Среда, 04 Март 2020    Печати
Д-р Цане Мојаноски–афирматор на МПЦ-ОА (10)

654

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ЛИЧНОСТИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“

Името и делото на професор д-р Цане Мојаноски е тесно поврзано со образовниот систем во државата, а во исто време и со афирмацијата на Македонската православна црква - Охридска архиепископија. Тој беше еден од претседателите на Комисијата за односи со верските заедници во Република Македонија кој остави позитивни траги во односите меѓу Македонската православна црква - Охридска архиепископија и Република Македонија, особено со своето дело „Автокефалноста на МПЦ“ (документи)

Во биографските податоци е запишано дека Цане Мојаноски е роден на 14 август 1954 година во село Пештани, Прилепско (Прилепскиот дел на Мариово), од татко Трајко и мајка Тодорка. Потекнува од скромно семејство (без земја), кое во шеесеттите години се преселило и живее во Прилеп. Основно училиште завршил во Прилеп. Учел во училиштето „Рампо Левката“, а средно училиште завршил во гимназијата „Мирче Ацев“, исто така, во Прилеп. Бил особено активен во општествениот живот во прилепската гимназија, посебно во активностите на средношколската младина.

Студира на Факултетот за политички науки во Белград во периодот од 1974 до 1978 година на меѓународно-политичката насока. Во 1980 година запишал постдипломски студии на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, каде се стекнал со научниот степен м-р на политички науки. Оженет  е со Вангелина (Попова) и има два сина (магистри) Игор и Горан. Денес со своето семејство живее и работи во Скопје.

Неговото родно место селото Пештани се наоѓа во прилепскиот дел на Мариово, на крајниот северозападен дел на територијата на поранешната Општина Витолиште. Тоа е мала македонска ридска населба со околу дваесеттина жители и е во фаза на целосно раселување. Тоа е чисто македонска христијанска населба во која има три цркви и тоа: „Свети Ѓорѓи“, која е главна селска црква и манастирските цркви „Свети Илија“ и „Света Петка“, како и археолошкиот локалитет „Свети Илија“, населба од раната антика и римското време (старомакедонскиот град Достонеи).

357

Мариово

Цане Мојаноски е интелектуалец кој сам се изборил во животот и се стекнал со образованието. Така, по завршувањето на средното образование, се здобил со факултетското образование на Факултетот за политички науки во Белград, во 1978 година, кога добил звање дипломиран политиколог – меѓународно-политичка насока. Потоа, во 1987 година магистрирал на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје на тема „Делегатското прашање во собраниското одлучување“. Во 1988 година бил именуван за асистент и доцент на Факултетот за безбедност по предметот Методологија на истражување на безбедносните појави.

Во 1995 година докторирал на Филозофскиот факултет на Институтот за социологија, на тема „Социјално-поли­тич­киот и интересен идентитет на политичките партии во Ма­ке­донија“ и станал доктор по социолошки науки. Потоа од 1989 до 2006 година е назначен за доцент и вонреден професор по предметот Основи на општественото уредување на Педагошкиот факултет „Гоце Делчев“ во Штип по предметот Методологија на истражување на безбедносните појави. Потоа две години е редовен професор на  Полициската академија - Скопје, а од 2008 година до денес е редовен професор на Факултетот за безбедност – Скопје, членка на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола.

Активностите на Цане Мојаноски како новинар започнале по дипломирањето на факултетот, кога, всушност и започнал да пишува за весникот „Млад Борец“, а една година бил новинар во ЗИК „Прилеп“. Својата активност во политичкото живеење ја започнал како стручно-политички соработник, во ОК на СКМ „Центар“, како и  извршен секретар, а бил носител на политички функции. На млади години бил избран за претставник во Собранието на Македонија.

Цане Мојаноски, меѓу другото, бил: продекан за настава на Педагошкиот факултет; сенатор во Сенатот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје; член на Комисијата за настава на истиот Универзитет; претседател на Комисијата за самоевалвација на Педагошкиот факултет во Штип и претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи.

Во своето научно подрачје Цане Мојаноски, главно, има интерес кон општествените, политичките и социолошките науки. Негови области на истражување се: Методологија на научно-истражувачка работа; Методологија на истражување на општествените појави, посебно Методологија на истражување на безбедносните појави, на криминалитетот;  Методологија на истражување на педагошките појави; Статистика; Социологија; Политичка социологија; Политички систем; Уставно право; Човекови права и слободи и Полиција во заедницата.

Во опусот на професор Цане Мојаноски постојано го преокупираат две подрачја. Првото е поврзано со универзитетската ориентација и можноста да работи и истражува во областа на методологијата на научно-истражувачката работа каде се пројавува со тритомно издание посветено на примената на истражувачката постапка во безбедносните науки, а во тој контекст и примената на статистичкиот метод како специфична истражувачка постапка. Насловите поврзани со методологијата на безбедносните науки претставуваат прилог кон трагањето на одговорите за конституирањето на посебна методологија и примена на истражувачка постапка во истражувањето на сложените безбедносни појави, кои се предмет на проучување на безбедносните науки. Тие се наменети за студентите од сите степени на студии на Факултетот за безбедност.

