Среда, 12 Јули 2017    PDF Печати Е-пошта
Белешки од моето патување низ Тетовско

Тетовци немаат црква, а за молење се собираат во една голема просторија во долниот спрат на училиштето. Тие многу сакаат да одат во црква и празнуваат многу празници во годината.

 Секое семејство и секој еснаф си имаат по еден светец за свој покровител и на празникот му се „дига панагија“ или како уште се вели се „служи“ празникот. Спроти празниците што ги служат жените носат по една или неколку просфори, малку варена пченица, во која забодуваат и палат восочна свеќа, а кој сака носи и по малку масло за црковните кандила. За време на вечерната се чита петолебие општо за сите што празнуваат и се споменуваат имињата на сите живи членови на семејствата што празнуваат или на еснафите. На излегување од црквата секој зема по касај од просфорите и по малку од пченицата. На самиот празник по отпуштањето на црквата (за време на литургијата свештеникот пак ги споменува имињата кои вечерта ги споменал), свештениците одат во секоја куќа што празнува (секој во својата енорија), каде што е приготвена една просфора, а понекогаш и еден домашен леб, малку варена пченица и една чашка вино; свештеникот чита над споменатите нешта неколку молитви, ја раскршува просфората или домашниот леб, натопува мали парчиња во виното и им дава на домашните и на други кои се нашле тука. Останатото од просфората и од домашниот леб се става во ситото и го јадат домашните повеќето утрината кога уште ништо не јаделе. Од варената пченица се дава на сите што ќе дојдат дента на посета. Така се прави дигање панагија. Еснафите тој обред го извршуваат во училиштето. Едно време спроти деновите што ги служат Тетовци ставале трпези и цела ноќ ги гоштевале пријателите и роднините, но тоа сега е напуштено. Тетовци креваат панагија или го служат именденот на секој од домашните, синовите истото го прават на секој празник кога служеле нивните родители. Тукашните гркомани не го празнуваат празникот Св. Кирил и Методиј но некои, полутите од нив, креваат панагија на тој празник, зашто така правеле нивните претци.

...

Откако се зафатив да ги запознаам читателите со селата во Тетовско јас сум должен да се извинам дека времето не ми дозволува да ги опишам така како што тие се одразени и запечатени во мојата свест. Затоа јас ги молам љубезните читатели да бидат задоволни од моите куси белешки.

...

С. Варвара – околу еден час од Непроштено, расположено е на високо место и има дваесет и пет куќи. Близу до селото има урнатини од стара црква, каде што селаните се собираат, празнуваат и колат курбан на 26 јули – Св. Петка. На празниците селаните одат во црква во селото Лешок, каде што децата им одат на училиште.

И од Варвара очите на патникот ја гледаат прекрасната слика на која се насладувавме во Сетуле, но ако влезите во некоја селска куќа вие напразно ќе барате да ја видите уште еднаш таа восхитувачка убавина -  таа ќе биде скриена од вас поради темнината на селското живеалиште. Воопшто куќите во многу тукашни села имаат многу груб изглед и никаде не се во согласност со убавините на природата и со барањата на хигиената: тие се прават мали, ниски и право на земјата, покриени се со слама и немаат оџаци за излегување на чадот. Собите се мали и ниски, ѕидовите им се измачкани само со кал или се сосем без прозорци низ кои минува многу малку светлина. Подот секогаш е без штици и без никаква постилка, само кога ќе дојде некој гостин, тогаш ставаат една многу груба рогозина, која селаните самите ја прават од долги сламки сплетени на долги и дебели врвки, а тие зашиени меѓу себе. Куќите немаат повеќе од две или три соби. Вратите се такви што ако не им се поклоните кога сакате да минете тука ќе ви го скршат носот. Во дворовите во лето лежи стоката и за хигиената малку се мисли. Во некои села куќите се подобро направени, тие се двоспратни и покриени со плочи или со црепови, но сепак ретко имаат оџаци, прозорци и добра покуќнина и јасно се гледа на нив печатот на груб и малку развиен вкус.

