 - 886), византиски император (867 - 886), роден во темата Македонија (административна област која опфаќа делови од југоисточна Македонија и Тракија) во селско македонско семејство. Херкулски граден, од обичен коњар успева да се искачи на престолот и да стане државник. Неговиот болешлив син, Лав VI (886 - 912), затворен во својата палата составува голем број расправи и беседи. Константин VII (912 - 959) бил син на Лав VI. Тој е познат како цар архивар кој составува прецизен опис на управување и церемонии, ги охрабрува и помага научниците и писателите, а политичките и воените работи му ги доверува на својот свекор и совладар Роман Лакапин. Потоа владее Роман II Порфирогенит (959 - 963), син на Константин VII. На престолот потоа доаѓа Никифор Фока (963 - 969), војсководец кој се оженил со вдовицата на Роман II, а по него уште еден војсководец Јован I Цимискиј (969 - 976). Најпосле по нив доаѓа Василиј II Македонецот (976 - 1025), кој иако не бил теолошки и книжевно образован наеднаш се трансформирал од лекоумен и безбрижен во силен бранител на царската власт и немилосрден војсководител. По нив следуваат уште неколку наследници, по која во 1056 година згаснува т.н. Македонската династија.

Во широката лепеза на византиски императори, царевите од Македонската династија, за кои голем број историчари сметаат дека потекнуваат од древните Македонци, отскокнуваат со својот темперамент и оставаат значаен белег во владеењето со Византија. Прво што само по себе е доволно да го задржи внимание на овој историски период е редоследот на царевите што укажува дека тие го наметнуваат идеалот за наследна законитост. Царството станува како имот на една фамилија, која на неколку свои членови им доделува одредени одговорности, а пак жените се мажат за победнички генерали со што ги врзуваат со власта. Тоа овозможува царството војнички да зајакне и да ги поврати изгубените територии.

Византија се` до IX век била напаѓана од сите страни за потоа да премине во офанзива. Никофор Фока ги започнува своите походи против Арапите и повторно го освојува Крит, а откако станал цар ги освоил Кипар, Киликија, Антиохија. Јован Цимискиј со војската навлегол во Сирија и на Еуфрат. Сите воени напори ги завршил Василиј II Македонец со победа над Фатимидите, притоа освојувајќи ја северна Сирија се` до Триполи. Внатрешната поделеност му овозможува на Василиј II да ја наметне византиската власт и на Ерменија, но потоа главните сили ќе ги насочи во борбата против Бугарите, како и против својот македонски народ предводен од Самуил. По крунисувањето на Самуил, тој жестоко ќе се одмазди врз неговата војска.

Најголем дел од тие воено настроени цареви од Македонската династија биле законодавци, а пред се` тоа бил Василиј I Македонецот. Тој почувствувал потреба да ја обнови употребата на Јустинијановиот кодекс, кој веќе не го разбирале и да го прилагоди на времето во кое живееле. Тој напор за Лав VI, ќе доведе објавување на Базилики, преработка на традиционалните права, и на објавување на Новели со кои се укинуваат старите прописи и им се даваат на обичаите законска сила. Ист напор се гледа и во обновување на правните студии. Се смета дека за негово време била кодификувана и Префектовата книга, од која се гледа воспоставување на економската рамнотежа и материјалниот напредок на империјата.

Византија во тој период игра улога на посредник меѓу исламот и христијанскиот запад, особено откако Алепо, крајната точка на караванскиот пат од Месопотамија, паднал во нивни раце во 995 година. Доаѓањето на муслиманите во Цариград бил охрабрен, па дури била изградена и џамија за нив. На овој битен факт за византискиот просперитет му се придружува и трговијата со славјанските земји, проширена со договорите со Русија од 911-944 година, како и супериорното традиционално производство на луксузни стоки  (свила, мириси, украсни предмети) кои биле барани по целиот тогашен свет.

Државата на големо го користела тој напредок на благосостојбата и покрај зголемените воени трошоци. Василије II зад себе оставил богата ризница, која со сјајни очи била гледана од западниот свет. Во време на најголемите проширувања, Византија едвај ја надминувала површината на денешна Франција, а во неа живееле од 6 до 7 милиони жители, при што Цариград не можел да има повеќе од 250.000 жители, што е голема бројка за тоа време.

