|
|
Интервју со историчарот Александар Донски за бугарскиот весник „Б`лгарија днес“ (прв дел) |
„МАКЕДОНСКА НАЦИЈА“ ГО ОБЈАВУВА ЦЕЛОСНОТО ИНТЕРВЈУ НА АЛЕКСАНДАР ДОНСКИ ЗА ВЕСНИКОТ „Б’ЛГАРИА ДНЕС“ Како што е познато неодамна бугарскиот весник „Б’лгариа днес“ објави интервју во два дела со македонскиот историчар м-р Александар Донски. Иако насловите и поднасловите во интервјуто, како и фотомонтажата во вториот дел (на која божем Донски му доделува македонски пасош на Божидар Димитров - фотомонтажа која одамна кружи низ Интернет), се дело на редакцијата на весникот (а не на авторот Донски), ова интервју претставуваше ретка можност за автентично претставување на македонската историска аргументација пред пошироката бугарска јавност. И не само тоа. Ова можеби е прво интервју во кое еден македoнски историчар пред пошироката бугарска јавност, не само што ги објаснува основните етногенетски разлики помеѓу Македонците и Бугарите, туку и поставува прашања во врска со некои основни тези за потеклото на самата бугарска нација. Досега интервјуто предизвика голем интерес кај бугарската јавност и политичари, па истото е преобјавено и во бугарскиуот весник „ТЕЛЕГРАФ“. Да се надеваме дека ова интервју ќе придонесе кон поголемо разбирање помеѓу нашите два народи и држави затоа што само преку отворен дијалог со аргументи можат да се надминат одделни недоразбирања. Александар Донски упатува јавна благодарност до редакцијата на бугарскиот весник „Б’лгариа днес“ за храброста што ја покажаа преку објавувањето на ова интервју. Она што е малку познато е дека ова интервју во својата оригинална верзија е многу подолго (со поголем број прашања и подолги одговори). Меѓутоа, како што Донски бил известен од редакцијата, во интерес на просторот интервјуто било драстично скратено. Меѓутоа, во „Македонска нација“ во продолженија екслузивно ја објавуваме интегралната целосна верзија на интервјуто со цел да се види што требало да биде објавено, а воедно и да ги дополни скратените одговори во веќе објавеното интервју.
Колку длабоко Бугарија и` го заби ножот на Македонија со поставувањето на вето за започнување на преговори за влегување во ЕУ? Колку е опасна таа рана и може ли да биде смртоносна за иднината на Македонија?
Најнапред сакам да се заблагодарам на „Бугарија денес“ што дозволува ретка можност пред бугарската јавност да бидат објавени македонски ставови во врска со некои прашања што ги засегаат нашите две држави и народи. Само преку отворена размена на аргументи и контра-аргументи може да се постигне напредок во односите. Што се однесува до Вашето прашање, ќе кажам дека поголем дел од јавноста кај нас очекуваше ваков исход затоа што Бугарија и Грција однапред го најавуваа тоа што го направија. Македонија ќе продолжи да егзистира преку уште поголемо зацврстување на билатералните односи со клучните држави од ЕУ и НАТО и чекање на вистинскиот момент за формален прием во евро-атланските интеграции. Што се однесува до „смртноста“ на Македонија, нашата држава може да ја снема само преку брутална надворешна воена окупација, а такво нешто не може да се случи без погубни последици по субјектот што би се осмелил на такво нешто.
Кој е крив за залудавање на односите меѓу Скопје и Софија?
Од македонски аспект гледано, хронична причина е тоа што бугарските влади не го признаваат постоењето на македонската нација, јазик и култура. Тоа во Македонија предизвикува негативни чувства. Замислете си некој да не ја признава бугарската нација? Како аргумент дека сум во право ќе го спомнам периодот на Георги Димитров (без оглед што се работело за комунистички режим) кога односите помеѓу Македонците и Бугарите биле на највисоко можно ниво, да не речам братски. И во периодот на Жељу Жељев односите беа затоплени затоа што тој, како вистински демократ, секогаш даваше и се` уште дава, поддршка на Македонија. Почитуваниот Жељев денес е можеби најпопуларниот современ бугарски политичар во Македонија. За жал, кај некои други бугарски политичари, се` уште како да бдее сенката на Тодор Живков. Бугарија не смее да стане заложник на поедини македономрсци кои единствено егзистираат врз ширењето омраза кон Македонија. Овие субјекти добро знаат дека ако се затоплат македонско-бугарските односи, ќе останат како риби на суво. Ете затоа е нивната параноја кон се` што е македонско. Од друга страна и кај нас има луѓе кои ја мразат Бугарија и ја критикуваат и кога треба и кога не треба. Овие субјекти исто така се пречка за нормализирањето на односите помеѓу нашите држави и народи. Но, од трета страна, наспроти сето ова, врските помеѓу обичните граѓани не се оптоварени ни со политика, ни со историја и тие се повеќе се развиваат и продлабочуваат. Тоа е нешто што мора да се поддржи.
