|
|
Двотретинско мнозинство наместо вето |
Се шетале мајката и малото дете по улица. Дете како дете здогледало фрижидер со сладолед и запнало мајка му веднаш да му купи. Таа пак го лаже дека нема пари, ова не верува... ладно било времето, ќе настине....тоа рика од плачење. На крајот за да запре да се удира од земја и да не и го гледаат срамот околу, му купила дури од најголемите сладоледи. Ете така и нашата сосетка Грција. Се ”акаше од земја многупати досега, како детево со сладоледот, ако не ја послушаа и другите европски земји за неколкуте вета кои ги вложи за членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Е, сега за скротување на инаетливите и за да се оневозможат утре повторно да побараат ”сладолед со пет топки”, постојат и други методи. Покрај задоволувањето и исполнувањето на желбите, утре кога детето ќе ви ја направи истата сцена на улица, ќе му залепите шлаканица. Една таква добра и црвена шлаканица, што нема повторно да му текне да побара сладолед од сиротата му мајка. Грција одамна е зрела за врели шлаканици. Мора да се отрезни од мамурлакот, кој прилично долго време ја држи во ваква состојба. Само прашање е колку Европа е подготвена да им залепи шлаканици на своите деца или тоа само знае да им го прави на оние од ”комшиите”. Она што посебно не оди во прилог на македонската позиција во однос на Грција се континуираните ставови на дел од заборавените политички номенклатури во државава, кои преку ставовите кои ги изнесуваат не и помагаат воопшто на Македонија. Нивните мислења дека земјава мора што поскоро да постигне компромис, се само класично поткрепување на тезите дека тие воопшто не треба и да излегуваат пред медиумите. Знаеме дека левите сили во Македонија се склони кон компромиси. Тоа досега го покажале неколкукратно за последниве 15 години. И повторно не се отрезнија од резултатите кои подоцна им се вратија како бумеранг. Македонија под притисокот на Грција ги смени уставните амандмани, го смени знамето, прифати промена на името под некаква привремена референца, за која Киро не лажеше дека ќе биде само за неколку месеци, а излезе дека години и години се во прашање. Оттука, тој калибар на политичари, олицетворени во денешната македонска ”проевропска опозиција”, свесно треба да се неутрализираат за да се избегне уште еден компромис кој ќе биде на штета на Македонија. За каков компромис зборуваат политичките пензионери во Македонија ? Која е отстапката која Грција ќе ја направи ? Се лажат ”искусните” дека станува збор за компромис, тие воопшто не знаат што значи тој термин. Грција не прави никаква отстапка, таа не го менува сопственото име, таа не ги менува сопствените пасоши, таа само се обидува да го смени нашето уставно, државно и општествено уредување. Во Грција се ќе остане исто. Повторно ќе биде земја без малцинства, повторно ќе ги прогонува и угнетува Македонците. Што е тоа компромис тогаш ? Зошто овие наши душегрижници за нашево постоење, кога веќе повикуваат на некаков компромис со Атина, не побараат и Грција да покаже демократска зрелост, па како компензација за отстапката од македонска страна, таа да прифати признавање на македонската заедница во Егејска Македонија. На тој начин, тие наши политички дејци ќе ги соблечат пантолоните и ќе ни докажат дека имаат мадиња. Простете на изразот, но така е. За да може Европа да продолжи по патот на заедништвото и интеграциите, во наредниот период неизбежно ќе мора да размисли за промена на принципот на прием на новите земји членки. Наместо досегашното вето, кое може да биде злоупотребено од секоја земја, треба да се пристапи кон двотретинско мнозинство при донесувањето на одлуките. Доколку продолжи вака, во тој случај гласот на Албанија или на Кипар, ќе биде подеднакво тежок со гласот на САД. Што ќе се случи доколку утре Србија посака да стане член на алијансата ? Тирана со своето право на вето може да го стопира процесот на присоединување на идентичен начин како што тоа сега го направи Грција со Македонија. Со тоа велесилите ќе бидат надгласани од помалите и послабите земји. Затоа Брисел мора да покрене процедура за поинаков прием на земјите аспиранти. Двотретинското мнозинство би се користело како начин на одлучување и за сите други процеси за кои во иднина ќе одлучува НАТО. |