Среда, 10 Април 2019    Печати
ВО ГОРНА ПРЕСПА КАКО ДОМА (3)

PRES1

ОТЕШЕВО – ПРВОТО ЛЕТОВАЛИШТЕ ВО ПРЕСПА

Во аналите на туризмот на Македонија е запишано дека Отешево некогаш беше втор туристички центар, после Охрид. Отешево, Царина, Стење и Коњско со својата местоположба, езерскиот брег, климатските услови и бројните туристички капацитети се пријатни места за одмор

Отешево и Царина се пријатни и убави летувалишта на северниот брег на Преспанското Езеро и едни од најпознатите во Македонија. Уште повеќе, Отешево е и првата туристичка населба што во Преспа е изградена по Втората светска војна. Ова пријатно катче за одмор и рекреација е оддалечено околу петнаесетина километри од Ресен и од месноста „Макази“. Тоа се наоѓа на јужната страна на Преспанското Езеро, а е сместено во подножјето на живописната планината Галичица, која го дели од Охридското Езеро.

Во минатото, овој значаеен регион на Преспа беше составен од многу вили и хотели кои се протегаа покрај езерскиот брег, скриени во дабовата шума. Во аналите на туризмот на Македонија е запишано дека Отешево некогаш беше втор туристички центар, после Охрид, кога во Преспа имаше над 7.000 легла.

За жал, денес тој број е рапидно намален, а е намален и бројот на гостите во Преспа. На тоа минато време, денеска потсетува и честа ја спасува единствениот хотел „Езерски поглед“, со педесетина легла, обновен со парите и љубовта на повратниците од Њу Џерси, САД, семејството на Љубен Нечовски. Нешто останало од некогашниот голем автокамп, а речиси ништо, освен разурнатите и голи ѕидови на некогашниот убавец, опожарениот хотел „Европа“.

Инаку, туристичко-угостителскиот комплекс е именуван по селото Отешево, чие име, веројатно дошло од латинскиот збор „отиш“ – влажно место, што навистина се совпаѓа со положбата на местото каде е сместено Отешево, во чија близина се откриени стари римски гробови. Една друга легенда вели дека Отешево го добило името по некој човек по име Отиш кој во минатото  прв се доселил на тие простори. Но тоа се само легенди, а вистината е дека Отешево е мирно и убаво катче за одмор и рекреација, познато и признато во Македонија и пошироко.

PRES2

Отешево

Инаку, Отешево, Царина, Стење и Коњско со својата местоположба, езерскиот брег, климатските услови и бројните туристички капацитети  се едни од најпознатите туристички дестинации во Македонија  и пошироко. Затоа тие остана како туристичка ѕвезда за Преспа и за Македонија.

Меѓу другото, Отешево е местото каде постои Завод за рехабилитација од респираторни заболувања, каде што успешно закрепнуваат пациенти од Македонија и од странство. Исто така, Отешево е надалеку познато по одржувањето на Ресенската керамичка колонија, единствена од ваков вид во Македонија, која е сместена во атрактивниот амбиент на Ателјето недалеку од брегот на Преспанското Езеро. Таа се одржува секоја година во август, на која земаат учество голем број уметници – домашни и странски керамичари, за потоа нивните експонати да бидат изложени во галеријата во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен.

Треба да се спомене дека кај селото Отешево во месноста „Ломје“ на 2 август 1943 година се одршал познатиот Преспанскиот состанок на ЦК на КПМ, кој придонесол за разгорување на народно-ослободителното движење на поширок план во Македонија. На тој состанок учествувале највисоки воени и политички раководители од тој период, а биле донесени судбоносни одлуки за натамошниот тек на НОВ и ПОМ, се' до заседанието во Прохор Пчињски и поставувањето на вечните темели на македонската денешна држава.

Меѓу другото, било одлучено: прераснување на партизанските одреди во воени единици; интензивирање на изградбата на народната власт; организационо зајакнување и проширување на организациите на КПМ и СКОЈ; усвојување платформа на НОВ на Македонија и друго. Во спомен на Преспанското советување, во атарот на Отешево, а едно видно место е подигнат споменик од армиран бетон, кој архитектонски можеше да се стави во редот на Могилата во Прилеп. За жал, денес никој не го посетува и не го одржува.