Има ли излез за Македонија од новонастанатата ситуација?
Ние сме поминале многу потешки периоди низ историјата, па пак сме опстанале. Од ваквата состојба излезот е во чекањето. Времето е на страната на Македонија. Замислете си кога еден ден сите држави во Европа ќе станат членки на ЕУ, со исклучок на Македонија и тоа само поради противење на Грција и евентуално на Бугарија. Сигурно дека ЕУ такво нешто нема да дозволи. Исто е и со НАТО. Македонија, иако формално не е членка, таа има одлични односи со сите земји членки, а посебно со САД. Од друга страна, сигурно дека не им е лесно и на оние кои го попречуваат нашето членство затоа што постојано мора да се правдаат пред западните земји зошто попречуваат една мала и слаба држава да влезе во ЕУ и НАТО. Нема потреба Бугарија и Грција толку да се плашат од Македонија. Бугарската влада треба да сфати дека спротивставувањето за влез на Македонија во ЕУ и НАТО може да биде и контрапродуктивно затоа што нанесува штета на угледот на самата Бугарија пред западните земји, а во Македонија исто така создава негативни чувства. Ако продолжат бугарските влади со политика против евро-интеграцијата на Македонија, тие ќе ризикуваат Бугарија да се најде под притисок на западните земји. И зошто сето тоа? Кому му е тоа потребно? Зарем бугарската влада се плаши од Македонија? За такво нешто нема никаква причина.
Прифатливи ли се условите на Бугарија за нормализирање на добрососедските односи меѓу двете држави?
Нашиот министер за надворешни работи ги прифати трите услови, т.е. предлози кои и беа понудени на Република Македонија и тоа е сосема во ред.
Официјална Софија бара да се празнуваат празниците, кои што не` зближуваат. Има ли такви празници во македонската историја и кои се тие?
Кај нас на ваквиот предлог се гледа како на намера да се покаже дека Македонците и Бугарите имаат заедничка историја, т.е. дека се ист народ. Секоја држава нека си празнува какви сака празници. Доктрината на Бугарија е дека до 1944 година не постои македонска држава, македонски јазик и македонска нација. Има ли партии во Скопје кои би прифатиле таква позиција за да започнат на чисто во односите со Софија?
Не. Ние поседуваме премногу историски аргументи за посебноста на Македонците уште од антиката, па до денес и никој нормален не би ја прифатил лагата дека ние сме настанале во 1944 година. Во врска со македонското прашање во Бугарија владеат стереотипи. Така, на пример, се тврди дека Србите ја „измислиле македонската нација“ за да и` „наштетат на Бугарија“. Но, за време на големосрпското владеење во Македонија, официјалната српска политика ја обвинувала Бугарија дека „измислува“ македонска нација! Во 1929 година српскиот историчар Милан Јовановиќ објавил книга (која ја имам во оригинал) во која се обидува да докаже дека населението во „Вардарска бановина“ (како што Србите тогаш ја нарекувале Вардарска Македонија) било „српско“. Притоа тој ја напаѓа Бугарија дека наводно, за да им наштети на српските интереси, измислувала „македонска нација“. И други Срби од самиот почетокот на 20 век пишувале дека Бугарите биле тие кои „измислуваат“ македонска нација, а така пишувале и поедини Грци (како што бил на пример Теофилос Папаконстантину), кој тврдел дека Бугарите ги „измислиле“ македонската нација и јазик. Но, овие податоци денес се кријат во Бугарија.
Како ќе ги коментирате зборовите на овдешните историчари, дека Македонци и Бугари всушност се „еден народ, во две држави“?
Подолу, во коментарот за мојата книга, давам одговор на ова прашање.
