Среда, 20 Декември 2017    Печати
Откриен древен загубен град на Истокот

Still1216 00013

Откриен е древен загубен град на Истокот. Станува збор за некогашната населба Марчово, која постоела од V до XVII век на самата граница меѓу општините Штип, Радовиш и Конче, кај рудникот Боров Дол.

Марчово претставува една рударска населба, која што е од големи размери. Досега од рекогностирањата и археолошките истражувања на овој дел од градот, односно населбата, укажува дека можеби ова е една од најголемите доцноантички и средновековни рударски населби, кои што во овој дел од Македонија, источниот дел, ги извршувале рударски работи за потребите на тој период, изјави Штериов, дир. на Завод Музеј – Штип.

Марчово се споменува во турските записи како еден од најголемите градови на Истокот од земјава. Таму опстојувала просперитетна населба, околу која во нејзината кулминација гравитирале над 10 илјади луѓе. Археолошките истражувања сега се исклучиво на некрополата.

Досега откривме дел од апсидата од една еднокорабна црква, откриена е гробница од петтиот и шестиот век, и некаде околу триесетина до педесет гробови, кои што се од периодот на 17 и 18 век, кажа Штериов.

Инаку, откривањето на Марчово е резултат на заштитните археолошки истражувања за потребите на рудникот Боров Дол, на кој дел од патната инфраструктура ќе му минува преку некрополата. За евентуални истражувања на градбите од населбата во околината, потребни се дополнителни средства, ресурси и интерес, но и согласност од сопствениците на парцелите под кои се крие некогашниот најголем град на Истокот.

Телевизија Стар