Среда, 09 Октомври 2019    PDF Печати Е-пошта
ЛИЧНОСТИ ОД ПРЕСПА: МЕТОДИЈА (МЕТО) ФОТЕВ ОД ЉУБОЈНО – ЗНАЧАЕН МАКЕДОНСКИ РОМАНСИЕР И ПОЕТ (5)

metof1

Македонскиот романсиер и поет Методија (Мето) Фотев беше еден од првите членови на Друштвото на писатели на Македонија (од 1957 година). Неговото книжевно творештво го сочинуваат следните романи: „Потомците на Кат“ (1966), „Селани и војници“ (1969), „Големите скитачи“ (1970), „Неплодна вода“ (1978), „Вивариум“ (2010), како и поетската збирка „Поезија не за одмор“ (2002)

Љубанчанецот Мето Фотев ѝ припаѓа на повоената генерација значајни личности кои имаат посебно место во македонската литература. Неговиот богат литературен опус, во кој, меѓу другото, ја третира и иселеничката судбина на печалбарите од Преспа, претставува дел од македонската литературна книжнина и прилог кон севкупните вредности на пишаниот збор во Македонија.

Фотев е автор на романите: „Потомците на Кат“ (1966), „Селани и војници“ (1969), „Големите скитачи“ (1970), „Неплодна вода“ (1978), „Вивариум“ (2010), како и поетската збирка „Поезија не за одмор“ (2002).Со овие литературни остварувања, тој си обезбеди посебно место меѓу македонската писателска фела, а како потомок на печалбар и со своите дела за раселените по светот е омилен меѓу читателите во македонската дијаспора.

Мето (Методија) Фотев имаше бурно детство, младост и творечки живот. Во неговата биографија е запишано дека тој е роден на 14 март 1932 година, во печалбарското Љубојно, во Преспа во „Илиовска Маала”, од мајка Спаса и татко Бончо, иселеник во САД,  татко кого никогаш не го виде и понесе татковска болка како многумина од печалбарските краишта. Мето е првото дете во семејството, а по него се родил неговиот брат Никола (Коле) сега покоен, потоа сестра му Драгица која живее во САД и најмалиот брат Спиро, кој покрај Скопје, најповеќе живее во Љубојно и кој најдобро го познава и животот и делото на својот брат - Мето Фотев.

Инаку, Мето Фотев, на кој авторот на овој текст, Славе Катин е братучед, пријател и следбеник на неговата литература, завршил основно осумгодишно училиште во Љубојно. Така, војната го затекнала во второто основно одделение. За време на војната, пет месеци посетувал италијанско училиште, а потоа посетувал албанско училиште, за во трето одделение да учи на бугарски. Таква била судбината и на неговите врсните од овој убав преспанскиот крај.

metof2 

Љубојно

Конечно, во 1944 година есента, до пролетта 1945 година, Фотев го заврши четвртото одделение на основното училиште во Љубојно, на македонски јазик и со македонски учители. Есента отпаува во Битола каде што го учеше петтото одделение три месеци, а потоа се врати во Љубојно да го продолжи школувањето, зашто тогаш во Љубојно се отвори осумгодишното училиште ,,Димитар Влахов”, кое често со право се нарекува расадник на македонски интелектуалци.

Во 1952 година Мето Фотев ја заврши Учителската школа во Битола и стана еден од првите учители од Долна Преспа. Во 1953 година  доаѓа во Скопје, прво работи во Радио Скопје како новинар, потоа, се префрлува во редакцијата на ,,Нова Македонија”. Меѓутоа, поради немање учители во Македонија, го определуваат за учител во Лазарополе - Дебарско. Учителствува две години во ова мијачко село и пак се врќа во Скопје. Се запишува на факултет и работи во Радио Скопје.

Од Радио Скопје се префрла во редакцијата на ,,Нова Македонија”, од каде што го испраќаат за дописник во Струмица и во тој град останува девет месеци. Редакацијата го повикува во Скопје и по една година Мето Фотев пак работи во Радио Скопје, во новоотворената редакција Младинска програма, во летото 1956 година.

