Среда, 29 Април 2020    Печати
ЗА ДЕНОТ НА КНИГАТА, ПОДАРОК: ДНЕВНИЦИТЕ НА ЕМИ – „НА ЛИСТАТА НА ЧЕКАЊЕ ЗА ЖИВОТ“

1.7

„Во затвор... човечкото битие се соочува лице в лице со своето страдање... Тоа е највисоката форма на морален напор, што секогаш го облагородува секое човечко суштество. Судирот со времето и ѕидовите  се составен дел од работата и патот нагоре (ако го искачуваш) ... Запознавањето со човековото постоење лежи... во развојот на душата.“

Александар Солжењицин: Архипелагот Гулаг (од предговорот кон „Дневниците на Еми“:)

„Таа беше испратена од Господ на земјата да се обиде да ги просветли луѓето околу себе, за што сум сигурна сега. Сега таа е и твој пример низ тежините во животот, да те води и ти дава снага.“

Од писмото на Баронесата Валентина Трони, другарка на Емилија Кукубајска 

Цитат од „Дневниците на Еми“

Еми: „Сакам на луѓето да им ги покажам пред се’ моите внатрешни квалитети, за да ме запознаат по мојот карактер, а потоа да им кажам за моите здравствени проблеми. Така, нема да си создадат впечаток за некоја чудна болест која ќе ги избрише нивните сознанија за мојата личност. Не сакам луѓето да ме сожалуваат и да го менуваат својот израз кога им кажам за моите проблеми со бубрезите. Не сакам луѓето да се однесуваат кон мене како да сум болна... сакам да се однесуваат како со секое здраво човечко битие, бидејќи тоа и сум.“ 

Кога дете на својот 13 годишен роденден почнува да пишува книга, дневник, а не размислува да биде позната по тоа, туку можеби корисна за децата, младината и останатите генерации, и читателот можеби ќе се прашува: а колку едно дете знае за животот. Онолку колку што и тајната наречена живот знае за детето, а културите и книжевностите - за своите неверојатни почетоци.

Ако тоа дете продолжило да пишува за својот свет, и светот на другите, од двете страни на Атлантскиот океан, од Лос Ангелес, каде живее, откако се раѓа во Либија, до Скопје, Штип, Германија и други средини во кои бара две најзначајни цели во животот: ЗДРАВЈЕ И ЉУБОВ, тогаш погледајте што може да научите од 10 годишниот пат низ „Дневниците на Еми“.

Писателот Емилија Кукубајска живее само 27 години (1979 – 2006), и од својата 16та година до смртта се бори 11 години на дијализа. Емилија, Еми, во нејзината животна и книжевна потрага верува во највозвишеното во животот, љубовта, иако минува низ најстрашното: борба против болеста и смртта. Таа храбро, умно и постојано ја отфрла безнадежноста, осаменоста, и одново бара, губи, но секогаш наоѓа верба во добрините и убавините на живеењето со љубов, и за љубов.

1.8 

Еми, ги остава своите дневници, кои постумно се објавени 2019 година, за 40 годишнината од нејзиното раѓање. Ги има напишано на англиски јазик, и сеуште не се преведени на нејзиниот сакан македонски јазик.

За Денот на книгата, како и во знак на здраво и вдахновено надминување на периодот на изолација од планетарната болест, ковид-19, мајка и’ на Емилија, Марија Емилија Кукубајска, уредник на дневниците на својата почината ќерка, го подарува ова електронско издание на македонската јавност, за бесплатно читање, за успешно надминување на осаменоста, и за оздравување од пандемијата. Иако дневниците се на англиски јазик, Др. Кукубајска се надева дека периодот на изолација ќе ги поттикне читателите да го активираат и својот англиски јазик, освен својата позитивна мисла кон иднината.

Дневници се пишуваат кога сме сами, а се читаат како посета на осамениот, или како славење со тој што положил испит. Дневниците, како и книгите – не стареат, не се разболуваат, туку подаваат рака на немоќта и чистотата, да се крене во заштита и одбрана на сопствената волја да се биде здрав и млад во мислите, благороден во срцето, да се бара ЉУБОВ во светот во кој благородноста се смета застарен етички закон, а старите Бахусови и новите холивудски деградации на љубовта се славени како забавни задоволства, пишува мајка и’ на Еми, Марија.

Проф. д-р Марија Емилија Кукубајска