Иако не било многубројно тоа население било многу разнолично: Грци, Македонци, Славјани, Бугари, Анатолијци, Ерменци. Поради тоа, заедничката вера била цемент на Империјата. Било потребно царот да биде сметан за божји избраник на чело на тој христијански народ. Тој е предмет на култ за кој Константин VII, составил список на манифестации, аплаузи, молчење, понизно паѓање на колена. Царот неизбежно морал да завзема ставови во однос на догматските прашања, да извршува дисциплинарна власт во црквата и да има пресудна улога во изборот на цариградскиот патријарх. Ништо не ја изразува силата на тој верски живот во X и XI век од виталноста на монаштвото. Монасите ги опкружувала општа популарност. Многу световници го завршуваа својот живот во некој манастир на кого му го предаваа својот имот. Најславни од нив беа манастирите на Атос.

Уметноста била тесно поврзана со верскиот живот. Со победата на иконофилската партија манастирската и народната уметност се теологизира и станува по традиционална отколку било кога. Таа побожно ги копирала примероците кои претставуваат дела спасени од иконокластичните разурнувања, а особено минијатурите на старите сириски ракописи. Меѓутоа постои и службена, аристократска уметност, која ги задржува темите кои повторно биле воведени во време на иконокластичната криза: растенија, животни и световни призори. Мозаиците со живи бои, илуминирани ракописи, фино изрезбарена бронзена врата, ткаенини со насликани призори итн., им давале на спомениците и домовите раскошен и префинет украс.

После неколку десетлетија на замреност, во втората половина на X век одново на поттик на Константин VII се прави енциклопедиски напор. Негови плодови се историска, земјоделска, медицинска, ветеринарска и зоолошка енциклопедија. И најпосле, остварен е препород на неоплатонизмот, што се одрази на обнова на Цариградскиот универзитет (1042 - 1055) кој потоа беше потпора на преродбата.

Меѓутоа постои и друга струја на верска книжевност на народен јазик. Тоа се животописи на светци, а потоа верската поезија. Различните смерови доволно покажуваат дека византиската култура ја пребродила иконокластичката криза и дека одново ја стекнала рамнотежата и силата.

Стабилизацијата на војничките потфати меѓу Византија и исламскиот свет му го одзема на војната драматичното обележје, и иако судирите во X и XI век беа непрекинати, тоа не попречуваше да се создадат други услови во кои се одразуваше подносливоста и взаемното почитување. Оправдано се поставувало прашањето дали овие односи со соседите помогнаа за успехот на Византија во време на македонската династија. Треба при тоа да се истакнат културните врски, особено полесно што и двете култури се развиваа, поаѓајќи од истиот темел поставен уште за времето на Александар Македонски. Во овој период биле преведувани приказни, но и медицински дела на Арапите, така да во научниот речник биле користени многу арапски изрази. Од друга страна и муслиманите барале помош.

Навистина во периодот на најголемиот сјај на Византија, по смртта на Василиј II империјата ги покажува првите знаци на слабост. И покрај обновата на византиската флота која помогнала да се изведе победничка противофанзива, како и да ја развие трговијата, Византија никогаш не станала дел од големите поморски нации. Трговијата била презрена особено од грчкото благородништво. Тое не останувало на море. Односно, откако ќе се стекнело со богатство вложувало во земја. Така трговските врски на Византија претежно ги одржувале Сиријци, Италијани, Руси, Славјани и др. Царевите кои доаѓаат по Македонската династија ја запоставиле воената морнарица, а трговската морнарица ќе ја доведат до колапс. Тоа ќе предизвика трговските струења да го одбегнат главниот град. Така Византија која била широко отворена према морињата, наместо поморска велесила станува копнена земја. Напуштајќи ја политиката на церевите од Македонската династија, Византија го губи својот сјај и ги наговестува тешките времиња и доаѓањето на Турците.  

(Извор: „Големите цивилизации на средниот век“, том трети, книга 1, Загреб, 1972)

 

 

На прво место

Историја

News image

Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (65)

На 17 јуни 2018 година е потпишан од шефовите на дипломатии на Грција, Никос Коцијас и Македонија,...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ПРВИОТ БИБЛИСКИ РЕЧНИК НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК (9)

Во ова продолжение за читателите на порталот „Македонска нација“ ќе претставиме дел од „Библискиот...

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (32)

ПЕЛАШКО-ЕОЛСКА АТИНА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.