Среда, 11 Јули 2018    PDF Печати Е-пошта
Љубојно - место во Преспа со девет цркви и три параклиси

ljubojno-panorama

Населението од Преспа, а особено љубанци се верници и страсни приврзаници на христијанската - православна вера. Затоа, уште од дамнина започнале да градат цркви и манастири, кои служеле и служат како најмасовни собиралишта на национално и верско обединување

Љубојно е едно од најкарактеристичните места во Преспа и пошироко. Долго време претставуваше општински, образовен, културен и здравствен центар за Долна Преспа и пошироко. Тоа е едно од најубавите села кое пленува со своите архитектонски градби, со стилот на старите куќи, сокаците и дворовите, како и со иновациите во начинот на живеење што бројните печалбари ги пренеле од светот во својот роден крај.

Во Македонија, покрај другите поголеми села, секако е и Љубојно. Тоа е дел од вистината за Македонија, за печалбарството, за минатото, за сегашноста и за иднината. Љубојно се наоѓа во Долна Преспа, во пазувите на Баба Планина недалеку од Преспанското Езеро, на македонска земја, а само неколку километри северно од границата на истата земја меѓу Република Македонија и јужниот сосед, на местото викано „Маркова Нога“.

Кога се зборува за борбената Преспа, за местото каде што владеел првиот македонски цар, Самуил, важно е да се спомене дека во Љубојно на 8 и 9 септември 1943 година била формирана првата слободна територија во Преспа, за подоцна во текот на 1944 година целосно да биде засекогаш ослободена од бројните непријатели.

Веднаш по ослободувањето, Љубојно прилегало на градска населба во која имало 8 чевларски работилници, 7 дуќани за широка потрошувачка и текстил, 4 кафеани, 4 дрводелски работилници, 5 шивачки работилници, две фурни за леб, 2 месарници,  8 воденици, една ковачници, берберница и др. Во тоа време во Љубојно имало Дом на културата, киносала, парк, осумгодишно училиште, библиотека, амбуланта, матична служба, споменици посветени на Илинден и на Народноослободителната борба...

Интересно е да се спомене дека во 1950 година во Љубојно се формирани два фудбалски клуба „Пелистер“ и „Слога“, кои пет години се натпреваруваа во Преспанската фудбалска лига. Шеесетите години од минатиот век се карактеристични за спортот во Љубојно со развојот на спортската дисциплина одбојка.

Така, Љубојно била единствената селска населба во Македонија која имала одбојкарски клуб, кој се натпреварувал во Првата македонска одбојкарска лига. Одбојкарскиот клуб „Љубојно”, се натпреварувал со елитните екипи  „Вардар” од Скопје, потоа екипите од Титов Велес, Струмица, Тетово, Битола и други градови во Република Македонија. 

Печалбарството како „стар занает“ од Македонија, а со тоа и од Љубојно помасовно започнало уште на почетокот во XIX век. Одењето на гурбет во прекуморските земји, се интензивирало пред и по Илинденското востание, меѓу двете светски војни и особено по Втората светска војна. Затоа, со право се вели дека љубанци биле едни од првите од Македонија кои свиле нови гнезда по светот и се едни од најбројните Преспанци во дијаспората.

Селото Љубојно за првпат се споменува во еден запис на Сливничкиот манастир во 1607 година како поголема македонска населба. Затоа со право се вели дека ова е село со долга и бурна историја. Сведоци на таа македонска историја се низа оставнини како што се нивните стари куќи, бројните македонски православни цркви и манастири и други објекти кои ја чуваат вистината и тајната за Љубојно, за љубанци, за Долна Преспа, за Македонија и за целиот македонски народ.

Во Преспа христијанството датира од тие далечни времиња. Затоа на Преспа и на нејзината историја посебен белег и дава нејзиното богатство во културно-историски споменици уште во времето кога таа била староримска крстосница и прва престолнина на цар Самуил. Тоа се потврдува со изградбата на црквите и манастирите градени во времето на светите Климент и Наум Охридски во IX и X век и во времето на Самуиловото Царство во X и XI век.

Населението од Преспа, а особено љубанци се верници и страсни приврзаници на христијанската - православна вера. Затоа, уште од дамнина започнале да градат цркви и манастири, кои служеле и служат како најмасовни собиралишта на национално и верско обединување.

