Петок, 06 Септември 2019   
Колумна на Сотир Костов: Раздавање, распродавање или крадење на македонската историја?

Колумна на Сотир Костов: Раздавање, распродавање или крадење на македонската историја?

Раздавање, распродавање или крадење на македонската историја? Вo име на добрососедство срамно бришат, сечат, лепат и продаваат историја! – До кога?

Кога имаме Премиер на влада кој вели дека сме краделе туѓа историја, кога Претседателот на Република  Македонија ќе изјави дека Гоце Делчев е Бугарин и кога министер за надворешни работи улогата на Гоце Делчев ќе ја сведе на пишување на писма на бугарски јазик, тогаш, повеќе од сигурно е дека тие политичари допреле дно на дното во политиката и животот. Еј, луѓе, денес, после над 160 години од започнувањето на македонската преродба, после 116 години од Илинденската епопеја и Крушевската република, 78 години од НОБ, 75 години од АСНОМ, и 28 од самостојна, независна и суверена Република Македонија, некои луѓе се уште не можат да се ослободат од жестокиот политички антагонизам во нашата историја. Прават се определени историски настани, личности, случувања и појави да бидат неприродно спротивставени внатре во самата историја. Тоа недоволно е предупредувачки, па со спротивставени ставови, политички и историски, се влетува во авантура на таканаречена заедничка историја со еден од нашите соседи – Република Бугарија.

А со друг сосед – Грција, се потпишува предавнички договор со кој се дава името, Македонија, се продава славното античко минато и се дозволува да ни го бербатат јазикот и скрнават културата. Овие анационални одродници, свесно или несвесно, намерно или ненамерно, времето ќе покаже, занемаруваат или игнорираат дека Македонија 1913 година беше поделена, и оттогаш имаме и поделена историја и сега, без претходно да си ја завршиме домашната работа, исилено, зорле, неприродно и вештачки ќе прогласува заедничка историја со еден од субјектите кој учествуваше во тројната поделба на Македонија.

Зошто се игнорира фактот, поточно од кои причини и за кои цели се прави тоа, дека ние внатре во Република Македонија докрај не сме ги доизградиле и конечно воспоставиле мостовите помеѓу одделните епохи и мостовите меѓу нивните историски протагонисти и антагонисти и докрај не сме ги помириле различните и во определен дел спротивставени ориентации во реализацијата на македонската историска идеја? Тука мислам пред се на дејствувањето на ВМРО (со различни додавки) во периодот од втората деценија на 20от век до почетокот на НОБ, а секако и на скршнувањето од воспоставениот курс на АСНОМ, одење во правец на социјалистичка (црвена) револуција (која ја нема во документите на АСНОМ) и отстранувањето и физичкото уништување на македонската национална линија воспоставена со документите и одлуките на АСНОМ.

Некои наши луѓе, пред се политичари, и мал број историчари, ги игнорираат овие факти и како да се скарани со нив. Истите тие не признаваат потреба од национално помирување, а тоа е алката која недостасува доколку сакаме да ја видиме и доживееме линијата на органскиот континуитет во македонската историографија. Ретко кој може, првенствено бидејќи нема валидни факти и аргументи за тоа, да негира дека имаме поделена земја (Република Македонија, Пиринска Македонија, Егејска Македонија), поделен народ (македонски народ во Република Македонија, македонско малцинство во Грција – Македонци под Грција, македонско малцинство во Бугарија – Македонци под Бугарија), поделени личности (позитивни и негативни; предавници и спасители; напредни и назадни; револуционери и реакционери) и поделена историја (историја на Република Македонија, историја на Бугарија и Грција за Македонија и македонскиот народ спротивни на нашата историја). Ете тоа беше и остана реалната слика за Македонија во 20от век,и еве за првите две декади од 21от век.

Што требаше да направиме на овој план?

Што пропуштивме да сториме, а требаше и мораше да го сториме?

Овие се судбински прашања за кои ние се уште бараме одговори, кои мораме да ги најдеме и да ги дадеме: пред самите нас, за нашата македонска историја, и секако за тие кои го негираат нашето постоење и не го признаваат нашиот историски континуитет. Прво што треба да го направиме е да не дозволуваме повеќе други да ја пишуваат нашата историја наместо нас. Тоа доволно го правеа, како Бугарите, така и Грците, а да не ги заборавиме и Србите и Турците. И од нив да е, доста беше.Треба да продолжиме таму каде што застана Михајло Апостолски, основоположникот на МАНУ и нејзиниот прв претседател кој со своја стручна екипа ја напиша првата званична историја на Македонскиот народ во 1969 година, кој конечно создаде и своја држава (академик Михаило Апостолски, академик Блаже Конески, академик Димитар Митрев, д-р Данчо Зографски, д-р Христо Андонов Полјански, д-р Иван Катарџиев и проф. Љубен Лапе). Тука треба да се спомне и трудот Македонскиот народ и македонската нација (Прилози за развитокот на македонската културно – национална мисла) од академик Блаже Ристевски.

