Среда, 04 Октомври 2017    Печати
Во летото осумдесетипеттата носталгијата ме донесе во Ботуше на средба со големите спомени од малата возраст

SavoKostadinovski
Саво Костадиновски

Секако, и со спомените со дедо ми од приказните...

Во Ботуше стивна носталгијата, но ме зафати меланхолијата. Тука останале да живеат само уште осуммина старци.

Во Келн се вратив како поразен воин од боиште. Со празнина во душата. А празнината стана уште поголема кога го отворив веќе стигнатото писмо од братучед ми Костадин од Австралија. Ми пишува дека татко му Јанко го напуштил овој свет.

Не ми се веруваше дека луѓето од приказните можат да заминат. Заминал на деведесет и пет, а очекувавме дека ќе дотурка до стоидванаесеттата – како брат му Аврам или над стотата како другите од машкиот сој во фамилијата. Замина од овој свет, но не можеше да замине од светот на моите приказни.

Истиот ден седнав да му пишам на роднината во Австралија, кого с# уште го немав видено. Толку сум потонал во тагата, што сум се заборавил во пишувањето. Престанав кога забележав дека на листовите има капки што истекле од моите очи. Тогаш од мене истекуваа и тагата, и носталгијата, и меланхолијата... Истекуваше мојата празнина во душата. Писмото со премногу тага и со порака дека ќе го исполнам ветувањето на дедо ми дека еден ден ќе му го посетам гробот во најдалечната земја, истиот ден го однесов до главната келнска пошта. Верував дека пораката за ветувањето ќе стигне и до него некаде во светот на приказните.

По две години решив да прекинам со печалбарскиот живот. Се обидов, ама не успеав сосема. Семејството го доведов, но и го оставив во Скопје. Наместо јаболкница како претците, јас во дворот крај прозорецот насадив борово дрвце, кога решив да се повратам на печалба. Келн не го напуштив. Костадин војводата веројатно добро ја завлекол ногата кога тргнал на печалба. Потоа времињата станаа невремиња на Балканот. Кон иднината почна да се гледа преку нишанот. Набргу, откако го снема берлинскиот ѕид, некој го стркала балканското буре. Не беше време за враќање оти од невреме во мојата поранешна асли татковина доаѓаа многу бегалци во земјата која некогаш ја почнала најголемата војна во светот. Извештајот за невремето го гледав секој ден, но не на крајот, туку на почетокот на вестите.

Во паузите од извештаите за невремето и во борбата за знамето и за името што ја водевме меѓу странците, но и со помош на странците, неколкупати дојдов во татковината која некои сакаа да ја направат безимена. Секогаш имав чувство како да патувам меѓу мракот и светлината