Среда, 10 Мај 2017    PDF Печати Е-пошта
Промоции на монографијата „Атанас Близнаков“ од Славе Катин во Чикаго и Детроит, САД

atanas-bliznakov

Во издание на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје излезе од печат монографијата „Aтанас Близнаков“ од авторот Славе Катин. Промоции на ова дело се одржаа на 3-ти мај 2017 година, во салата на Македонската православна црква “Свети Кирил и Методиј” во Чикаго, на 5-ти мај 2017 година во Македонската православна црква “Света Богородица” во Детроит, САД. За монографијата зборуваше ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, а ги поздравија и проректорот проф. Билјана Ангелова и авторот Славе Катин.

Во своето излагања ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ проф.  д-р Никола Јанкуловски рече дека авторот Славе Катин ова дело го посвети на најголемиот донатор во македонската дијаспора Атанас Близнаков. Тој е македонски национален деец, иселеник и повратник од САД, кој во 1977 година заедно со сопругата Славка ја основа Фондацијата „Атанас Близнакоф“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, за стипендирање на талентирани студенти.

Исто така, ректорот Јанкуловски рече дека авторот Славе Катин е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите педесет и пет публикации, како и по бројните новинарски и научни трудови кои се посветени, главно на судбината на Македонија и животот на Македонците , но и за низа други аспекти поврзани со македонската дијаспора, како и со културата, литературата, јазикот, историјата, журналистиката и религијата. Затоа, не е случајно што во ова дело тој започнува и завршува со љубовта на Атанас Близнаков изразена кон родната земја – Македонија.

Тој во делото пишува дека животот на Атанас Близнаков започнал на 15 декември 1901 година во познатото револуционерно село Д’мбени, Костурско, во егејскиот дел на Македонија. Селото во кое се родени плејада предвоени македонски борци и интелектуалци, меѓу кои, Лазар Поп Трајков, Лазо Москов, Лазо Трповски, Ташко Караџа и други кои се бореле за афирмација на македонските идеали.

Релативно млад, со само деветнаесет години, Атанас Близнаков го напушта својот роден крај и заминува во тогаш ветената земја Америка. Тргнувајќи на пат, тој со себе ја понел горчината за поделбата, сликата на уништена и осиромашена земја, но и чуството на припадност, гордоста на длабоките корени на македонскиот идентитет. Со верба дека еден ден повторно ќе се врати во својот роден дом, во својата Македонија, Атанас Близнаков доаѓа во САД, во 1920 година.

Новата страница од интересниот животен пат на Атанас Близнаков започнала на 16 декември 1920 година, кога пристигнал во САД, во градот Медисон, во државата Илиноис, каде што веќе имало македонска колонија. Таму првпат се вработил како фабрички работник без знаење на англискиот јазик. По една и пол година се населил во Гери, Индијана, град што е сместен на езерото Мичиген, а кој во тоа време се развивал во индустриски центар. Таму, во Железарницата во Гери, еден од големите гиганти на тие простори, работел цели 34 години, се’ до денот кога бил пензиониран.

Во текот на живот тој не се покажа како обичен печалбар, туку како личност што настојуваше да навлезе во суштината на македонската слобода, убава и правдољубива идеја, гледајќи ги работите со многу сериозен пристап, со што се издигна над времето во кое живееше. Во целиот свој животен пат делбата на Македонија ја сфаќаше како трагедија и погуба за македонското дело. Затоа со формирањето на Фондацијата ,,Атанас Близнакоф”, тој беше убеден дека ќе даде драгоцен придонес за Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј”, за македонскиот народ и за Македонија, а во исто време тоа ќе претставува поттик и инспирација за идните генерации во иселеништвото и пошироко.

Во Гери, Индијана бил активен член на Македонско-американскиот народен сојуз (МАНС). Еден е од основачите на друштвата „Александар Македонски“ и „Лазар Поптрајков“ и главен иницијатор за изградба на првата македонска православна црква во САД, „Свети Кирил и Методиј  во Гери. Значајно да се одбележи е тоа што тој бил претседател на Комитетот за помагање на изградбата на Интерната клиника на Медицинскиот факултет во Скопје, што бил формиран во градот Гери, Индијана, САД. Таа акција беше окончана со успех и денес на Клиниката во знак на признание, стои ознаката за големата помош и љубов на македонските иселеници кон својата земја Македонија и својот народ.

Во монографијата за Атанас Близнаков од Славе Николовски-Катин, на македонски и англиски јазик се прави обид да се фрли светлина врз неговиот животен пат, со посебна нагласка на неговата донаторска дејност. Трудот е компониран во повеќе делови, во кои секој има по повеќе глави, претставувајќи хронолошка и тематска заокружена целина, иако во основа тие меѓусебно се надоврзуваат и се дополнуваат.

По забраната и распуштањето на Македонско-Американскиот Народен Сојуз (МАНС) во 1949 година, македонските иселеници наоѓаат нови форми на здружување и помагање на македонската кауза. Атанас Близнаков, покрај што бил еден од основачите на помагателните друштва „Александар Македонски“ и „Лазар Поптрајков“, тој е еден од инцијаторите за изградба на првата македонска православна црква Св. Петар и Павле во Гери.

