Среда, 03 Мај 2017    Печати
Што ти е светов, си мислеше Костадин кога дојде во Америка: САВО КОСТАДИНОВСКИ

SavoKostadinovski„Што ти е светов, си мислеше Костадин кога дојде во Америка. До вчера, што се вели, акав низ Добра Вода, а сега сум толку далеку, меѓу толку непознати луѓе кои одвај ги разбирам што сакаат да кажат. Нивниот јазик ти бил бетер од арнаутскиот. А и како да го научиш кога цел ден си во онаа темна дупка.“

Во Детроит не знаеше што му е потешко - катадневната работа или мислата за своите. И едното и другото заедно му создаваа голема тегоба. Најмногу го измачуваа ликовите на своите дечиња. Постојано си замислува¬ше каков им е ликот, како изгледаат кога зборуваат, кога се смеат, кога ќе заплачат... Никако да им го долови ликот од времето кога ги остави. А не можеше ни да си претпостави како изгледаат сега. Децата брзо растат, брзо го менуваат ликот.

„Личат ли сега на мене?“, се прашуваше како најголем осаменик на светот, како човек без никого, како да е паднат во некој необичен свет, во којшто ги нема најблиските, ниту нивните ликови во својата меморија. Се чувствуваше како осамено дрво без гранки, со искастрена крошна, со потсушено стебло, со разнишани корени.

Костадин најмногу мислеше за родниот крај и за дома, а с# тукашно што ќе помислеше и што ќе го видеше го поврзуваше со родниот крај. „Кога работев во Ботуше одев на нива, одев низ шума, одев по ридиштата и по планината, а овде секој ден в дупка. В дупка, па в дупка. Ама тоа ти е печалбата“.

Не само за него, туку и за неговите другари рудникот за јаглен беше дупка. Една голема дупка во која влегуваат многу луѓе. Влегуваат како луѓе, а излегуваат како црнци, како василичари измачкани со жарје. И кога ќе излезеш на бела виделина да не можеш да си го познаеш другарот. А се случуваше со недели да не видат сонце, да не знаат што е тоа ден. Посебно кога беше кус денот. Ќе влезеа наутро во темно, цел ден внатре во темно, ќе излезеа во темно... И така со денови. И така со недели. Со недели во црна дупка. Брзо научија дека за Американците тоа не е дупка туку „мајн“. Ама не можеа да прифатат „мајн мајн“.

- А бе, Костадине – му вели еднаш Рајко Лапајко – го слушна што рече Перо Бакалот? Вели, кога овде е ноќе, кај нас во Македонија е ден, а кога овде е ден – во Македонија е ноќ. Тебе ти се верует?

- Е, па Рајко, така е!

- Ај, што велиш, бре војводо!? - рече со малку чудење, но бидејќи е кажано од Костадина го прифаќа како точно. По малку размислување му се разбуди љубопитството.

- Овде три недели не сме виделе ден, саде ноќ е. Ако е така, како што велите, тогаш во Ботуше три недели е саде ден?! Ами, ти кога беше во Ботуше виде некогаш три недели да е ден и ич да не се стемнит?

Со својот авторитет и со своите куси одговори Костадин брзо го убеди дека не е во право.

- Море Лапајко, ами ти знаеш дека и земјата била тркалезна? - му вели Блаже Лажот.

- Ајде бе Лажу, мене најде да ме лажеш?! - рече и стана од подот на којшто играа овчарска дама.

- Ај, ти пак нетуку се лути за сешто. Седи да доиграме! Ако се вика Лажот не значи дека човекот лаже? - му вели Стојче.

- Сега и ти најде де ме заебаваш? Вечерва мене ме најдовте за да си играте мајтап? Ти што мислиш, ако сум берел смола по планинине поречки, што мислиш ти, смола сум јадел?

- Ако не веруеш, обложи се!

- Пак тој со мене..! Добро штом си ти умен, ајде кажи ми вака: ако ние сега сме на едната страна на земјата, тогаш Македонија е на другата страна. Кажи ми ти што ќе направат твоите дома? Ќе паднат!!! - констатира осоколено Рајко.

- Е нема да паднат.

- Ако се дома, нема да паднат – ќе се задржат на таванот, ами ако се во дворот?

- „Ами ако се во дворот?“ Каде ќе паднат?

- Што знам... ќе паднат... в море...

- Кога доаѓавме наваму ти виде паднати луѓе по морињата?

- Не. Тоа море е на земјата...

- Ами над Ботуше има море, па да паднат в море?

- Нема.

- А што има?

- Небо.

- А на небото си видел паднати луѓе?

- ?!

И така вечерта со муабетот стигнаа до ѕвездите. И таму запреа зашто немаа сили. Беа веќе папсани од копањето во „мајнот“. Заспаа како заклани.

Следните три вечери с# помалку се играше овчарска дама, а с# повеќе се разговараше за небеските чуда на Рајко Лапајко.

Откако им здодеа да разговараат на тие теми четвртата вечер ја сменија малку темата. Не зборуваа за паѓање, туку за скокање.

– Рајко, кај Ботуше има ридишта? – го прашува Блаже Лажот, а без нив двајца тие вечери не одеше муабетот.

– Има.

– А има карпи?

– Има.

– А има шуми?

– Има?

– А има пасишта?

– Има.

– А стада овци има?

– Има.

– А волната од каде ја собирате?

Се штрекна малку Рајко Лапајко и самоуверено му одговори:

– Што мислиш ти, приказните се вистинити? Мислиш дека навистина ботушани скокале од карпите в магла за да ја собираат како волна? Мислиш... – запре и уште поостро му се обрати на Стојче.

– А ти немаше друга работа и на бездарников му кажа што сте измислиле вие растешани за ботушани? Да не му го кажа и сонот што ти го раскажав дека сум паѓал од Земј...

Повторно имаше паѓање од смеа. И покрај заморот донесен од темнината на рудникот.