Таквата љубов кон верата, кон нацијата, кон сопствената црква и кон Македонија, љубанци заедно со другите Македонци од етничка Македонија ја продолжиле и на новите простори низ светот. Така, со доселувањето во новите средини Македонците станале едни од најактивните луѓе и почнале да градат цркви низ целиот свет, односно онаму каде што се доселиле, особено во Канада, САД И Австралија.

crkva-sv-jovan-ljubojno
Црквата „Свети Јован“
во Љубојно

Денес во Љубојно има девет познати и зачувани цркви и манастири и три параклиси. Пет цркви се во селото, а другите го заградуваат селото и по верувањето на постарите мештани овие духовни светилишта се чувари на селото, имотот и населението. Љубојно ги има  следните цркви и манастири:

1.Црквата „Свети Јован“ е најголема и е централната црква на Љубојно. Таа се наоѓа на сретсело, кај централните гробишта, веднаш под Полената, центарот на Љубојно.  Изградена е во 1861 година.  По опожарувањето кое се случило во 1903 година повторно е обновена во 1921 година. Црквата е градена како трикорабна базилика со купола. Централниот кораб е засводен со полуциндричен свод, а бочните кораби се покриени со рамни тавани. Во внатрешноста на западната страна, има галерија, а на исток завршува со апсида полигонално решена од надворешната страна.

На западната страна од црквата е изграден трем кој служи за секакви црковни и други потреби. Овој трем е изграден со донација на бројни љубанци во странство, како и со помош на Комисијата за односи со верските заедници на Република Македонија. Исто така, голем број љубанци во селото и во дијаспората дале свои средства за одржување на црквата со камбанаријата и гробиштата.

2. Црквата „Света Пречиста“, една од појстарите црковени објекти во Љубојно, која е изградена во 1852 година, веројатно на местото на стара црква. Посветена е на света Богородица.  Се наоѓа на горниот (југоисточниот) дел на селото, во Семеновска Маала. Таа е помала еднокорабна црква покриена со дрвена покривна конструкција. Во внатрешноста на црквата е сочуван живопис само во апсидата. До обновувањето покривот на црквата беше со камени плочи. Црквата е обновена во 1966 година.

3. Илинденската црква „Свети Илија“, како што милуваат да ја наречат љубанци, се наоѓа на источната страна на селото, до патот што води кон селото Брајчино, во Илиовска Маала. Годината на градењето на црквата не е позната, но има претпоставки дека е градена во XIX век, а подоцна била обновена. Во основата е еднокорабна. Оваа црква е собиралиште на сите мештани, иселеници, гости  и дојденци на празникот Илинден, кога  се одржува и свечена  богослужба и од каде, всушност, почнуваат исленичките средби. 

4.  Црквата „Свети Никола“ се наоѓа во селото, во Пашариковска Маала, лоцирана на југоисточниот дел, на околу 200 метри под  црквата Света Пречиста“. Изградена е во XV век што е одбележано на камен на влезот кон олтарчето лево. Обновена е во 1971 година. Таа е маалска црква, но за празникот свети Никола е посетена од жителите на селото.

5.  Манастирската црква „Свети Атанас“ е заштитник на селото и е една од позначајните цркви на љубанци. Таа се наоѓа во Коријата, на ридот од јужната страна на селото на околу 700 метри, над полициската станица. Црквата е една од постарите, и е градена во XIV век. Ѕидовите се од камен, а покривот пред обновувањето беше со камени плочи. Оваа манастирска црква е опкружена со дабови стебла и претставува место за одмор и рекреација и еден вид видиковец. Таа е собиралиште за љубанци на свети Атанас  на 31 јануари.

manastir-sv-petar-i-pavle
Манастирот „Свети Петар и Павле“

6. Манастирот „Свети Петар и Павле“ е еден од поубавите во Преспа. Тој се наоѓа на околу 800 метри над црквата „Свети Атанас“, сместена на една убава рамнина на висината која од сите страни е заградена со шума и стрмни падини. Од источната страна е вградена во голема карпа, која е искористена наместо ѕид. 

