Среда, 20 Ноември 2019    PDF Печати Е-пошта
ЛИЧНОСТИ ОД ПРЕСПА: ПАНДЕ КОЛЕМИШЕВСКИ ОД РЕСЕН –АФИРМАТОР НА МАКЕДОНСКОТО НОВИНАРСТВО (11)

PK1

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ПРЕСПА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“

Често се вели дека новинарството  е дисциплина на собирање, потврдување, прикажување и анализирање информации  врзани за актуелни настани, вклучувајќи трендови, жешки теми и личности. Професионалците што се занимаваат со новинарство се познати како новинари.  Една од тие водечки личности во македонското новинарство е, секако, Панде Колемишевски. Тој е познат и како заљубеник во Ресен, (терасата на бивша „Китка“), во  Отешево, Стење, Крани, во убавините на Преспанското Езеро, во етничка Преспа

Во биографските податоци за овој познат новинар, кој одраснал до „Сарајот“ во Ресен се вели дека тој е роден на 17 февруари 1948 година, како близнак со брат му Јанку, од татко Кире и мајка Милка, од познато семејство во Ресен. Денес е пензионер, живее во Скопје, со сопругата Слободанка и синовите Кирил и Борјан. Неговиот дедо  по татко, пак, македонски Влав по националност, држел кафеана сè до крајот на Втората светска војна, а дедо му по мајка од село Лавци, умрел како млад печалбар некаде во Канада, но никогаш не се дозна во кое место.

Панде Колемишевски, основно училиште учел во училиштето „Гоце Делчев“ во Ресен а гимназија во средното училиште „Стив Наумов“ исто така, во Ресен. Во тој период повеќе бил познат по својот прекар Лели (Лелија), отколку по своето крстено име. Дипломирал книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје. 

Од годините поминати во Радиото (1965-1968) најголеми спомени носи од емисијата „Поздрави и честитки“ што се емитувала секоја недела. Тоа бил период кога во полн ек  се одвивал новиот бран на заминување во странство, кога само во една емисија, во недела од 10 часот, се емитувале по стотина честитки за среќно заминување, за среќен пат и мирно море.

Тој, како спикер, прочитал илјадници такви честитки и желби за успех на оние што заминувале за Австралија, Америка и Канада, меѓу кои и такви кои се однесувале на негови другари, на негови соученици и соученички, на соседи и роднини. Во најголем дел од тие текстови биле наведувани и желбите од најблиските за нивно побрзо враќање. Тогаш не се зборувало за иселување, никој не го спомнувал тој збор, туку само за заминување.

PK2

Како студент во Скопје соработувал со весниците „Млад борец“ и „Студентски збор“, каде објавувал свои текстови. Во весникот „Нова Македонија“ се вработил во 1972 година, со што ја започнал својата професионална кариера, каде што од приправник – соработник стигнал до местото главен и одговорен уредник на истиот весник. До тоа место стигнал скала по скала: ги вршел функциите на уредник на градската (скопска) рубрика, на саботното издание, на дневната редакција, а три и пол години бил и заменик-главен уредник.

Од 1988 до крајот на 1998 година, цели десет години, ја вршеше функцијата генерален директор на НИП „Нова Македонија“, најголемата новинско-издавачка куќа во Република Македонија, која издаваше неколку весници и списанија, организација која имаше своја печатница, свој маркетинг и продажна мрежа и во која беа вработени околу 1.800 лица, новинари, печатари, организациски и помошен персонал.

Во својата кариера како новинар има објавувано илјадници текстови. Меѓу оние што треба да се издвојат се  интервјуа што ги направил со педесетина добитници на тогаш највисоката државна награда „11 Октомври“ за животно дело, меѓу кои беа мнозина доктори на науки, професори, писатели, сликари, економисти. Меѓу нив се интервјуата со Никола Кљусев,  историчарот д-р Христо Полјански, д-р Ис;к Таџер, д-р Иво Пухан, сликарите Петар Мазев и Миле Корубин.

Колемишевски е единствениот македонски новинар кој организирал, направил и објавил повеќе интервјуа со претседатели на држави или премиери. Негови интервјуа објавени на страниците на весникот „Нова Македонија“ се разговорите (водени во нивните  резиденцијални палати во соодветните држави) со Тургут Озал, претседател на Турција, Жељу Желев, претседател на Бугарија; Сали Бериша, претседател на Албанија; Арпад Генц, претседател на Унгарија; Јанез Дрновшек, претседател на СР Југославија.

Исто така, Колемишевски е единствен македонски новинар кому му успеало да направи интервју со претседателот на Владата на Грција, (јули 1992 година) со тогашниот премиер Константин Мицотакис, во неговиот работен кабинет во Атина. Претходно, во времето на комунизмот во Бугарија беше примен и разговараше со тогаш вториот човек во политичката хиерархија на државата, претседателот на Отечествениот фронт на Бугарија, другарот Пенчо Кубадински.

Панде Колемишевски е првиот новинар што направи големо интервју со претседателот на Република Македонија Киро Глигоров, на цели две страници од весникот, само два месеца по атентатот што беше извршен над него во 1995 година. Проследено со неколку фотографии во  живо, во привремениот кабинет и во дворот на резиденцијата, тоа беше прво појавување на претседателот Глигоров пред македонската и пред светската јавност.

Како новинар Колемишевски известувал од значајни политички настани, пред сè, во Македонија и поранешна Југославија.