Интересно е да се спомене дека Мето Фотев ги следеше македонските писатели, учеше од нив и многу читаше. Како резултат на тоа во 1955 година, пролетта го печати својот прв расказ ,,Очи”  во додатокот на Разгледи ,,Никулци”.

Во период од 1956-1970 година, цели 15 години, Мето Фотев работи во Радио Скопје, менува неколку редакции и одвреме-навреме објавува раскази во македонските списанија и весници. Потоа работи во Телевизија Скопје и беше уредник на драмската редакција, каде постигна видни резултати на полето на драмата, а особено внимание посвети во неговото творештво.

Така, во 1966 година му излегува од печат неговото првороденче во литературата,  романот ,,Потомците на кат”, во издание на ,,Култура”, Скопје. Со овој роман Мето се прослави и како резултат на тоа, во 1967 година ја добива наградата ,,11 Октомври” токму за романот ,,Потомците на кат”. За него се пишуваше во домашните и другите медиум, од што произлезе во 1973 година, издавачкото претпријатие ,,Народна књига” од Белград овој роман да го издаде на српскохрватски јазик. Година подоцна, скопската ,,Култура” ќе печати второ издание од овој веќе популарен роман.

Со романот ,,Потомците на кат” во мапата на македонската литература Мето Фотев вклучува уште една земја, земја која се вика Долна Долина. Под ова име, инаку, го препознаваме крајезерскиот селски крај на Преспа. Овдека Мето Фотев овој преспански крај го предава во времето на едно меѓувластие: по пропаѓањето на кралската држава на почетокот од војната, а пред стационирањето на војските на новиот окупатор, на Италијаните.

Во романот ,,Потомците на кат”  Мето Фотев дава живи описи за голем број ликови, тргнувајќи од  Тихон Пламенков (централен лик во оваа проза), и сите од неговото семејство, и за Порфир Бешот, и Ѓорѓија Налетениот, и Нестор Скребовски, и циганката Спасија, и улокосаната Гелевица, и Само Биглов, Андон Тишковски, Ристе Иконовски, Тодор Алабак,  студентот Игор Брезов и попот Апостол Филеговски. Таа е цела галерија луѓе чии односи и карактери ги среќаваме предадени во композицијата на оваа таканаречена фреска од раскажувачот Методија Фотев.

Со романот ,,Потомците на кат”, се чини Мето Фотев го достигна врвот и се вброи мегу значајните, познати и признати романсиери во Македонија. Но, тој не се предаде на славата, туку почна и понатаму да твори.

Така, во 1969 година во издание на Издавачката куќа ,,Култура” од Скопје, му излегува вториот роман ,,Селани и војници”. Истата година, Фотев за ова дело ќе ја добие наградата ,,13 Ноември”, за потоа во 1977 година ,,Матица српска” од Нови Сад, да го издаде романот ,,Селани и војници” на српскохрватски јазик.

Се смета дека романот ,,Потомците на кат” на авторот Методија Фотев му донесе високи и заслужени признанија, а романот ,,Селани и војници”, кој е еден вид продолжение на првиот, ги потврдува раскажувачките квалитети на авторот, ја продолжува линијата на неговиот растеж и го зацврствуа неговото место меѓу врвните прозаисти во Македонија

Романот ,,Селани и војници”, како и ,,Потомците на Кат”, спроведува раскажувачка линија на хрониката. Впрочем, временски тој директно се надоврзува на првото дело: почнува таму каде што заврши претходниот роман. Меѓутоа, како и ,,Потомците на кат”, така и ,,Селани и војници” претставуваат и самостојна целина. Имено, ако романот ,,Потомците на кат” својата содржинска и формална заокруженост ја наоѓа во рамките на меѓувластието, ,,Селани и војници” тоа го наоѓа во рамките на траењето на новата власт: доаѓањето и заминувањето на италијанските окупатори.

metof3

Во 1970 година Методија Фотев го печати својот трет роман ,,Големите скитачи” во издание на издавачкото претпријатие ,,Мисла” од Скопје. Ова литературно дело доживеа во 1974 година, приштинската издавачка куќа ,,Рилиндија” да го издаде романот ,,Големите скитачи” на албански јазик.

