Среда, 18 Јануари 2017   
Манастир „Света Богородица Пречиста“

Tihomir Karanfilov-001

Тихомир Каранфилов

„На северните падини на брдото „Врвои“ е сместен манастирот Св. Богородица, наречен од населението „Пречиста“. Местоположбата му извонредно убава. Тој е обиколен со густа дабова шума и ја гледа пред себе како на дланка целата Кичевска котлина, начичкана со мноштво села, сместени во најживописните падини на планините во Кичевско. Градот Кичево е во дното на котлината. Се гледа средниот дел на Шарскиот ланец, покриен со дебел снег и наречен Бистра планина. Отука едвај се проѕира белата глава на величествената купола на Љуботен. Особено прекрасна е сликата наутро, при изгрев на сонцето. Се гледаат снежните врвови на планините, кои облеани со сончевите зраци имаат чудесен изглед. Една нежна сосема проѕирна завеса од водените испарувања која го покрива малото поле, полека се разлева и се дига, а селата се озаруваат од сонцето и најпосле блеснуваат многубројните поточиња, кои се собираат од сите страни над Кичево и ја образуваат реката Велика.“ – пишува во својот вовед за манастирот „Св. Богородица Пречиста“  Георги Трајчев во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.),

Кичевскиот манастир познат како „Света Богородица Пречиста“ е еден од најначајните манастири на територијата на Македонија. Во минатото се нарекувал Крнински манастир и преставувал духовен центар на Кичевскиот регион. Манастирот е сместен на планината Цоцан, на околу 920 метри надморска височина, на 10 км јужно од градот Кичево. Според преданијата, на местото на некогашниот древен храм, во близина на лековитиот извор, во 1316 година бил изграден манастирот посветен на Пресвета Богородица.

Манастирот бил повеќе пати опожарен. Во 1558 година го палат Османлиите, а во 1564 година месното население се обидува да изгради нов манастир. Но манастирот ја доживува истата судбина. Дури во 1848 година, манастирот повторно оживеал. Трајчев следејќи го историјатот на овој манастир ќе забележи:

„Не е познато од кога се води почетокот на манастирот. Во 1848 година е обновен по голем пожар. Стари калуѓери раскажуваат дека на местото на сегашниот храм имало друг мал, со црковен натпис дека храмот бил обновен со дозвола на султанот Сулејман. Се гледа дека и пред тоа време манастирот суштествувал. Според раскажувањето на старите, старата црква била камена и се зачувала од 4-те пожари, кој ги претрпел манастирот до 1848 година. Околу тоа време игумен бил Симеон, роден во Скопје од преселени жители на Кичевско. Симеон со мудрото управување ја подигнал благосостојбата на манастирот и по последниот пожар тој се завзел да го направи одново многу поголем отколку што бил порано. Ја срушил старата црква во која имало стари црковни книги и ја изградил денешната, која е прва поголема и поздраво изградена во тој крај. Градена е целосно од делкан камен во вид на правоаголник. Таа е висока, широка и се украсува со убаво кубе. Нема никаква потпора од внатре. Од малите. високопоставени прозорчиња паѓа слаба светлина во храмот и во него секогаш владее таинствен полумрак. Кандилата деноноќно треперат пред големите икони. Целото опкружување е чисто, едноставно, импозантно, а гласовите на монасите кои секое утро и вечер читаат правила, глуво одекнува во големиот храм и неволно ги тераат присутните да се замислат... Иконите се добро изработени, но ѕидниот живопис е слаб... Во западниот дел  на храмот има мало изворче, со вода со која се мијат болни луѓе за да оздрават. Над изворчето е сликата на св. Богородица, насликана во 1600 година. Дебарскиот митрополит Антим ја осветил црквата. Тој заповедал да се изгорат старите славјански книги, зошто биле штетни. Богослужението се вршело по нови пак славјански книги. Во 1869 година владиката го избркал арх. Симеон, но по силното настојување на народот пак се вратил. Во 1873 година починал игуменот и го оставил манастирот во многу добра состојба. Игумен станал арх. Козма, внук на Симеон. Тогаш манастирот со целото Кичевско се откажал од патријаршијата и ја признал егзархиската управа. Владиката, сепак успеал да го острани Козма со сила и го пратил во Св. Гора, а на негово место му поставил старец кој го управува манастирот до 1885 година. Поради старост, сепак го остапил на јеромонахот Софрониј, кој го управува до касно. Во истата година манастирот пак минал под егзархиска управа. Софрониј ја подобрил економската состојба на манастирот. Во манастирот имало и други монаси и два свештеника.