Една од најмразените личности во цела Македонија е директорот на Националниот историски музеј Божидар Димитров. Пред неколку години тој објави награда од 1 млион евра ако некој даде доказ, дека на територијата на денешна Македонија пред 1944 година живееле Македонци, а не Бугари. Се` уште никој не може да ја земе наградата. Какви се шансите во блиска иднина некој да стане побогат за 1 млион евра за сметка на Димитров?
Кога сме кај лицето Божидар Димитров, најнапред сакам да демантирам една лага која (како што сум информиран од мои пријатели во Бугарија) ја кажал против мене на некоја ТВ програма. Во недостиг на историски аргументи, тој ја нападнал мојата личност при што изјавил дека сум потекнувал од српско колонистичко семејство. Тоа е дрска лага! Јас ги почитувам сите народи, вклучувајќи ги и Србите и Бугарите и сум космпоолит по убедување, но јас сепак случајно сум се погодил да бидам од семејство со чисто македонско потекло уште од генерациите кои ги паметам. Секако дека за ова постојат релевантни и секому достапни докази. Мојата баба е потомок на најстарото штипско градско семејство и за неа постои позната народна песна, а дедо ми е од едно големо штипско село. И од страна на мајка ми сме по потекло чисти Македонци. Но, сето тоа не е толку важно. Поважно е тоа што Божидар Димитров е човек склон кон лажење и тешко на Бугарија ако такви како него ја насочуваат бугарската надворешна политика кон Македонија. Неговиот предлог за милион евра овде се зема на мајтап и истиот служи за пред наивни поединци од бугарска страна. Веќе ви спомнав дека во Бугарија се кријат големиот број документи и сведоштва за постоењето на Македонци уште од антиката, па до поновите историски периоди. За посебноста на Македонците како народ во доцната антика пишувале: Десиос Коминос Јулианос, Созомен, Теодорит Кирски и други. За Македонците како жители на Македонија во Средниот век пишувале: Константин Багренородни, Јован Каменијат, Ана Комнена, Теофановиот продолжувач за походот на Никофор Фока, Никофор Вриениј, австрискиот цар Леополд Први и други. Во новиот век како Македонци себе си се декларирале учесниците на Кресненското и на Разловечкото востание, како и членовите на Привремената влада на Македонија од 1880-те години, која од Големите сили побарала реставрација на античка Македонија. Како Македонци се декларирале и сите членови на Литературното друштво во Санкт Петербург на чело со Димитрија Чуповски (од почетокот на 20 век), потоа македонските интелектуалци и публицисти од 19 и 20 век: Шумков, Мажовски, Мисирков, Чупаров, Димитар Македонски, Нешковиќ, Ѓорги Македонски, Пулевски, Евро, Групче, Мушевиќ, Попов, Шахов, Икономов, Пировски, Дедов, Мишајков, Хаџиташков и многу други... Во 19 и почетокот на 20 век за посебноста на Македонците како народ пишувал и истакнатиот бугарски публицист Петар Драганов, а за масовното постоење на свеста за македонската национална посебност во 19 век сведочел и бугарскиот агент Петко Славејков, кој јавно напишал дека голем број Македонци му тврделе дека не се Бугари, туку Македонци – потомци на Александар Велики. Слично пишувал и бугарскиот публицист Левов. За Македонците како посебен народ во 19 и почетокот на 20 век пишувале и странските публицисти: Австриецот Карл Хрон, Русите: Аксаков, Лавров, Петрајев и Комаров, естонскиот лингвист Мазинг, полскиот лингвист Куртене, романскиот лингвист Абуре, полскиот лингвист Пшевалски, австрискиот професор Киндингер (кој престојувал во Македонија за време на Илинденското востание), романскиот славист Барбулеско и други. Водачот на Илинденското востание Борис Сарафов неколкупати изјавил за европските весници дека Македонците не се ни Срби, ни Бугари, туку Македонци. Претходно Стефан Верковиќ сведочел дека родот Пуливаковци од југозападна Македонија себеси се декларирале како потомци на Александар Велики, а водачот на врховистичкото Горноџунајско востание Атанас Јанков во 1902 година ги повикал востаниците (обраќајќи им се со „Македонци“) да се борат за славата на Александар Велики. Подоцна тој самиот изјавил дека е Македонец, а не Бугарин. Како Македонци се декларирале и бројни македонски десничари, па дури и членови на ВМРО на Ванчо Михајлов. Но, сето ова денес се крие во Бугарија. Една од вашите најпознати и најчитани книги е „Етногенетските разлики помеѓу Македонците и Бугарите“, објавени во 2000 година. Може ли накусо да кажете кои се основните разлики меѓу луѓето во двете држави?