Иницијативата започнува по Вториот македонско црковен – народен собор, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година во Охрид, кога беше прифатен предлогот за обнова на Светата Климентова Охридска Архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска православна црква. Со обновувањето на Охридската Архиепископија, не само што се оствари вековниот сон на македонскиот народ, туку се создадоа услови за македонските иселеници и тие да имаат своја црква под канонска јурисдикција на МПЦ, а со тоа можност да се ослободат од разните духовни, национални и политички притисоци.

Истата 1958 година, Атанас Близнаков ја остварува големата желба и со својата сопруга ја посетува Македонија, за да види како се остваруваат неговите и вековните идеали на македонскиот народ. Осознавајќи за можностите кои ги нуди обновата на МПЦ, тој станува еден од главните иницијатори за изградба на првата македонска црква во Гери, Индијана.

Изградбата и осветувањето на првата македонска православна црква Св. Петар и Павле во 1963 година, станува пример за основање на нови цркви на просторите на САД и Канада. Помагајќи ги сите кои тргнаа по истиот пат, првата македонска црква стана темел на црковно-националниот и културниот живот на македонските иселеници во Америка.

Атанас Близнаков повторно доаѓа во Македонија во 1968 година, кога учествувал на Илинденските свечености. Силните чувства на патриотизам ќе го натераат се повеќе да размислува за дефинитивно враќање во татковината и како да му помогне на својот народ кој толку многу го сакал. Така полека созрева мислата за основање на Фондацијата „Атанас Близнаков“ за стипендирање студенти од Универзитетот во Скопје.

Во 1976 година, Атанас Близнаков заедно со сопругата се преселил во Скопје, а наредната година ја основале Фондацијата „Атанас Близнаков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во Фондацијата тој донирал дел од стекнатиот капитал, во износ од 800.000 долари, средства наменети за стипендирање на талентирани студенти. Со помош на оваа фондација, голем број студенти дипломирале и се вклучиле во образовниот процес на универзитетот како асистенти, доценти и вонредни и редовни професори. Неговиот чекор бил инспирација и за други македонски донатори, како што се иселениците Петар Стаматов од САД и Константин Стојанов од Франција.

Инаку, во 1976 година Атанас Близнаков, заедно со сопругата Славка дефинитивно се насели во Скопје и покрена иницијатива за основање на Фондацијата. Фондацијата „Атанас Близнакоф” при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје има свој Статут по кој работи. За остварување на целите и задачите на Фондацијата се грижи Управен одбор чиј претседател е ректорот на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје, а потпретседател е Славе Катин како доживотен член на Фондацијата.

Првите стипендии се доделени на 10 студенти, за постепено таа бројка да се зголеми на 50 студенти. Заклучно со учебната 2015/2016 година стипендија имаат добиено околу 250 студенти. Мнозина од нив, по дипломирањето, се вклучија во образовниот процес на Универзитетот како асистенти, доценти и вонредни и редовни професори.

Покрај донаторската активност Атанас Близнаков се занимавал и со публицистика. Ги објавил овие трудови: Д’мбени (монографија за селото) и Спомени за националната, политичката и културната дејност на Македонците во САД и Канада, како и статии и интервјуа во дневниот печат, на радиото и телевизијата.

Атанас Близнаков долги години активно соработуваше со Матицата на иселениците од Македонија, со Македонската православна црква-охридска архиепископија и со други невладини организации. За своето големо дело тој е одликуван со Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда, од тогашното Претседателство на СФРЈ, го добил највисокото републичко признание наградата “11 Октомври”, потоа со Плакета на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, со Плакета на Одборот на децата бегалци од Егејска Македонија, како и многу други плакети и благодарници.

По повод 2000 години од христијанството, Министерството за иселеништво (сега Агенција за иселеништво), на истакнати поединци, асоцијации, клубови и добротвори (дарители) и луѓе кои на најразличен начин помагале за афирмација и нарпедок на Република Македонија и македонството воопшто, им додели медали “Св. Климент Охридски”, “Св. Јован Кукузел” и плакета “Јустинијана Прима”. Прв добитник на медалот “Св. Климент Охридски” беше Атанас Близнаков.

Голема благодарност од Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје и од студентите и почит кон починатите Атанас Близнаков и неговата сопруга Славка Близнакова. Затоа, името „Атанас Близнаков“ го носи Домот за посдипломци во Скопје.

Атанас Близнаков почина на 10 јули 1998 година во Скопје, Универзитетот, на донаторот и големиот хуманист, му е вечно благодарен и неговото име го зазема почесното прво место на Спомен плочата на донатори, изработена во знак на почит и благодарност кон сите кои дадоа значаен придонес во создавањето и развојот на творечкиот подем на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје.

Пишува:


СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

СТОП НА ПРЕДАВСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА!

МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО КАНАДА СТОП НА ПРЕДАВСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА!

Историја

News image

Изминаа 113 години од крвавата зеленичка свадба

На 13 ноември 1904 година, во текот на свадбата која се оддржувале во леринското село Зеленич, грчки...

Иселеници

News image

39 години чествување за македонскиот јазик во НЈВ!

Македонскиот просветно училишен одбор за НЈВ,по 39-ти пат,...

Култура и туризам

News image

Како се изнесуваше македонското културно наследство за време на Првата светска војна – архиви, документи и др. од Прилеп

Етнографот на Втората бугарска армија Антон Поп Стоилов по влегувањето на Бугарија во Првата светс...

Фељтон

News image

Александар Македонски (6)

Авторот на историскиот роман за Александат Трети Македонски и Македонската Империја ...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.