Еден од монасите, Јосиф завршил петти клас во Солунската гимназија и учел околу 40 деца од околните села, од кои половината се хранеле во манастирот. Поставена била и основата на библиотеката со црковни и морални поучни книги. Сите речиси попови во Кичевско се воспитаници на манастирот, кој што ширел големо духовно-морално влијание меѓу околното население...

„Пречиста“ има добар имот, доста жива стока и убаво стопанисување. Браќата лично го набљудувале целото имање. Секој празник манастирот се полни со христијани од околните села, кои тука се причествуваат. Особено зиме напливот е голем, бидејќи тука има случаи за место на видување, запознавање и ангажмани.“

Во нашите места има многу манастири, .ама никаде немало таква образовна регулатива каква што имало во „Пречиста“. Затоа манастирот бил толку многу почитуван и се славел. Говорејќи за значењето на манастирот за населението во Кичевско Трајчев ќе збележи следното:

„Селаните го поддржуваат со свои дарови, но и манастирот не остана должен, кога ќе има потреба. Доколку се гради некаде училиште или црква, тој секогаш е на прво место со своја помош. Доколку деца останат сираци или бездомници во некое село, „Пречиста“ ги прибира и одгледува додека не пораснат. Нека сите манастирски управи земат пример од Пречиста.., тогаш сите ќе се убедат дека манастирите не си ја одиграле својата улога како што мнозината мисли, а можат уште многу и многу да служат на народот.“

Врз основа на достапните извори за манастирот „Пречиста“, во својот осврт за манастирот, како и за уништената библиотека во која имало бројни ракописи и книги, авторот ќе додаде:

„На местото на сегашната црква, која е изградена во 1848 година имало стара црквичка, уште од времето на Сулејман. Таа црква била камена и здраво изградена, но мала која едвај собирала 100-тина души. Над западната врата имало натпис од 1564 година кој бил запишан точно од манастирскиот брат јеромонахот хаџи Теодосиј, кој после станал игумен. Тој надпис е репродуциран на голема камена плоча која е поставена до западната врата на црквата. Од натписот се гледа дека била од основа изградена црквата во времето на султан Сулејман и епископ Герасим Кичевски во ... (1564 год.). А од  зачуваните спомени се знае дека манастирот суштествувал од постаро време, пред изградбата на старата црква. Такви спомени има во манастирските „парусии“ препишани од поменатиот Теодосиј во 1846 година од постари „парусии“. Од тие имено белешки се гледа дека манастирот суштествувал уште во времето на христијанскиот цар и дека до пред 120 години имало ракописни историски белешки, како и тоа дека манастирот бил атакуван од разни варвари, агарјани и сарацени. Во крепосните актови (тапии)  манастирот „Пречиста“ се именува „Крнино“, од старото село со истото име, кое сега не постои веќе. Според преданието црквата на разрушеното село Крнино била на местото на денешниот манастир. Тука имало лековито кладенче, кое и денес гледа во северо-западната страна на манастирската црква. Кога бил опустошен Кнежескиот манастир, пред кладенчето дошла чудотворната икона на св. Богородица и застанала над една врба, поради кое населението го изградило манастирот „Пречиста“. Таа икона се чува и денес при изворчето во црквата. По преданието во „Пречиста“ имало пренесено од Кнежевскиот манастир и еден стол со искусно резбарство и пеачки аналој. Очигледно е дека манастирот „Пречиста“ суштествувал многу порано пред изградбата на старата црква (1564), но кога точно бил основан не е познато.

Во 1838 година опустошителната рака на Дебарскиот грчки владика Мелетиј уништил се што пишувало за славата и величината во минатото на  „Пречиста“. А дотогаш имало и богата библиотека во манастирот. За тоа сведочи и фактот дека Марија А. Карлова и Алекс. Гилфердинг, 20 години покасно од тој вандалски чин на Мелетија, наишле на зачуван ракопис од старо евангелие.