PRES3  PRES4

Споменикот од НОБ во Отешево

Отешево е познато и по тоа што една од најзначајните иселеничка манифестација започна да се одржува  токму во хотелите на летовалиштето. Имено, од шеесеттите години на минатиот век во Отешево се организираа познатите „Преспански иселенички средби“. На овие традиционални манифестации во изминатиот период за Илинден беа одржани пригодни програми за иселениците од Преспа и Македонија. На средбите  учествуваа бројни културно - уметнички групи и естрадни уметници од Канада, САД, Австралија, европските земји и домаќинот Македонија.

Царина, пак, која се наоѓа на околу три километри западно од Отешево беше некогашно одморалиште на железничарите со неколку хотели, ресторан и убава песочна плажа. Исто така, после падот на системот во Албанија, тоа беше место каде беа сместени македонски семејства особено од Мала Преспа. За жал, нивната судбина ги натера да ја бараат својата егзистенција и среќа во многу градови низ Република Македонија и во дијаспората.

На тие простори во Преспа е лоцирано селото Стење. Тоа е едн од најголемите и најубавите населби на брегот на Преспанското Езеро. Стење е распространето на песочните предели на Езеро на само еден километар од Царина и два километри од македонско-албанската граница, или околу 23 километри од Ресен. Тоа е чисто македонско христијанско село во кое со векови живеат православни Македонци. Во него се изградени убави езерски и домакински куќи на околу 130 домакинства и со своите 450 жители е една од поголемите населби во Преспа.

А, животот во селото на туристички план го збогатува објектот за приватно сместување „Сончев рај“. Селото Стење со убавата природа на Галичица и прекрасното Преспанско Езеро е познато туристичко место. Затоа во Стење е отворен  Информативен центар за посетителите во рамките на Националниот парк „Галичица“.

PRES5 

Панорама на Стење

Самите стенчани сметаат дека нивното село името го добило по стените (карпите) кои го надвисувале на неговата првобитна локација кај заливот „Лиса“. Бидејќи селото важи за туристичко место, на самиот влез на селото е поставена и табла на која се испишани информации за природните и културните убавини на селото, Преспа и Преспанското Езеро.

Често се вели дека  Стење преставува природна и културна ризница на Преспа со голем број споменици. На атарот на Стење има повеќе локалитети од археолпошко значење. Во него има повеќе верски објекти, меѓу кои, црквата „Св. Атанас“ која е од 16-от век, каде и се селските гробишта, потоа црквата „Св. Кирил и Методиј“, како и пештерската црквичка „Св. Петка“, која се наоѓа покрај Езерото во правец на Коњско.

Стење има посебно место во НОБ. Од ова село шест борци ги дадоја своите животи за слобода на Македонија и тоа: Круме Кондовски, Славе Несторовски, Ристо Поповски, Сандре Стојковски, Славе Настевски и  Андрија Наумовски. Стенчанецот Стојан Георгиев бил револуционер, учесник во македонското револуционерно движење и еден од дејците на ВМРО. Во знак на признание и сеќавање на тие паднати борциво, во селото Стење е подигната спомен-плоча.

Во близина на заливот „Лиса“ се наоѓа и село Коњско,  сместено на тромеѓето на македонската земја. Покрај селските куќи, кои се руинирани, има и колиби од ендемично дрво, а има викенд населба со околу четириесетина изградени викенд куќи. Селото Коњско на секој посетител му ги нуди своите благодети, убавата клима, езеро поволно за капење и риболов, убава песочна плажа, питома и убава околина погодна за прошетки. Со еден збор Стење и Преспа ја нудат својата убавина и питомина.

Во минатото жителите на селото Коњско беа познати по тоа што  како рибари фаќаа големи риби од познатиот преспански крап, а ја подготвуваа и најситната риба викана белвица, која има уште две имиња; „нивичка“ по селото Нивици во Долна Преспа и „циронка“, кога е во сушена форма. Имено, Коњско, а и другите крајезерски места, особена Нивици во Долна Преспа и Пустец во Мала Преспа се местата познати по циронките. Интересно е тоа што тие риби во Преспа се викаат белвици, а во Охрид ги викаат плашици, меѓутоа откога ќе се исушат во Преспа тие  риби се викаат „циронки“..

Се смета дека овој дел на Преспа е еден од поубавите региони. Таму се наоѓа бисерот Отешево, каде долгите песочни плажи, присуството на многу сончеви денови, свежите ноќи, еколошки чистата средина, туристичките капацитети, скијачките терени на Галицица и другите удобности се основа за развој на туризмот во Преспа.

Продолжува

G6
Пишува: СЛАВЕ КАТИН