|
|
| Заев и Филипче се симбол на политичка и морална распаднатост! |
|
СДС мора да се ослободи од своите сенки! Во секое демократско општество, опозицијата има суштинска улога, таа не постои само за да критикува, туку за да коригира, да понуди алтернатива и да биде совеста на власта. Во Германија, по секој изборен пораз следи оставка и внатрешна реформа. Во Франција, политичарите со нарушен кредибилитет не можат да се појават на телевизија без да бидат исвиркани. Кај нас, истите луѓе со години се претставуваат како „ново лице“, а единственото што се менува е фразата во прес-конференциите. И додека Македонија се обидува да тргне напред, СДС останува закована во минатото, заробена од двајца луѓе, Зоран Заев и Венко Филипче кои станаа синоним за политички пад и морална деградација. Заев од “живот за сите” до живот за своите, е најјасниот пример како човек може да ја потроши довербата на цел народ. Тој беше надежта на многумина, симбол на промена по „мрачното“ владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Но наместо промена, донесе клиентелизам, криминал и непотизам. Под негово водство, Македонија не доби ни правда, ни реформи, доби промена на уставното име, знаме,...предавства и нови богати елити. Ако Заев ја симболизира потрошената политика, тогаш Венко Филипче е арогантен, самобендисан и без грам самокритика. Под негово “водство”, СДС изгледа како болница во хаос, без систем, без визија, со изгубена доверба. Луѓето не му веруваат, бидејќи во неговиот настап нема ни капка искреност, сè е глатко, полирано, соучеснички. Филипче не е политичар кој обединува, тој е човек кој дели, кој ја брани старата гарнитура и старите навики на шепотење зад затворени врати. Заради Ароганцијата, предавствата и лошите политики кои со години ги водеа Филипче, Ковачевски и Заев, денес им се враќаат како бумеранг. Народот на последните локални избори јасно ја покажа својата пресуда, доста беше манипулации и лични интереси. Венко Филипче продолжува да зборува за „реформи“, а во суштина сè е исто, истите луѓе, истите интереси, истите лаги. А кога партијата станува затворен круг од луѓе што се штитат меѓусебно, таа престанува да биде опозиција и станува картел на интереси. СДС мора да се ослободи од старите лица ако сака да преживее, тоа не значи само промена на имиња, туку и промена на свест. Да се врати моралот, да се вратат принципите, да се врати политиката во служба на народот и државата. Кадровски промени во моментов нема, не затоа што нема луѓе, туку затоа што никој не сака да биде дел од тимот на Филипче, кој ја доведе партијата до историски најниско ниво. Ако СДС не ја исчисти својата партиска авлија, ќе биде казнета со политичко непостоење. Затоа, реформа е прашање на опстанок. Ако тоа не се случи, СДС ќе остане партија од минатото, сенка на она што некогаш претставуваше. |














