Среда, 07 Август 2019    PDF Печати Е-пошта
ВО ДОЛНА ПРЕСПА КАКО ДОМА (8)

ajdd1

ЉУБОЈНО – ЦЕНТАРОТ НА ДОЛНА ПРЕСПА

Во Македонија, покрај другите поголеми села, секако е и Љубојно. Тоа е дел од вистината за Македонија, за печалбарството, за минатото, за сегашноста и за иднината. Љубојно се наоѓа во Долна Преспа, во пазувите на Баба Планина недалеку од Преспанското Езеро, на македонска земја, а само неколку километри северно од границата на истата земја меѓу Република Македонија и јужниот сосед, на местото викано „Маркова Нога“

Љубојно има рамничарско-ридска положба, се наоѓа на надморска височина од околу 920 метри и зафаќа простор од околу 13 километри квадратни. Љубојно е оддалечено околу 28 километри од општинскиот центар Ресен, а по шеесетина километри од Битола и од Охрид.

Селото Љубојно за првпат се споменува во еден запис на Сливничкиот манастир во 1607 година како поголема македонска населба. Затоа со право се вели дека ова е село со долга и бурна историја. Сведоци на таа македонска историја се низа оставнини како што се нивните стари куќи, бројните македонски православни цркви и манастири и други објекти кои ја чуваат вистината и тајната за Љубојно, за љубанци, за Долна Преспа, за Македонија и за целиот македонски народ.

Љубојно е едно од најкарактеристичните места во Преспа и пошироко. Долго време претставуваше општински, образовен, културен и здравствен центар за Долна Преспа и пошироко. Тоа е едно од најубавите села кое пленува со своите архитектонски градби, со стилот на старите куќи, сокаците и дворовите, како и со иновациите во начинот на живеење што бројните печалбари ги пренеле од светот во својот роден крај.

ashvh2 

Центарот на Љубојно

Тоа, како и многу македонски села, е село од збиен тип; со тесни калдрмисани улици, стари македонски куќи изѕидани со камен и на кои се впечатливи пространи балкони, како и со дворови заградени со авлии што се резултат на пограничната местоположба.

Според народните преданија, Љубојно своето име го добило од најубавиот збор љубов. Поточно, многу одамна се вљубиле момче и девојка, кои живееле во две соседни населби. Поради лошите меѓусоседски односи на жителите од населбите, младите не смееле да се земат. Меѓутоа, тие сепак одлучиле да се земат и заедно да побегнат. Се доселиле во близината на реката и тука останале среќно да си живеат. Подоцна, кај тоа место на вљубените, се доселиле други семејства и, поради тоа, населбата ја нарекле Љубојно.

Според друга легенда, во далечните години на XIV век, во Љубојно имало некоја меанџика по име Љуба. Кога оделе муштериите во меаната, таа им точела добро вино. Од толку што било добро виното, муштериите го нарекле „Љубо – вино”. И по тие зборови населбата ја нарекле Љубојно.

Веројатно, легендите се само прераскажување на постарите од овој крај. Но, вистина е дека Љубојно, односно жителите од овој преспански крај поседуваат љубов; љубов кон родниот крај, кон татковината, кон природата и кон убавото. Според кажувањата на постарите, таму секогаш живееле вредни и честити Македонци кои фанатизирано ја бранеле и ја чувале верата и нацијата, обичаите и традициите.

За време на Илинденското востание, селото било запалено и до темел изгорено. Сведоци на таа македонска трагедија се старите куќи, изградени на постојните темели што љубоморно ја чуваат вистината за трагедијата на Љубојно, на љубојничани и на целиот македонски народ.

Меѓутоа, местото и улогата на Љубојно и на љубанци се значајни уште пред Илинденското востание. Од Љубојно имало дваесетина комити, предводени од четирите истакнати љубански војводи и тоа: Кире Кондов, Ефтин Лембов, Ристо Томулев и Јонче Стасовски, при што значајна улога одиграл и љубанскиот поп Ристо Попов.

ajdm3 

Некогашното училиште „Димитар Влахов“

Еден од првите членови на Националниот комитет за ослободување од ропството, штипјанецот Славејко Арсов од 1901 година кога се одвивале подготовките за почеток на востанието, па сѐ до завршувањето на востанието, честопати бил присутен во Љубојно, организирајќи револуционерни комитети. За тогашните настани е сведок спомен-куќата на Калајџиовци во која се криеле, меѓу другите, кривенскиот војвода дедо Геро и во која загинал комитата Ристо Бузако од Арвати.