Бидејќи голем дел од селаните на тукашните села живеат на туѓина цели години, и многумина до нив разбираат што е убаво и се во состојба да си направат подобри живеалишта, но тие не го прават тоа и ако ги прашате зошто си го губат здравјето во тие темни простории, тие ги креваат рамењата и велат дека од многу причини не можат да постапуваат поинаку.

За секој поголем празник во црквата на Лешочкиот манастир идат селани од 5-6 поблиски села., поголеми собири тука се прават на летен Св. Атанасиј и на Петровден, а најголем собир се прави на 15 август. Гостите се должни да се задоволат со тоа што ќе го најдат, а за повпечатлив пречек не се посветува поголемо внимание. Манастирските објекти се впечатливи, но тие зборуваат за невкус и немарност. Секако немарливоста на калуѓерите е причина што во манастирот не идат гости од подалечните градови. Неудобна по теснотијата е и малата црква, во која одвај се собираат една третина од манастирските поклоници.

Весели и убави се соборите на народот кај манастирите. Тука најголемо учество зема селското население и тие се како изложби на кои човекот може нашироко да се запознае со многу црти на селскиот живот. Тука ќе ја видите шарената носија на младите невести, расцутената убавина на  момите, силата и пргавоста на момците и сериозноста на старците. Тука ќе видите какво оро се игра, какви песни се пеат и какви свирки се омилени. Облеката е целата бела и шарена со шев од црна волна, црвен гајтан и црвено и зелено ткаено. Таа се состои: 1. од една кошула направена од дебело памучно платно, тесна и долга до стапалата, полите од задната страна се нашарени, од појасот надолу, со шев од црна волна по кои светат „виљовете-светљушки“, а на предната страна тие се шарени само по крајот. Од рамената до краевите на ракавите на кошулата има исто таква лента три прста широка, а понекогаш е шарена и сета долна половина на ракавите. Кошулата е така да кажам основната облека на тетовската селанка и нејзините шарени задни поли и ракави секогаш се оставени да се гледаат.

...

Својата облека селанките си ја изработуваат сами... Како насекаде и во Тетовско селанката не знае за замор и целиот живот го минува во работа – во лето работи на нивите, за во зима крај огништето каде што подготвува облека за себе си и за домашните.

На соборите при Лешочкиот манастир одат селани од сите возрасти, но најмногу момите, кои водени од гласот на веселата и безгрижна младост идат на соборите да се наиграат оро и да си ги покажат носиите, убавината и расположението. При играњето оро момите и момците играат одделно, фатени рака за рака во форма на прат или на колце. Се игра или со пеење на момите или со свирење на гајдите и кавалите, но многу пати тоа е и со молчење при што се слуша само тропањето на нозете или дрнкањето на парите и пазувите на момите. По селата ора има на секој празник. За љубопитството на љубезните читатели јас приложувам тука неколку ороводни песни, под чии слатки звуци играат селанките од Тетовско.

Објавено во цариградскиот весник „Новини“ 1891 г. А. Стојанов.

 

На прво место

News image

Македонците во Република Албанија се згрозени од приведувањето на Едмонд Темелко

Македонско друштво “Илинден”-Тирана и Македонско друштво “Илинден”-Тирана oгранок Голо Брдо најостро...

Историја

News image

Соопштение на ГШ на НОВ и ПОМ за борбите и акциите на партизанските одреди од 2 август до 7 октомври 1942 година

Во текот на Втората светска војна, од почетокот на формирањето на македонските комитско-партизанскит...

Иселеници

News image

Илинден – најсветлиот датум во историјата на македонскиот народ (1)

"Илицден 1903-2003 и македонските иселеници" е дело на Сла...

Култура и туризам

News image

Три години пред последната посета на дедо Јанко на Ботуше јас го напуштив Ботуше

Три години пред последната посета на дедо Јанко на Ботуше јас го напуштив Ботуше. Со иста намера к...

Фељтон

News image

Академикот Божин Павловски – писател и информатор во Австралија (8)

Божин Павловски, е еден од најплодните и најпознатите македонски писатели кој пове...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.