Романот ,,Големите скитачи” е напишан пред романите ,,Потомците на Кат” и ,,Селани и војници”, а е објавен по нив. Причината лежи во мошне отвореното приоѓање на авторот кон сексот, што на времето од еден издавач беше оценето како порнографија. Навистина, на страниците на ова дело има сцени што може да го шокираат читателот не во откривањето на женското тело или поради допирите меѓу мажот и жената, туку повеќе со шокантноста на вистините на човечката драма, од чија острина Мето Фотев, сосема исрпавно, не сакал да се откаже.

Во основата на делото е проблемот на печалбарството, кое му ја пустоши душата на селото, ставајќи го без полнотата и радоста на живеењето. Пеколно мачно минува детството при татко - без татко и младоста на жената при маж - без маж. Тоа е основата на траумата на луѓето во оваа книга.

И самиот носител на една ваква судбина, Сандар, главен лик во романот, чувствува одбивност кон домот, па времето го поминува низ полето, впрочем, слично како што постапуваат и оние што останале во селото. Љубовните средби на Јагна, односно и Илинка со Сандар, се само една нивна неутешна катарза на чемерот од нивната судбина

Четвртиот роман на Мето (Методија) Фотев е насловен како ,,Неплодна вода”, издаден во 1978 година. Во овој роман, тој постигнува состојба во која тој длабоко проникнува во душата на човекот, како во неговата колективната, така и во индивидуалната психологија.

Последниот негов роман е „Вавариум” издаден 2010 година. Методија (Мето) Фотев пишува  со силна љубов кон човекот, кон родниот крај, кон исленикот, кон се’ она што за него во мислите е свето. Затоа тој е добитник на наградите: „11 Октомври”, „13 Ноември”, „Рациново признание”, наградата „Дијалог” и други.

Инаку, за творештвото на Методија Фотев пишувале плеада врвни македонски писатели, критичари, литерати, интелектуалци, новинари, публицисти и влубеници во неговите дела.  Меѓутоа, со поголем дел од ова скромно видување на животот и делото на овој значаен, познат и признат романсиер авторот на овој текс, Славе Катин имаше за цел да даде прилог кон прославата на Илинден и на Иселеничките средби во Љубојно во.2010 година.

Тоа, секако, беше направено да се претстави  Методија (Мето) Фотев пред голем број иселеници  од сите континенти во онаа светлика во која тој заслужува на таков  голем празник да се слави неговото име и дело, а љубанци и сите дојденци на Илинед да се гордеат што печалбарско Љубојно роди еден таков познат и признат романсиер и голем син на Македонија, кому животна преокупација му се разделена Преспа и иселеништвото.

Продолжува

 c6

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

www.slavekatin.com

 

На прво место

News image

ВМРО-ДПМНЕ има поддршка да формира Влада

Муцунски после завршената посета на Брисел: ВМРО-ДПМНЕ има поддршка да формира Влада која ќе го за...

Иселеници

News image

КРЕАТИВНОСТА МИ ЈА ПОЛНИ ДУШАТА

Разговор со Лара Мабеи која ја игра главната улога во „Баб...

Култура и туризам

News image

ИЗРАЕЛ - ВЕТЕНАТА БИБЛИСКА ЗЕМЈА (12)

ЕРУСАЛИМ - ГРАДОТ НА ВЕЧНОСТА

Фељтон

News image

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ (31) I ДЕЛ

МИТОЛОШКА И ТЕОНИМСКА ОНОМАСТИКА НА ПАНОНИЈА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.