Среда, 11 Февруари 2026    Печати
Свети Трифун во Зубовце

150541567 179207623603792 8269258985540529053 n copy

Свети Трифун се слави на 14 февруари и претставува еден од најзначајните народно-црковни празници, особено за лозарите и овоштарите.

На овој ден именден слават Трифун и Трифе, а празникот се доживува како симбол на нов почеток, плодност и благослов за годината што доаѓа.

Во Зубовце, Свети Трифун се празнува со посебна чест и длабока почит, онака како што се пренесувало од колено на колено.

Празнувањето започнува во 10:00 часот со одење во лозјата, кај крстот, каде што свештеникот чита молитва за бериќет и здравје, а потоа осветува вода со која симболично се попрскуваат лозјата – за да бидат родни, здрави и заштитени од непогоди.

1trifun 6

Во 11:00 часот, празничната традиција продолжува во Црквата „Света Огнена Марија“, каде што се кршат две погачи, а во секоја од нив има по една паричка. Кај кого ќе паднат паричките, тие стануваат кумови за наредната година – чест и обврска што се прифаќа со радост.

Веќе е воспоставена традиција едниот кум да биде жител на Зубовце, а другиот гостин, што го прави празникот уште посимболичен и заеднички.

Од памтивек, Зубовчани го слават Свети Трифун како заштитник на виновата лоза и овошките. По старата традиција, се излегувало на лозјените насади и со молитва се закројувале неколку лозови прачки – чин што означува надеж за добра и плодна година.

Особено карактеристично за зубовското закројување било тоа што секој со себе носел ракија, домашно вино, пржени зубовски колбаси со сушени пиперки и јајца. По закројувањето, секој јадел и пиел во своето лозје, а потоа луѓето се собирале во групи, продолжувајќи ја веселбата со песна, разговор и наздравување.

Зубовчани знаеле–и сè уште знаат–„машки“ да го прослават Свети Трифун, со мерак, гордост и чувство дека го чуваат она што им е оставено како аманет.

Оваа вековна традиција во Зубовце и денес живее. И ќе живее. Зашто Зубовчани нема да дозволат обичај што го врзува трудот, верата и заедништвото да згасне. Свети Трифун за Зубовчани не е само празник–тој е идентитет.

Витко Огњаноски, Зубовце