Понеделник, 23 Март 2020   
КОЛУМНА НА АНГЕЛОВСКИ: Македонија – во црвена фаза на измами, грабеж, неспособност и криза

КОЛУМНА НА АНГЕЛОВСКИ: Македонија – во црвена фаза на измами, грабеж, неспособност и кризаСтрашо АНГЕЛОВСКИ

Требаше да ни се случи светска криза со пандемијата на вирусот Ковид 19 па, покрај оние што со години укажуваат, уште еден дел од граѓаните во државава да прогледаат и да сфатат што ни се случува. А прогледаа затоа што успешно криените измами преку лажните известувања на пропагандната машинерија на Владата на Заев, излегоа на површина со целата своја жестина. И удрија толку жестоко во здравиот разум на луѓето, што целиот систем на лаги и измами граден во последниве пет-шест години, се растури како кула од карти. Па, здраворазумните граѓани со право чувствуваат поголем страв од распадот на овој систем на измами, кој беше нуден во замена за реалноста, каква и да е, отколку од малиот и невидлив непријател. Страв дека заспале во држава која “блеска“, со “пријатели“ секогаш подготвени да помогнат, како што им порачуваа креаторите на лаги, а се разбудиле во целосно ограбена држава, изолирана до болка во светот на лажната реалност, со крајно неспособно раководство, но подготвено на се, буквално на се, за да остане на власт.

Но, да одиме по ред:

Најпрво, а за многумина кои поверуваа во лагите за солидарноста на НАТО, отвореноста на границите на ЕУ, бесплатното лекување за нашите граѓани во државите членки на ЕУ, солидарната помош за земјоделците кои, нели, ќе имаат 25.000 евра годишен приход… (пораките од билбордите пред референдумот од 30 септември се уште ни се свежи), најболно одекна вистината дека големиот НАТО воен сојуз, наместо прокламираниот принцип на солидарност, покажа невидена доза на егоизам и врв на нечовечност, кога во време на светска здравствена криза наместо да ги искористи своите огромни капацитети за помош на човештвото, врши прераспоредување на многуилјадни трупи низ Европа заради заштита на некакви свои стратегиски интереси, движејќи се како слон во стакларска работилница во време кога државите воведуваат полициски часови и забрана за движење.

Вистината за отвореноста и солидарноста на ЕУ, како принцип врз кој беше градена перцепцијата кај македонските граѓани во подготвеноста да си го продадат и најсветото – името, идентитетот и историјата – заради членство во Унијата, како меур од сапуница се распрсна уште во првите денови на кризата кога “отворената“ ЕУ, со бодликави огради и армиски трупи се испарцелизира според старите државни граници. Врв на цинизмот, секако, беше одлуката на ЕУ дека не само што не смее да му се помогне на “пријателскиот“, таканаречен Западен Балкан, во кој спаѓа и Македонија, туку не смее дури ни да му се продаваат лекови и медицински помагала, како респираторни машини, бидејќи, нели, се попотребни за нивните граѓани со повисока вредност, наспроти оние “нецивилизирани суштества“ од Балканот.

И, доколку, ваквиот однос на НАТО и ЕУ, предизвикува болка и огорченост кај измамените, вистината дека Македонија е ограбена држава, дека во изминативе три години милијарди евра се испумпани во непознат правец и без официјален отчет, вистината дека државата што “блеска“ всушност станала црна дупка во Европа со буџет кој не може да издржи терет на неколкумесечна криза, со право кај граѓаните предизвикува загриженост, па дури и паника. Податокот дека грабежот се вршеше дури и легално, кога,на пример, преку Фондот за иновации се делеа стотици илјади евра на, за таа цел формирани компании на снаи, золви и јатрви на владеачката гарнитура, а денес тие истите не можат да “иновираат“ барем маски за заштита од вирусот, јасно говори дека целта на владеењето на оваа гарнитура била единствено – грабеж на државата. Грабеж, кој како најподмолен вирус е навлезен во нивниот ментален склоп, па и мерките кои ги предлагаат, како онаа за уравниловка на платите како во најцрното комунистичко владеење, на сите вработени на 14.500 денари, е уште еден обид да се доограбат оние веќе ограбените, обичните граѓани кои и онака едвај врзуваат крај со крај. Наместо, да се откажат од сопствените привилегии, како што е, на пример, токму деновиве објавената набавка на свежо месо за потребите на Владата во вредност од стотици илјади евра, оваа ненаситна гарнитура предлага начин за да го земе и последното парче месо, доколку и веќе го има, од чинијата на граѓанинот.