За оваа прекрасна манастирска црква се знае дека е градена во 1923 година од браќата Никола и Јоше Стасовски од Љубојно. Постои интересно кажување од  внукот на  Никола за изградбата на црквата. Имено, Никола во 1922 година бил во Америка. Таму една ноќ сонил сон во кој му дошол еден стар човек со долга брада и му порачал да изгради црква на местото каде што сега е изградена постојната црква и да и’ го даде името Свети Петар.

Така по враќањето од Америка и со помош на целото село, во 1923 година Никола ја изградил манастирската црква. Ѕидовите на црквата се градени од делкан камен и во основата е еднокорабна. На дваесетина метри од црквата, на северната страна изградена е и висока камбанарија, која е интересна по својата конструкција и местоположба.

7.  Црквата „Света Марена“ се наоѓа на западната страна на селото, на излезот кон Долно Дупени и Наколец. Во минатото таа била на крајот од селото, а сега е во средината на селото, бидејќи под црквата се изградени поголем број нови современи куќи. Годината на градењето не е одбележана, а постарите жители во Љубојно паметат дека таа како параклис е изградена во почетокот на XX век од мештанинот Илија Мелески.

8.  Црквата „Свети Димитрија“ се наоѓа на северозападната страна на селото, на самиот влез во Љубојно, од десната страна на асфалтниот патот за Ресен. Годината на градбата не е никогаш запишана, а се смета дека по остатоците на гробиштата кои уште се распознаваат во околината на црквата, таа била изградена заедно со црквите „Свети Никола“ и „Свети Атанас“ во XIV или XV век и е една од најстарите цркви во Љубојно.

9.  Црквата „Света Богородица“ габаритно е малечка и се наоѓа на западната страна на селото, во ливадите на местото викано „Богородица“. Таа е оддалечена околу еден и половина километар од Љубојно и се наоѓа во близина на патот Ресен-Маркова Нога, на брегот на Стара (Брајчинска) Река. Градена е во поново време, односно во XX век. На празникот света Богородица е посетувана од жители на Љубојно и Наколец.

10. Во Љубојно постојат три параклиси, и тоа: „Света Тројца“, која се наоѓа на патот од Ресен кон Љубојно, кај месноста викана „Ореите на Димовци“. Параклисот го изградил познатиот и признат пејач на забавни и народни песни Ламбе Алабаковски, за здравје на неговата фамилија Алабаковци.

11. Параклисот „Света Софија“ е изграден на местото викано „Синец“, каде се наоѓа легендарната чешма, чија вода е спроведена до центарот на Љубојно на Полена. Овој параклис е дар од брачните двојки, полицаецот Томе Капетановски, од Малоишта и неговата сопруга Васка Гакевска од Наколец, како и на Лиле Видиновска од Љубојно и Диме Радевски од Демир Хисар.

12. Параклисот „Свети Атанас“, пак,  се наоѓа од десната страна на патот од Љубојно кон Брајчино, над Штабот, спроти црквата „Свети Илија“ и е донаторство на  Лиле Карапашовска со сопругот Блаже Димитровски.

Сите овие македонски православни цркви се значаен дел од активностите на  Македонците во дијаспората кои потекнуваат од овој преспански крај. Затоа, со право може да се констатира дека црквите во Љубојно, заедно со околу илјадници во Македонија и уште стотина македонски храмови во дијаспората се доказ за постоењето и признавањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија Тие се доказ за постоењето на македонскиот народ и Македонија  

Славе КАТИН

 

На прво место

News image

Алтернатива за Македонија

Совет за безбедност на ОН

Историја

News image

Едмонд Бушие де Бел напишал книга под наслов: „La Macedoine et Les Macedoniens", (Раriѕ 1922, 80, IV. 303)

Едмонд Бушие де Бел, роден на 23 август 1878 година во Везиње, Франција. Завршил класична гимназија ...

Иселеници

News image

Македонското друштво “Илинден”- Латцен-Хановер:бојкотирајтего престојниот референдум

Македонското друштво “Илинден”- Латцен-Хановер ги повику...

Култура и туризам

News image

Македонски литературен кружок во Софија

Македонскиот литературен кружок беше формиран во август 1936 година, при редакцијата на весникот „Ма...

Фељтон

News image

Александар Македонски (50)

И овој пат ќе нагласиме дека во изминатите, а и во наредните продолженија ќе се обид...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.