Да, таа книга се продаде во илјадници примероци. Основните разлики помеѓу нашите два народа се во етногенезата, т.е. во етникумите од кои се создадени овие два народа. Познато е дека официјалната бугарска историографија досега неколку пати во последниве децении ги менуваше теориите за потеклото на денешните Бугари. Така, на пример, за време на Втората Светска Војна, преовладувале ставови со анти-словенска основа, па современите Бугари биле прогласени за потомци на „Хуно-Татарите“. Посебно гласни во ваквите тврдења биле „Ратниците за напредок на б`лгарштината“ на Кантарџиев. Непосредно по војната, официјален став на бугарската историографија бил дека Бугарите се „чисти Словени“, секако под влијание на тогашната „дружба“ со СССР. Од околу седумдесеттите години на 20 век, официјалната бугарска историографија смета дека денешните Бугари претставуваат етничка мешавина од: Тракијците, Словените (Антите) и Бугарите од Азија. Македонската нација, пак, во најголем дел е создадена од мешањето на античките Македонци и Словените (иако и кај нас до неодамна беше форсирана исклучиво словенската теорија). Факт е дека Бугарите (мислам на турко-монголските Бугари на Кубрат и Аспарух) никогаш масовно не се населиле во Македонија што значи дека Македоцните и да сакаат не можат да бидат Бугари затоа што немаат бугарска крв во себе. Познато е дека турко-монголските Бугари припаѓале на жолтата раса. Овде ви испраќам поштенска марка официјално објавена од Бугарската државна пошта на која се насликани ликовите на првите бугарски ханови Кубрат и Аспарух како Монголи - припадници на жолтата раса. Доколку денешните Македоцни се потомци на овие Бугари, тогаш тие денес би имале антрополошки црти и на луѓе од жолтата раса (какви што биле вистинските етнички Бугари на хан Кубрат). Исто е и со Тракијците. И тие (како составен дел од денешната бугарска нација) никогаш масовно не живееле во Македонија, па и тие отпаѓаат од етногенезата (настанокот) на денешната македонска нација. Но, се поставува прашањето и колку денешните Бугари од Бугарија имаат крвни и културни врски со Бугарите на хан Кубрат? Се знае дека Аспаруховите Бугари биле во војна и со Тракијците и со Словените. Бугарскиот хан Омуртаг дури и во 9-ти век изјавил дека ќе ги убива Словените се` додека свети сонцето, а бугарскиот хан Крум (исто така во 9-ти век) направил вистински масакр среде Тракијците во Сердика (Софија), убивајќи околу шест илјади од нив. Денешните Бугари од Бугарија се убав народ – припадници на белата раса, па нема никаква логика како свои крвни предци да слават луѓе – припадници на жолтата раса. Според здравата логика, но и според релевантни истражувања спроведени во Бугарија, во најголем процент денешните Бугари се потомци на славниот народ Тракијци, но и на Словените (Анти). Погледнете колку тракиски лични имиња има до денес среде Бугарите. Порано некои се смееја кога Бугарите го прогласија Тракиецот Спартак за свој етнички предок, но во тоа нема ништо смешно, затоа што тоа е вистина. Денешните Бугари се многу повеќе потомци на еден од најстарите и најкултурни народи во Европа – Тракијците, отколку на азијатските Бугари, кои не можеле да се пофалат со којзнае каква култура. Меѓутоа, токму азијатските турко-монголски Бугари ја создале државата Бугарија, па со текот на времето Тракијците и Словените го прифатиле туѓото бугарско етничко име како свое. Така денес имаме една, не сосема логична, состојба кога потомците на преживеаните Тракијци од Софија се гордеат со своето „бугарско“ етничко име, т.е. со етничкото име на убијците на нивните предци во Сердика, кои биле масакрирани токму од бугарскиот хан Крум. Но, денешната бугарска нација постои и сите тоа треба да го почитуваат. Што се однесува до сличностите кои постојат помеѓу македонскиот и бугарскиот јазик и култура, тие сличности во основа се трако-македонски и словенски, но не и бугарски, затоа што вистинските етнички Бугари на Кубрат и Аспарух никогаш масовно не се населиле ниту во Македонија, ниту во поголем дел од денешна Бугарија. Ние Македонците немаме никаква врска со вистинските жолтокожи Аспарухови Бугари, кои денешните Бугари ги слават како свои први етнички предци, иако одвај дали имаат некоја врска со нив.