Две години бил дописник на весникот „Нова Македонија“ од Белград, каде на свои 25 години беше задолжен да известува за работата на највисоките државни органи на тогашна Југославија. Во својство на специјален известувач информирал за „Деновите на Македонската култура во Шведска“, како и за посетата на македонската парламентарна делегација на Австралија во 1982 година, која ги посети и разговараше со нашите иселеници во Канбера, Квинбијан, Сиднеј, Мелбурн, Њукасл, Порткемла. Професионално престојувал во Русија, Кина, Германија, Франција и други места во светот.

Во својство на претставник на Матицата на иселениците Колемишевски престојуваше во Канада, како гостин на Македонците во Мисисага и на Организацијата „Обединети Македонци“ од Торонто, во еден сложен период на состојбите на Македонската православна црква - Охридска архиепископија кога беше промената на митрополитот Кирил и воведувањето на митрополитот, сега архиепископ, Стефан. Две години бил соработник од Скопје и на Македонското радио во Стокхолм.

За време на вршењето на функциите главен и одговорен уредник и директор на весникот „Нова Македонија“’ изданијата на таа куќа добија сосема нов содржински  лик. Тие доследно ги следеа процесите на демократизација, како во општеството, така и во медиумите. Весникот „Нова Македонија“ се отвори за читателите, почна да објавува десетици нивни писма, новинарите почнаа да објавуваат поотворени коментари за состојбите во тогашна Југославија и во Македонија.

Нема да биде невистина ако се каже дека изданијата на НИП „Нова Македонија“, посебно весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“ одиграа важна улога во сложените времиња и процеси на осамостојувањето на Република Македонија и во напорите за мирно раздружување од југословенската федерација. Весниците редовно и објективно известуваа за сите настани во врска со  првичните идеи и заложби за независна македонска држава и раздружувањето од Југославија.

PK3

Зградата на „Нова Македонија“

Веднаш по осамостојувањето, НИП „Нова Македонија“ почна да го издава култниот  политички неделник „Пулс“, и првата спортска колор ревија под име „СКОК“, како замена на српските весници. Во 1992 година, од една меѓународна новинска организација, весникот „Нова Македонија“ беше прогласен за весник на годината, за постигнување најбрз напредок во објавување на демократски содржини од сите весници во дотогашните, поранешни републики на Југославија.

Во тие години весникот  „Нова Македонија“ широко ги отвори вратите за темите важни за Македонската православна црква, за нејзината афтокефалност и прашањата поврзани со тој проблем. За првпат од историјата на дневното новинарство, во весникот беа објавувани во продолженија делови од Евангелието  на Новиот завет. За време на неговото раководење со најголемата новинска куќа, се создадоа неколку генерации успешни новинари кои ги одбележаа последните години од минатиот и првите десетина години од XXI век.

По заминувањето од Нова Македонија, Колемишевски беше еден од основачите на првиот дневен економски весник во Македонија под име „Бизнис“. Навистина, весникот, кој излегуваше 6 години, не наиде на некој сериозен прием кај читателската публика, но ќе остане запишано дека тоа бил прв весник во Македонија кој се обидел да третира чисто економски содржини. Три и пол години во весникот „Дневник“, секој четврток, Колемишевски ја објавува колумната под заеднички наднаслов „Настани, симболи, алузии“.

Панде (Лелија) Колемишевски во Ресен и Преспа не е познат само како новинар,  рецитатор, водител на забавни програми, туку и како спортист. Постарите генерации сигурно се сеќаваат дека тој беше во младинскиот состав на фудбалскиот клуб „Преспа“, а подоцна и стандарден голман на истата екипа, која се натпреваруваше, еднаш во Охридскиот, другпат во Битолскиот сојуз (потсојуз). Има брането на натпревари во Крушево, во Кичево, во Охрид, Струга, Битола, Дебар, во Логоварди, Кукуречани и Кривогаштани. Дел од неговата  фудбалска генерација (неколку години постари, некои врсници) остана во Ресен, дел се пресели во Скопје, а добар дел замина на печалба во прекуокеанските земји.

Освен во фудбал, подолги години беше стандарден голман во ракомет во РК „Преспа“, првата ракометна екипа официјално формирана во Ресен. Екипата стигна да се натпреварува и во првата ракометна лига на Македонија.

Неговата врска со Ресен и Преспа е нераскинлива. Иако наполни педесет години откако дошол на студии во Скопје, нема  пропуштено година да не наврати таму, еднаш или двапати во годината. Само по себе се подразбира и дружењето со другарите од детството и од училишните денови, разговорите за убавото минато, оживувањето на спомените од младоста и по некоја поплака за тегобностите што полека ги носи староста. Низа живи и вистинити приказни што траат повеќе од половина век. Мноштво соништа, остварени и  неостварени, кои како на невидлив разбој ги исткаја животот, реално распослан на некое место, а со мислите неодвоен од родниот крај и од спомените за него и од него поврзани со Преспа..

Продолжува

 B3

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

www.slavekatin.com

 

На прво место

News image

Христијан Мицкоски- Македонскиот јазик постои, тој е посебен и им припаѓа на Македонците

Христијан Мицкоски- Македонскиот јазик постои, тој е посебен и им припаѓа на Македонците

Историја

News image

Македонскиот етнос и етногенезата на Македонските династии

Краток опис на античката историјата за Македонија и нејзиното име

Иселеници

News image

ОМД: Венецијанската комисија и официјално против законот за јазици

ОМД: Венецијанската комисија и официјално против зако...

Култура и туризам

News image

Брсјаци и Мијаци

Брсјаци и Мијаци, двете најсочувани племиња на нашата територија, вечните ривали но сепак најдобри...

Фељтон

News image

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ (39)

ОЛИМПИСКИОТ ПАНТЕОН ВО ПАНОНИЈА -III ДЕЛ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.