|
||||
Oтворена ретроспективна изложба по повод 150 години од раѓањето на Димитар Андонов Папрадишки |
Ретроспективна изложба на Димитрија Андонов Папрадишки, еден од последните зографи и првиот македонски профан сликар, е отворена вечерва во Ликовниот салон во Велес, по повод 150-годишнината од неговото раѓање. Изложбата е поставена во соработка со Националната галерија на Македонија и Народниот музеј-Велес со финансиска поддршка на Министерството за култура. На отворањето на изложбата министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека делата кои зад себе ги остави овој плоден иконописец, автор на бројни икони, иконостаси и портрети, кои денес грижливо ги чуваат не само Велес, туку и институциите и приватни сопственици низ Македонија, претставуваат симболи и синоними за вистинските вредности во македонската култура. - Надарен со природна интелегенција, со ведар дух и исклучителен сликарски талент, како што го претставил Лазар Личеноски, Папрадишки направи историски пресврт во македонското сликарство и во нашата историја се впиша како уметник кој црковното сликарство во Македонија го етаблираше на друго, повисоко ниво, истакна Канческа-Милевска. Сето богатство што Папрадишки го остави зад себе, реализирано во неговиот долг и плоден творечки живот, повеќе од 1.200 икони за околу 100-тина цркви во Македонија и Србија, бројни портрети и композиции со национално-историска и битова тематика, посочи Канческа-Милевска, претставуваат трајни остварувања и вистинско културно наследство кое Македонија го споделува со светската културна традиција. Министерката Канчевска Милевска рече дека целта е да се презентираат помалку познатите дела на авторот за пошироката публика да се запознае со неговото значајно дело. Според неа, сите Народни музеи од земјава треба да ја преземат оваа изложба. Таа изрази надеж дека оваа значајна изложба ќе биде претставена и во други држави. Директорката на Националната галерија на Македонија Маја Крстевска истакна дека оваа изложба е со цел македонската културна јавност многу повеќе да се запознае го големото дело на овој значаен автор. Во Ликовниот салон во Велес се претставени 40-тина дела на Димитрија Андонов Папрадишки, масло на платно, главно портрети и икони. Димитар Андонов Папрадишки е меѓу најзначајните личности во македонското сликарство. Тој кон крајот на 19 век го направи историскиот пресврт во македонското сликарство, поврзувајќи ги последните нишки од религиозното сликарство со првите обиди за профано сликарство. Роден е 1859 година во велешкото село Папрадиште. Во 1884/5 ја завршува Художествената иконографска школа во Киев. Со неговата појава почнува процесот на бавно запоставување на естетиката на традиционалното византиско и поствизантиско сликарство и „европеизирање“ на црковната уметност во се уште конзервативните црковни средини. |