Притоа, со оваа мерка предложена лично од Зоран Заев, според реакциите на обичните граѓани кои како лавина потекоа низ социјалните мрежи, се изврши нова и страшна поделба на граѓаните во време на толку потребно единство во битката против заедничката закана, поделба на задоволни и незадоволни, поделба на економски очајници и безгрижни сопственици на тукушто купени кабриолети, поделба на обичната обесправена “раја“ и децата на “црвената буржоазија“ со стипендии од стотици илјади евра, поделба на ситиот кој не му верува на гладниот.

На виделина излезе и целата неспособност на оваа власт, власт на медиокритети и политички “апаратчици“. Неспособност која се огледува во секој настап на министрите на недобројните прес конференции, на кои освен општи места и празни фрази, не кажуваат ништо конкретно за “од напред“, а бегаат како ѓавол од крст од отчет за тоа зошто “блескавиот“ буџет наеднаш стана празно торбиче на рамото на питачот. Па кога неспособноста ќе се обедини со алчноста, во трагично време добиваме “комедија“ со порачаните, добиените, задржаните, па непорачани респираторни машини од Бразил, по цена три пати повисока од нормалната. Неспособност обединета со алчност, која мириса на воено профитерство. И, додека вие скенирате фискални сметки, министерката за финансии, која од сите услови за да биде министер исполнува само еден – постара е од 18 години,изгубена во времето и просторот, единствено што може да ви соопшти е дека државата ќе се задолжи за нови 700 милиони евра. И, толку.

Некој ќе рече дека не е време за критики, дека не е време да се изнесуваат вистините, но, едно мора да биде јасно – секој ден од здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид 19, ќе предизвика десет дена економска криза со која ќе мораме да се справуваме. И доколку оваа здравствена криза трае три месеци, можеме слободно да сметаме дека економската криза ќе трае триесет месеци. И, исто онака како што првичната несериозност во сфаќањето на опасноста од вирусот, подоцна доведе до преземање на најригорозни мерки како, на пример, полициски час, денешната несериозност во сфаќањето на економската криза која не очекува, заедно со дилетантизмот на Владата, може да доведе до распад на македонската економија, на финансискиот систем и до натамошно осиромашување на веќе ограбениот народ. Токму затоа, ние имаме обврска да предупредуваме, имаме обврска да бидеме слуги на вистината, наспроти креаторите на лагата. Зашто, станува збор за нашата држава и нашиот народ. Станува збор за иднината на нашите деца, на сите наши деца, а не само на оние кои и во време на најголема криза се фалат со туку што купениот кабриолет од 30.000 евра.

На крајот, надвор од досега напишаново, но, за да остане запишано – на 20 март 2020 година, со официјалниот прием на државава во НАТО, ние Македонците повеќе немаме право да немаме непријатели. Одземено ни е најблагородното право на пријателство со сите народи и држави во светот, а туѓите непријателства од тој ден стануваат и наши. Па така, непријателот на некоја држава членка на НАТО, без потреба, без повод и причина, без реално објаснување, станува официјален непријател на македонскиот народ и македонската држава. Токму заради тоа,ни ги украдоа името, идентитетот и историјата. За да можеме да стекнуваме непријатели.

Колку за размислување во деновите додека седите дома.

(Авторот е претседател на МААК)

https://denesen.mk/kolumna-na-angelovski-makedonija-vo-crvena-faza-na-izmami-grabez-nesposobnost-i-kriza/

 

На прво место

News image

МАКЕДОНИЈО, ТЕ САКАМЕ (во сите твои бои)

Марија-Емилија КУКУБАЈСКА и Емилија Кукубајска

Историја

News image

Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (61)

Милче Милошевски денес е пензионер кој од детство другарува со Маноил Мане Јаковлевски. Нивното др...

Култура и туризам

News image

Настанување на селото Лазорополе и потеклото на неговите жители

Лазорополе за прв пат се споменува во Кодиката (книгата на дарители) на манастирот Слепче, во вторат...

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (28)

ПОТЕРА ПО АРГОНАУТИТЕ И НИВНОТО ВРАЌАЊЕ – ДЕЛ I Кога Јасон и Медеја дошле на брод...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.