Среда, 18 Март 2020    Печати
ДЕЛ ОД ИСТОРИЈАТА НА ЕВРЕИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА (34)

47

ЕВРЕЈСКИОТ МЕМОРИЈАЛЕН ЦЕНТАР НА МАКЕДОНИЈА

Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија (ладино: Sentro Memorial del Holokausto de los Djudios de la Makedonia; англиски: Holocaust Memorial Center for the Jews of Macedonia) e мултимедијален центар посветен на настраданите 7.148 Евреи од Македонија за време на холокаустот и историјата на Евреите на Балканот.

Центарот се наоѓа во главниот град на Република Македонија -Скопје, Македонија, сместен на местото на некогашното Еврејско Маало. Овој значаен дом на холокаустот претставува мултимедијален центар, составен од неколку делови, кои бea поединечно отворани.

Градежните работи на центарот започнаа со поставувањето на камен-темелник на објектот, на 2 септември 2005 година, со поддршка на Македонска влада, а неговото официјално отворање се случи во 10 март 2011 година, 68 години по трагичниот настан за македонските Евреи.

Средствата за изградба на центарот бea обезбедени од повратот на имотите на Евреите од Македонија, кои ги загубиле животите во нацистичките логори и немаат никакви наследници. Ова беше овозможено преку донесувањето на Законот за реституција, која целосно беше завршена во декември 2007 година. Средствата беа раководени од страна на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, кој е и сопственик на објектот.

45

Меморијалниот центар е изграден на местото на некогашното Еврејско маало — средиште на еврејскиот живот во градот до нивната депортација во концентрацискиот камп Треблинка. Маалото постоело во градот до катастрофалниот земјотрес, кога било срушено, а подоцна на неговото место постоела Меѓуградската автобуска станица. Овој Меморијален центар се наоѓа зад новоизградениот Музеј на македонската борба, кој излегува на реката Вардар.

Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше официјално отворен на 10 март 2011 година, точно 68 години откако бугарските окупаторски сили ги депортирале македонските Евреи во концентрацискиот камп Треблинка.

Со пренесување на трите урни од загинатите Евреи од Битола, Штип и Скопје во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија започнаа церемониите за неговото официјално отворање. Колоната со урните ја придружуваа гардистите на Македонија, а ја предводеа градоначалниците на трите града, високи гости од светот, државни функционери, пратеници, рабини, граѓани. Колоната тргна од улицата „Македониј“и преку Камениот мост стигнала до влезот на Музејот, кој ќе биде вечното почивалиште на погубените македонски Евреи.

На отворањето присуствуваа високи функционери од Македонија, Израел и други земји. Меѓу гостите се наоѓаа: македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, македонскиот премиер Никола Груевски, израелскиот вицепремиер Моше Јалон, претседателите на Црна Гора и Албанија, Филип Вујановиќ и Бамир Топи, како и членови на Кнесетот, поглавари на верските заедници и претставници на дипломатскиот кор.

Веднаш по отворањето,Меморијалниот центар  на холокаустот на Евреите од Македонија предизвика голем интерест. Само три дена по отворањето, тој беше посетен од повеќе од 3.000 луѓе.

44 48

Исто така, треба да се одбележи дека Бехар Израел, најстариот македонски Евреин на 3 мај 2011 година симболично запали шест свеќи во спомен на шесте милиони убиени Евреи од нацистите во Втората светска војна, на комеморацијата што во Меморијалниот центар во Скопје се одржа по повод Јом Ашоа, денот на еврејските жртви на холокаустот, кога воедно се одбележува и востанието на Евреите во Варшавското гето во 1943 година.

Сеќавањето на еврејските жртви на холокаустот е и за 7.148-те Евреи од Македонија кои ноќта меѓу 10-ти и 11 март 1943 година со одлука на владата на тогаш фашистичка Бугарија биле собрани од нивните домови и депортирани во нацистичкиот логор Треблинка во окупирана Полска.

На комеморација присуствуваше и амбасадорката на Германија во Скопје Улрике Кноц и други претставници на амбасади и членови на Еврејската заедница во Македонија.  Лилјана Мизрахи, претседателка на Фондот на холокаустот на РМ, рече оти се надева дека на некое наредно одбележување на Јом Ашоа (што на еврејски значи: страдање, уништување) ќе присуствува и бугарски претставник во знак на извинување.

Тогашнатаа претседателката на Еврејската заедница во РМ Бјанка Суботиќ истакна дека тие, како потомци на македонските Евреи, гордо и достоинствено секоја година го одбележуваат овој ден на местото на некогашното Еврејско Маало, во Меморијалниот центар што во нивни спомен беше отворен пред два месеца.

„Од нас и со нас продолжуваат да живеат еврејската вера, култура и традиција, како дел од етничкото шаренило на нашата татковина Република Македонија. Нека поменот за шест милиони невини жртви, од кои 1 милион деца, здушени  во нацистичките логори и крематориуми,  биде во совеста на секој од нас за зачувување на традиционалните вредности на живеење во заедништво и разбирање, верски соживот и заемна доверба и почит“, рече Суботиќ.

Продолжува

 c6

Пишува: СЛАВЕ КАТИН