Сабота, 18 Април 2020    Печати
МОЛИТВА
070 2
МОЛИТВА

Те молам Господе,
ако по твоја волја
сум никнала овде
на овие грутки рудини
од македонско семе,
огреј ми ја душава
и успокој ми ја,
оти напати чинам
мракот ме голта
и в гради стега болка
од некоја јанѕа голема,
дал ќе ми издржи душава
да го дочекам тој ден,
тој голем судбински
за родот мој напатен.
Ако толку силно боли
ова долго чемреење
по тој ден уште недојден,
се думам и си беседам,
не ќе беше ли поарно
да ми ја откорнеш од срцево
оваа љубов палежна
што скрби во мене
и ноќта кошмарна
со денот ми ја спојува,
да не гледам насоне
очи матни овргалени
што ме гонат и најаве.
Ај, проклето нека е
ова зло од нигде никаде.

Господе што си еден,
дај ни очи да прогледаме
и однеси го бестрага
ова тешко проклетие.

070 1Автор: Розита Христовска