Основната теза во вашите книги и новинарски статии е дека народот во Македонија е директен наследник на античните Македонци на Александар Македонски. Кои се доказите за тоа?
Не, Вашата констатација не е сосема точна. Јас никаде не сум напишал дека денешните Македонци се чисти потомци на античките. Не постои ниту еден народ со чисто етничко потекло и секое поинакво тврдење претставува бесмислица со мирис на расизам. Јас само ја поткрепувам вистината дека и античките Македонци (заедно со Словените) ја внеле својата крв и култура во денешната македонска нација. Што се однесува до наследството од античките Македонци во денешната македонска нација, тоа е огромно и истото е обработено во некои од моите книги, но и од други автори. Да почнеме по ред. Прво овде е самото име Македонија, кое е античко. Потоа, следува најсилниот аргумент што никој жив не може да го негира. Тој аргумент е заснован на генетиката. Не така одамна, најмалку два угледни европски научни институти кои вршеа генетски истражувања за потеклото на некои европски и азиски народи, преку генетски примерок од неколку стотици Македонци (кои не биле роднински поврзани), јасно утврдија дека денешните Македонци се еден од најстарите народи во Европа и дека во најголем процент се потомци на античките Македонци. Едниот од нив е Одделот за имунологија и молекуларна биологија од мадридскиот универзитет Комплутенс, а другиот е угледниот швајцарски институт Игенеа. Овие научни податоци кај нас беа нашироко објавени, но во Бугарија истите беа премолчени. Патем да спомнам дека според генетските истражувања на Игенеа денешните Бугари во најголем процент во себе ја носат крвта и гените на славниот балкански антички народ Тракијци, а не на турко-монголските азиски Бугари на Кубрат и Аспарух. Понатаму, во македонскиот фолклор постојат огромен број песни, легенди, приказни, преданија и обичаи со античко-македонски содржини и со содржини од античката балканска митологија, која ја практикувале античките Македонци, па преку нив стигнала и до денешните Македонци. Добро е познато дека фолклорот на секој народ ги влече своите корени токму од етничкото потекло на тој народ, па така треба да се гледа и на оваа појава (за која, по потреба, можам да наведам повеќе десетици примери). Конечно, овде е и декларирањето. И покрај силните влијанија на српската, грчката и бугарската пропаганда да ги натера Македонците да се декларираат во склад со сопствената пропаганда, голем број Македонци во минатото се декларирале себеси како потомци на античките Македонци. Тежината на ваквото декларирање е поголема затоа што нив никој не ги терал на такво нешто, туку тие ваквото декларирање го наследиле од своите предци. Еве еден неодамна откриен пример. Се работи за интервју со Никола Карев дадено за грчкиот весник „Акрополис“ во 1902 година. Ова интервју беше откриено во Грција во 1997 година и во него самиот Карев себе си се декларира како потомок на античките Македонци. Постојат бројни вакви примери, кои во интерес на просторот не можам да ги наведам. Конечно овде е логиката. Античките народи не испарувале во воздух, ниту пак пропаѓале в земја, туку ја приложувале својата крв и култура во народите што подоцна се јавувале на нивната територија. Така, на пример, денешните Бугари со право тврдат дека Тракијците ја внеле својата крв и култура во современата бугарска нација. Исто и со денешните Грци кои тврдат дека се потомци на Хелените, како и со Албанците кои тврдат дека се потомци на Илирите. Но, кога се во прашање античките Македонци, тогаш овде се вмешува дневната политика, па грчките и бугарските историчари афективно реагираат и се спротивставуваат на вистината дека и античките Македонци ја приложиле својата крв и култура во денешните Македонци, т.е. во народот што се појавил на нивната територија. Потсетувам дека античките Македонци биле подоминантни од околните народи: Хелени, Тракијци и Илири и тие со векови ги држеле овие народи под македонско ропство. Оттаму, надвор од здравиот разум е да се тврди дека Тракијците, Хелените и Илирите останале низ историјата, а античките Македонци „ги снемало“. Продолжува |