Информации за игумените имаме од почетокот на XIX век, кога Кирил Пејчиновиќ бил манастирски брат. Игумен бил Гаврил. После се редат игумените: Онуфриј. Гаврил од Св Гора, Хаџи Божил од село Орланци (Кичевско). Од 1824 – 1840 игумен бил Гаврил (Елисеј), кога Дебраните го ограбиле манастирот и ги опожариле сите згради, освен црквата. После игуменствува хаџи Теодосиј, кој со свои средства ги изградил сегашните манастирски згради. Во 1846 година Хаџи Теодосиј ја срушил старата црква и ја изградил денешната голема црква. Дваесет години покасно (1862) Хаџи Теодосиј бил заточен во св. Гора, по клеветите на дебарскиот владика Генадиј и некои манастирски браќа, а за игумен дошол хаџи Симеон од св. Јован Бигорски. Кон 1869 година Хаџи Теодосиј одново доаѓа во манастирот, но во 1873 година тој умира. За игумен бил избран арх. Козма, кој презел мерки за отварање на добро училиште во манастирот и за прогон на грчкиот владика. Тука во „Пречиста“, во месец мај 1874 година имало народно собрание од свештеници од Кичевско и монаси, кои донеле одлука да ја признаат Егзархијата... Наклеветен Козма од грчкиот владика Антим, бил заточен во св. Гора, од каде избегал на 1 октомври 1876 година и се прибрал во Цариград... На 12 октомври 1874 година дошол за игумен пак старецот Хаџи Симеон од св. Јован Бигорски. Тој го затекнал манастирот западнат поради прогонствата на грчкиот владика и настаните... Тој го управувал манастирот до 1882 година. На 1 јануар 1883 година игумен станува арх. Софрониј, родум од село Вранештица (Кичевско), кој со својата чесност, такт и умешност, одново го зазел манастирот и го издигнал на завидно ниво. Во 1884 година манастирот станал егзархиски. Софрониј игуменствува 28 години и умрел во 1911 година...

Во текот на сите мрачни и мачни години, кога Кичевско било изложено на разбојничките арнаутски напади, во текот на сите 500 години црно ропство, „Пречиста“ ја зачувала и крепела верата кај населението. Таа била нескршлива тврдина и буден стражар на христијанството во тој крај. Тука народот си ги топлел срцата, тука тој споделувал тагата и радоста. За Кичевско – „Пречиста“ и за Дебарско – св. Јован Бигорски беа два светилника, две светилишта, кои го крепеа националното сознание кај народот. Тука во тие западни покраини, благодарение на тие два фактори не се чуваше грчкото читање и писмо, иако и под влијание на грчки владици. Ете зошто „Пречиста“ имаше заслуги ... во Македонија, не само како чисто религиозно место и светилиште, но како стража на национално единство. Во текот на турското ропство тука се пишуваа ... книги и се ширеа низ околоните цркви и манастири. Тука учеле и првите книжевници на ... преродбата: Хаџи Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ  и др.“

Манастирот „Пречиста“ бил центар на преродбата на македонскиот народ. Всушност по затварањето на Свети Климентовиот народен универзитет, во Света Пречиста се раѓа и работи новото народно просветно училиште. Свое место манастирот има пред и за време на Илинденското востание во 1903 година, кога  во манастирот прибежиште наоѓале комитските чети кои делувале во овој регион.

 

 

На прво место

News image

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги усвои победничките листи за парламентарните избори

  Муцунски: Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги усвои победничките листи за парламентарните...

Историја

News image

Гоце Делчев неприкосновен лидер на македонската револуционерна борба

Општонародниот водач на македонската ослободителна борба Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 годи...

Иселеници

News image

НАЈГОЛЕМО ПРИЗНАНИЕ ЗА АНСАМБЛОТ „Томов“ И ЗА ГЕОРГИ (ЏОРЏ) ТОМОВ (19)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ТОМОВ“  НА СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

Велигденски пост

Првичната цел на предвелигденскиот пост била насочена кон огласените, кои се припремале да бидат крс...

Фељтон

News image

АКТИВНОСТИ НА ФОНДАЦИЈАТА ПО СМРТТА НА АТАНАС БЛИЗНАКОВ – (ДЕЛ II) (25)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАЈОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.