Во таа насока тој објавил голем број статии, учествувал во научно-истражувачки проекти, бил предавач по покана, а учествувал и на собири, конференции и расправи. Исто така, ги објавил книгите: „Социјален и политички профил на политичките партии во Македонија (1996), „Методологија на научно-истражувачката работа“ (1998), „Летопис на македонската демократија“ (2000), „Основи на општественото уредување“ (интерно издание) (2001), „Основи на општественото уредување“ ( 2002), „Автокефалноста на МПЦ“ (документи), (2004) и „Статистика на поедагошките појави“ (скрипта) (2005).

Професор д-р Цане Мојаноски како претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи се трудеше за афирмацијата на Македонската православна црква - Охридска архиепископија и за добри односи меѓу Македонската православна црква - Охридска архиепископија и Република Македонија. На оваа функција претходно беше авторот на овие редови, Славе Катин.

Инаку, Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи е посебен орган на држав­на­та управа и има статус на правно лице. Таа се грижи за правната положба на вер­ските заедници и религи­оз­ните групи и за односите меѓу државата, вер­ските заедници и религиозните групи. 

За првпат како служба која е основана за верски работи, Комисијата се јавува во периодот од 1944 до 1945 година како Верско поверенство, а од 2000 година до денес, како Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи.

159

Св. Климент Охридски во Скопје

Односите помеѓу државата и верските заедници и дејствувањето на верските заед­ни­ци отсекогаш биле предмет на сестрано согледување и оцена од страна на државата. Уште во 1946 година е донесен Закон за забрана за предизви­ку­ва­ње и разгорување на национална, расна и верска омраза и раздор, и којшто, по­крај на­ционалната, обезбедува и верска рамноправност која во себе ја содржи и рам­ноправноста на верските заедници.

Денес Комисијата ја следи работата на 29 цркви, верски заедници и религиозни групи во Република Македонија, од кои пет (Македонската православна црква, Исламската верска заед­ни­ца, Католичката црк­ва, Евангелско-методистичката црква и Еврејската заед­ни­ца) се наведени во Уставот на Република Македонија.

Се чини книгата „Автокефалноста на МПЦ“ (документи), Македонска искра- Скопје  2004 година е капитално дело на професор д-р Цане Мојаноски. Во воведот на ова дело се вели: „Во текот на неколкумесечната работа во Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, како нејзин раководи­тел, а по­себно средбата со долгогодишниот раководител и човекот кој дал ли­чен белег на случувањата во сферата на верските односи во Ре­­пуб­лика Македонија, господинот Доне Илиевски, кај мене нарасна уве­­ру­вањето де­ка не само за сегашната генерација, туку и за гене­рации­те кои доа­ѓаат, треба да се стават на увид документите кои настана­ле и на еден не­посреден начин зборуваат за процесот на настанување­то на МПЦ.

Објавувањето на книгата е и свое­ви­ден бе­лег на времето во кое госпо-динот Доне Илиевски ја извршу­ва таа зна­чај­на државна должност. Но, во исто време, таа е и огле­да­ло на дол­го­го­диш­ни­те и макотрпните напрегања на генерациите ма­ке­донски верници и свеш­теници, особено на благоупокоениот архие­пи­с­коп охридски и ма­ке­донски господин господин Доситеј, кој со ореолот на обнови­тел на древ­­ната Охридска ар­хиепископија во лицето на Македонската православна црква втемели уште еден неј­зин столб“.

Оваа книга, од првата до последната страница, ја изразува не­скрот­ливата енергија на македонските православни верници да го ор­га­низираат верскиот живот во Република Македонија, да ја обноват древ­­­ната Охридска архиепископија. И не само тоа, таа е сведок за маке­дон­ската гол­го­та и лавиринтите на отпорот на Српската пра­во­слав­­на црква. До­ку­ментите, секој сам по себе, зборуваат за еден процес кој со сложеноста и суптилноста предизвикувал интерес кај мноштвото суб­јек­ти.

Од содр­жи­ната на до­ку­мен­тите можеме да ги откриеме јавните на­мери на про­та­гонистите, но како на дланка се по­ка­ж­уваат и вистин­ски­те намери. Таа зборува како аргументот на силата станува доми­нан­­­­­тен во од­но­сите на лицата кои по својата положба, и општествен ста­­тус и до­стоин­ство треба да бликаат со благост и љубов. Содр­жи­ната на оваа книга е сведок на херојското време на ма­­­кедонските вер­ници, архијереи и свештеници, за една битка која го враќа сјајот на Ох­рид­ската архиепископија, која, со си­ла, од страна на тогашната влас­т во 1767 година.

Продолжува

 G6 

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН