Среда, 06 Февруари 2019    Печати
„Св.Трифун“, заштитник на лозјата, на 14 февруар со почеток во 10.30 часот во Зубовце

101Свети Трифун во Зубовце

Во чест на „Св.Трифун“, заштитник на лозјата и градините, на 14 февруар со почеток во 10.30 часот и оваа годинава во Зубовце ќе се одбележи обредното закројување на лозјата.

Во чест на овој празник и продолжувањето на традиционалните обичаи на местото викано “Мал Камен“, во Зубовце каде некогаш се наоѓале зубовските лозја, пред некоја година беше издигнат и осветен шест метарскиот Чесен Крст.

Како лани, така и годинава, на овој православен христијански празник, зубовчани и голем број гости ќе се соберат покрај Крстот на закројување на лозјата.

Во присуство на свештеник и молитва, најпрво ќе се закројат лозите, а потоа во Црквата „Света Огнена Марина“ со далеку познатите зубовски колбаси, црвено вино и ракија, како главни белези на овој ден, верниците се подготвуваат да го прослават Св.Трифун со верба дека и годинава ќе ги заштити плодните ниви кои ќе дадат богат и квалитетен род.

Оваа година, двајцата кумови кои беа избрани мината година, со две погачи во кои се крие по една сребрена паричка, ќе го предадат кумството на други двајца кумови за идната година. Еден од кумовите што ќе биде избран ќе биде зубовчанец, а другиот кум ќе биде еден од гостите кои ќе присуствуваат на овој ден во Зубовце.

Свети Трифун во Зубовце оваа година ќе се прослави и со цел да не се заборават корените, да не се заборават вековните обичаи и традицијата, желбата за дружба и добра иднина на Македонија, која Ни е‘ оставена како аманет од предходните генерации.

01