За овие настани од времето на Илинденското востание на куќата на Калајџиовци е поставена спомен-плоча како потсетник која ги потсетува денешните генерации, кои секоја година им оддаваат достојна почит на сите илинденци токму пред куќата на Калајџиовци и токму на денот на востанието, односно на 2 август.

Според историските податоци, периодот од Илинденското востание па сѐ до Втората светска војна е карактеристичен по тоа што во 1919 година била отворена (пренесена од Наколец) првата општина во Љубојно, а во 1927 година била изградена новата општинска зграда, која денес е преадаптирана во полициски станови. Потоа, во 1922 година била отворена џандармериската станица, која и денес постои и се користи како полициска станица.

Веднаш до неа, во 1937 година била изградена царинарницата. Војничката зграда, позната кај љубанци под името штаб, пак, е изградена во 1932 година, а во 1936 година во Љубојно започнала со работа поштата, која ги задоволувала потребите на целата љубанска општина. Меѓутоа, веднаш по Народноослободителната војна во Љубојно во 1946 година била отворена сегашната македонска пошта.

Периодот меѓу двете светски војни за Љубојно е карактеристичен и по тоа што во 1931 година на гласањето за пратеник во Ресен, меѓу четирите кандидати, најмногу гласови добил д-р Михајло Попов од Љубојно. И д-р Владо Туџаров бил избран за околиски лекар, а бил и претседател на фудбалскиот клуб во Ресен во 1938 година.

amxv4 aygk5 

Монографијата „Љубојно-љубов наша“ од Стојан Лембо е прекрасно, вечно и значајно издание за Љубојно, а е издадено на „Друштвото за наука и уметност“, Битола, 1996, 1-350, а публикацијата „ Илинден во Љубојно и Преспа, С. Николовски-Катин, Б. Рајчовски-Пелистерски, „Македонска искра“, Скопје, Македонско друштво „Љубојно“- Детроит, 2013, 1-320 (на македонски и англиски) 

Секое време си носи свое бреме, така вели народната поговорка. Така, Љубојно било под многу окупации: српска, бугарска, италијанска, германска и албанска окупација, но секогаш било и база на преспанските движења за ослободување во сите борби и обиди за борби на македонскиот народ.

Таков е случајот во Втората светска војна кога на 9 септември 1943 година во Љубојно, со околните села што ги опфаќало како општина, била создадена слободна територија, прва во Преспа. За жал, таа слобода траела само два месеца (до 6 ноември 1943 година) кога Љубојно било окупирано од бугарските војски и така останало сѐ до целосното ослободување, односно до 5 септември 1944 година.

Кога се зборува за борбената Преспа, за местото каде што владеел првиот македонски цар, Самуил, важно е да се спомене дека во Љубојно на 8 и 9 септември 1943 година била формирана првата слободна територија во Преспа, за подоцна во текот на 1944 година целосно да биде засекогаш ослободена од бројните непријатели.

Продолжува

c6 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Замешаноста на Заев во случајот „Рекет“ е се поочигледен

Замешаноста на Заев во случајот „Рекет“ е се поочигледен.

Историја

News image

Кичево, 116 години од битката на „Ѓурѓејца“, 4-ти август 1903 година

Кичево, 116 години од битката на „Ѓурѓејца“, 4-ти август 1903 година

Иселеници

News image

Академикот Ферид Мурад – американски нобеловец (10)

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – САД

Култура и туризам

News image

Триумфални порти (арки) во Битола

Триумфални порти (арки) во БитолТриумфални порти (арки) во Битола

Фељтон

News image

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ (22)

ПЛЕМИЊАТА  ЈОНЦИ И МИНОИ ОД МАЛА АЗИЈА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.