Среда, 14 Април 2021    Печати
МОНОГРАФИЈА ПОСВЕТЕНА НА ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА БЛАГОЈ МЕХАНЏИСКИ (1)

1mean

ДЕЛ ОД ВОВЕДОТ ВО МОНОГРАФСКОТО ДЕЛО „ БЛАГОЈ МЕХАНЏИСКИ“

Оваа монографија е посветена на бизнисменот, хуманистот и донаторот Благој Механџиски. Име, кое е познато и респектирано на низа полиња и децениски потврдено во бизнис заедницата во Република Македонија. Во исто време делото е посветено на 30-годишниот јубилеј на веледрогеријата „ЗЕГИН“, на 45. годишнината за посветеноста на бизнисот и 75. годишниот живот на Благој. 

Во исто време монографското дело „Благој механџиски“ е и скромен пример за афирмација на аптекарството во Македонија, на Балканот и пошироко, афирмација на минатото, сегашноста и иднината на компанијата ЗЕГИН, како и на родното Русиново, убавиот Малеш и на Македонија.

Монографијата чиј автор е Славе Катин е подготвена на македонски и на англиски јазик на 480 страници со голем број текстови и фотографии. Рецензенти на ова дело се поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и д-р Лазо Лазарев. Делото е посветено на Благој Механџиски, кој постојано се залага за афирмација на аптекарството во Македонија, на Балканот и пошироко. Таквата угледна легенда во аптекарската фела, вљубеник во народот, во својата татковина, секогаш го водела светата мисла да го претстави бизнисот и да остави вечни траги за идните генерации. Во исто време треба да се потенцира дека оваа Монографија е подготвена подолго време и чека да биде отпечатена и да го види македонското Сонце.

Животната приказна за Благој и неговото семејство Механџиски започнала во убавата Малешевија, во селото Русиново. Питом и мирен регион, исто толку и дарежлив и сѐ уште неоткриен дел од природата, а богат со културно наследство. Предел во кој се родени или имаат потекло плејада македонски револуционери, интелектуалци, бизнисмени, професори, новинари, научници, книжевници, различни стручњаци и други личности кои се борат за афирмација на својот крај, на македонската вистина и кои постигнале видни резултати на различни полиња.

Многумина рекле и напишале дека Благој, Бари, Зегин е еден и единствен, неповторлив. Бизнисот проникнува од неговото срце, па тој го храбри, воздигнува, облагородува, збогатува, го храни и ги напојува луѓето кои купуваат во „ЗЕГИН“, а тоа му го дарила судбината, додека мисијата му го трасира патот да биде посветен деловен човек, хуманист, донатор, добротвор...

1mean1Русиново

Животната и бизнис сага на Благој Механџиски, истовремено е еден вид сторија и историска вистина на Малешевијата, на Македонија, на деловното живеење, на успесите, падовите и постигнувањата на една голема компанија како што е „ЗЕГИН“. Со оваа автобиографија за животниот пат, дело и постигнувања, сублимирано се проектира најновата фаза на историјата на деловниот живот во Македонија.

Со тоа значењето на оваа монографија ги надминува рамките на обично дело за животот на еден бизнисмен од Македонија. Приказната за Благој Механџиски - Зегин и на неговото семејство е и иста и единствена и слична и идентична и различна со судбините на неколку врвни македонски бизнисмени.

Бизнисменот Благој Механџиски е еден од десетте маркантни имиња по богатство во Македонија. Во исто време, тој е човекот кој голем дел од животот посветил на хуманоста, човекољубието и добрината. Уште како студент на Медицинскиот факултет во Скопје станува популарна студентска личност. Тој е истакнат бизнисмен индивидуално 45 години, а 30 години како сопственик и директор на веледрогеријата „ЗЕГИН“, јубилеј кој секој сака да го доживее. Тој е неуморен на полето на бизнисот како гениј однегуван во неприкосновен добродетел на врвен деловен човек.