И за крај Историја на македонската книжевност (20ти век од Миодраг Друговац). Подоцна следуваа и други изданија за македонската историја на македонскиот народ, македонската нација, македонската книжевност и македонскиот литературен јазик. Овие трудови беа првичен обид, би рекол успешен обид, кој ни даде одговори на следните прашања: Кои сме? Што сме? Од каде и какво е нашето потекло? Зошто го носиме името Македонија? Зошто се нарекуваме Македонци? Чии сме всушност ние? Најдобрите одговори за ова, меѓу другите, ги дале Лидија Славеска, во “Македонската генеза“, 2008, Скопје, Благој Трајков, во “Артефакти“, 2018, Скопје и Ангелина Маркус, во “Истражувања за античка Македонија“, 2014, Скопје. Сите тие велат дека сме Македонци од Македонија. Свои на своето. Македонски народ кој зборува македонски јазик. Македонски народ кој создал македонска држава – Република Македонија. Во нив се содржани сите наши историски победи (Македонско востание – Кресненско востание; Разловечко востание; Илинденско востание; Крушевска Република; НОБ и Антифашистичката борба против окупаторите на Македонија; АСНОМ и неговите државотворни одлуки; Референдумот од 8ми септември 1991 година). Но, набележани се и сите наши порази (Версај, Париз, Берлин, Сан Стефано, Букурешт), како показ и доказ дека некој ни грабнал од нашата родна грутка, не избркал од нашите домови, ни ги скрнавел гробовите и не пратил сургун.

И денес, кога мислевме дека конечно научивме колку лесно туѓинци и недобронамерници пишувале, а потоа за нивни потреби бришеле страници од историјата на македонскиот народ, македонската нација и Македонија и барем така ни се чинеше, дека сето тоа џенем заминало, како да историјата ни се повторува во вид на фарса, само што овој пат сме криви ние самите, па дозволуваме под превезот на некаков си договор за пријателство, добрососедство и соработка други да чепкаат, одлучуваат, а најточно арбитрираат и судат, за најсветлите датуми од нашата македонска историја и за нашите историски херои и великани – преродбеници и револуционери. Тоа е недозволено, спротивно на одредбите на Уставот на Република Македонија и на меѓународното право.

Би рекле, срамно и до максимум апсурдно. Кога веќе сме на добар пат, кој во добар дел и го изодивме да го формулираме, автохтоно и автономно, нашето историско македонско гледиште и да изградиме единствен став за историјата на македонскиот народ, македонската нација и Македонија од давнина и древнина, преку средновековието и вековите на преродба – 18ти и 19ти век, па се до 20от век, век на завршување на македонската државотворност, како да некој ни става сопки и ни прави опструкции за тоа, ама како да и ние самите даваме придонес тие сопки и опструкции да бидат многу штетни за времето кое го живееме и нашата иднина. Тие што не се свесни за ова, ние граѓаните на Република Македонија мораме да ги освестиме дека така, на тој начин и со такво штетно нивно однесување никогаш докрај нема да ја оствариме нашата автентична суштина: да ја пишуваме нашата историја според паметот што го имаме, знаењето што го поседуваме, објективно, тоа да го прават историчари – експерти на професионален начин според општо прифатените стандарди на науката и историјата. На тој начин и само на тој начин. А не секташки и под диктат на пропагандите, без разлика од каде доаѓаат, бидејќи тие секојпат биле големобугарски, големогрчки, големосрбски.

А се знае нивни заеднички именител е – штетни за Македонија, Македонскиот народ, Македонската нација и Македонската историја. Од тие и такви притисоци и пропаганди ни страдаа нашите предци, страдавме ние, а ако го дозволиме и овој срам, поранешен фашистички окупатор на Македонија и македонскиот народ, со своите валкани прсти да буричка во нашата светла историја, ќе бидеме одговорни и за страдањето на нашите идни поколенија.

Пишува: Сотир Костов

 

Историја

News image

Само седум борци ја преживеале битката на Мечкин камен

СВЕДОШТВО ОД 1918-ТА ЗА КРУШЕВСКАТА РЕПУБЛИКА: Само седум борци ја преживеале битката на Мечкин каме...

Иселеници

News image

КОРЕНИТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО ВИДИНОВСКИ ОД КАНАДА (11)

МАНАСТИРОТ „СВЕТИ ХРИСТОФОР“ И ДУХОВНОТО ЖИВЕЕЊЕ ВО КРСТ...

Култура и туризам

News image

ИЗРАЕЛ - ВЕТЕНАТА БИБЛИСКА ЗЕМЈА (7)

ВЕТЕНАТА ЗЕМЈА ИЗРАЕЛ  ДЕНЕС

Фељтон

News image

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ (26)

ИЛИРИТЕ НА БАЛКАНОТ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.