Во ова дело даден е дел од сликата на Благој Механџиски и неговиот животен сопатник,  д-р Вера Механџиска, младото поколение, нивната животна прикаска и судбина, нивниот заеднички живот и постигнувања. Во автобиографското дело, на наративен начин, на македонски и на англиски јазик се презентирани историскиот, животниот, семејниот, деловниот и творечкиот опус, пред сè, на Благој Механџиски-Зегин.

Со тоа се прави обид да се фрли светлина врз неговиот животен пат. Трудот е компониран во девет поглавја, во кои секој дел има по повеќе делови, претставувајќи хронолошка и тематска заокружена целина. Така, првото поглавје е насловено како дел од животот на Благој Механџиски, во кое се дадени текстови за неговиот живот, посветеноста на бизнисот, за неговиот брачен живот со сопругата Вера, како и за неговото семејно стебло.

Вториот дел е посветен на неговата татковина Македонија, при што се поместени материјали и податоци од античко време до денес. Во делот, пак, посветен на Малешевијата презентирани се пригодни материјали за Берово и Русиново, родниот крај и пошироко, сегде онаму каде што Благој Механџиски и денес е присутен со бизнисот, живеењето и донаторството.

1mean2Семејството Механџиски

Посебно поглавје е посветено за големиот македонски револуционер Даме Груев, чија судбина била да погине за Македонија, токму во атарот на селото Русиново, на планинскиот врв Петлец. Тоа е место од каде Даме Груев ја рашири љубовта кон етничка Македонија и со истата таа исконска љубов ги задои младите македонски генерации, кои со почит се поклонуваат пред неговата спомен-плоча.

Името и делото на Даме Груев е тесно поврзано со голем број знајни и незнајни револуционери од Малешевијата, особено со револуционерот од Русиново, Никола Петров-Русински (Чукарски). Личност кој со своето спомен-обележје, донација на Благој Механџиски го краси центарот на Берово, а со своето име на Основното училиште во Русиново ги потсетува и старите и младите генерации да ги чуваат придобивките на слободата.

Најголем простор во монографијата е посветен на минатото и сегашноста на веледрогеријата „ЗЕГИН“, аптекарскиот бисер во Македонија. Компанијата која има околу 150 аптеки и околу 1700 вработени, кои со најевтините лекови им служат за доброто здравје на народот. Исто така, се сместени материјали за иднината на „ЗЕГИН“, особено со проширување на бизнисот и во лозарството и во виното, како и во здравата храна, што претставува иднина на животот на современиот човек.

За целата досегашна работа, активности и постигнувања, особено на хуманитарно поле, „ЗЕГИН“ и Благој Механџиски се добитници на голем број награди, пофалници и значајни признанија од врвни институции од Република Македонија, Балканот и пошироко.

Како автор на оваа монографија на Благој Механџиски - Зегин, големиот бизнисмен, хуманист и чувар на македонската бизнис клима, делото го посветив на значајниот дваесет и петгодишен јубилеј на „ЗЕГИН“, на неговиот живот и дело, како и на благородното семејство Механџиски. Во делото презентирам голем број текстови за бурната историја за веледрогеријата „ЗЕГИН“ и за бизнисменот Механџиски, како и документи, фотографии и други материјали со кои се потрудив монографијата да претставува приказ на неговиот живот и дело и историја за веледрогеријата „ЗЕГИН“.

Како биограф на Благој Механџиски - Зегин, се потрудив делото да биде скромно огледало на неговиот животен пат, неговите големи деловни постигнувања, судбината, минатото, сегашноста и иднината, дел од неговите лични и семејни постигнување, како и дел од иднината на неговото семејство во рамките на македонската бизнис историја. Се надевамдека во тоа успеав монографијата да биде интересна за читателот и да претставува вечно дело на големиот македонски бизнисмен и донатор Благој Механџиски и веледрогеријата „ЗЕГИН“.

 Продолжува 

1slave 1 Пишува: СЛАВЕ КАТИН