Среда, 08 Септември 2021    PDF Печати Е-пошта
ПОЗНАТИ ЛИЧНОСТИ СО ПОТЕКЛО ОД РУСИНОВО (22)

1ruser1

Во Малешевската Котлина, а со тоа и во Русиново,  сè до Втората светска војна имало педесетина жители со завршено средно, вишо и високо образование. По војната само со вишо и високо образование се стекнале преку стотина. Многумина од нив работеле и сè уште работат на високи политички, државни, општествени и стопански позиции. Некои од нив денес се лекари, инженери, професори, научници, бизнисмени, уметници, новинари, спортисти и други професии, а има и 4 магистри и 6 доктори на науки. Меѓу учените русинци ќе ги споменеме само следните:

Проф. д-р Јован Белчовски

Д-р Јован Белчовски е роден на 06.08.1941 година во Русиново. Основно училиште завршува во своето родно место, а петтокласна православна Богословија завршува во Призрен. Животниот пат го води во Белград, каде студира на Филозофскиот факултет на Катедрата за славистика. По дипломирањето на факултетот, работниот век го започнува во гимназијата „Јован Јовановиќ-Змај“ и во Текстилно-техничкиот центар во Оџаци, Војводина, како професор по руски јазик, каде останува две години.

По враќањето од Војводина во Скопје се вработува како професор во Македонската православна богословија и тука се задржува мошне долго време. Од 1.11.1983 година е унапреден и поставен за виш предавач на Богословскиот факултет во Скопје, а од септември 1989 година е избран во звање вонреден професор на истиот факултет.

За време на своето повеќегодишно живеење во Скопје, студира на Историско-филозофскиот факултет, на групата за класична филологија, старогрчки и латински јазик, меѓутоа, тие студии не ги завршува. На истиот факултет слушал предавања  и на постдипломските студии по историја, кои ги завршил, и во 1982 година магистрирал на тема; „Историските основи за автокефалноста на Македонската православна црква“.

Автор е на повеќе трудови од областа на медиевистиката, која е и негова потесна специјалност. Негово капитално дело е „Автокефалноста на Македонската православна црква“, која излезе по повод осветувањето на соборниот храм на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ на 12.8.1990 година во Скопје

Јован Белчовски докторира во 1993 на тема „Охридскката архиепископија од основанјето до паѓањето на Македонија под турска власт“. Тој беше професор на Теолошкиот факултет во Скопје и ги предаваше предметите Историја на христијанската црква и Историја на Македонската православна црква, а бил и декан на овој Теолошки факултет од 1983 дo 2012 година.

Тој е еден од најголемите стручни авторитети во Македонија кога е во прашање црковната историја. Автор е на повеке дела, меѓу кои, „Истириските основи за автокефалноста на МПЦ“, (1992), „Илустрирана библија-превод од руски јазик“ (1997), „Собрани статии“ (2012), „Охридската архиепископија од основањето до забраната на нејзината дејност 976-1767“, (2014), „Мегусебните односи на православните  цркви низ историјата на црковната  автокефалија“ (2014), „Совети и раскази од кекавмен“ (2015) и други.

Д-р Јован Мирчевски

Д-р Јован Мирчевски е роден на 18.6.1946 година во Русиново. Завршил Медицински факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил шеф на Воениот медицински оддел на базата во Петровец, во Скопје. Специјализирал општа хирургија на ВМА во Белград, а потоа работел како хирург во Воената болница во Скопје со различни обврски и функции.

Постдипломски студии по абдоминална хирургија завршил на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Загреб. Супспецијалност во абдоминалната хирургија завршил на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а потоа станал примариус. Еден мандат бил потпретседател на гастроетерахепаратологистите на Македонија. Сега е генерален и абдоминален хирург во Специјалната болница за дигестивни болести во „Филип Втори“ во Скопје. Автор и коавтор е на 21 дело од областа на медицинските науки.  

  

Драган Даутовски

Драган Даутовски е роден во 1957 година во село Русиново. Дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде на одделот за народни инструменти работи како професор за инструментите кавал, гајда и тамбура. Тој е музиколошки експерт кој мајсторски свири на повеќе од 20 народни инструменти.

Единствено Даутовски свири и на уникатната теракотна топчеста флејта – окарина, која датира од неолитскиот период и чија старост е проценета на повеќе од 6000 години, а пронајдена е во 1989 година на археолошкиот локалитет „Мрамор“ до населбата Чашка во близината на Велес. Флејтата изворно има три тона што се добиваат од три отвори поставени во вид на триаголник, а Даутовски успеа на неа да отсвири дури 16 тонови.  

Во 1992 година го основа народниот ансамбл „Миле Коларовски“, со кој настапува во Македонија и странство, и остварува голем број снимки за МРТ. По пишувањето на музиката за филмот „Пред дождот“, во 1995 година ја основа групата „ДД Синтезис“, чија основна идеја била да го проучува македонскиот музички фолклор и фолклорното богатство.

 Во 2000 година го формира „Драган Даутовски Квартет“ во кој свири и настапува заедно со Александра Поповска (вокал, дајре и клавијатури), Бајса Арифовска (тамбура и кавал) и со неговиот син Ратко Даутовски (тапан, тарабука и други удирачки инструменти). 

Драган Даутовски е автор на бројни албуми и дела за инструментални состави и вокални солисти, групи и оркестри, кои вклучуваат народни македонски инструменти. Овој музичар бил препознаен и од УНЕСКО во 2007 година. Одржал голем број концерти и со настапи на музички фестивали низ целиот свет го промовирал македонскиот автентичен, традиционален етно звук.

Од неговиот разновиден репертоар извира суптилна уметничка креативност, особено кога неговото виртуозно музицирање на малата топчеста флејта досегнува своевидна перфекција и искажувајќи го неискажливото, го буди сензибилитетот на древните времиња. 

Васил Пецуровски

Во Германија живее познатиот и признат бизнисмен, романсиер и поет Васил Пецуровски. Тој е роден во 1950 година во Русиново, каде го завршил основното образование. Средното образование го завршил во Битола, додека со специјална диплома  за машински техничар се стекнал во 1980 година во Германија.

Васил Пецуровски е македонски печалбар кој познава неколку европски јазици. Во 1990 година станува сопственик на познатата фирма БНМ и за кратко време се стекнува со реноме на современ европски индустријалец. Тој е ценет граѓанин, голем македонски патриот. Од 1971 година Васил Пецуровски живее во Вилинген, Германија.

Тој е автор на романот „Нагорена душа“ (1994), со кои го најавуав повидокот на неговиот книжевен опус. Ова прозно дело е роман-првенец на Васил Пецуровски како приватно издание. Тоа содржи 12 раскази со интересни содржини. Романот „Нагорена душа“ прв пат беше промовирано во Скопје во март 1995 година.

Ваил Пецуровски е автор и на стихозбирка . Но, се чини дека неговата публикација „Печалбасрки проклетства“ претставува посериозно иселеничко дело. Тоа содржи 22 песни и 9 прозни остварувања, кои му овозмоќуваат на авторот да биде вброен меѓу најдобрите македонски творци во европските заедни и пошироко во македонската дијаспора.

Ова дело беше промовирано на Првата конференција на деловни луѓе од македонско потекло, што се одржа во Скопје на 15  и 16 јуни 2000 година во Скопје. Исто така, делото  беше промовирано од претседателот на Мативата на иселениците од Македонија,   д-р Димитар Керамитчиев и авторот на овие редови, Славе Катин, во манастирот „Свети Архангел Михаил“ на 18 јуни 2000 година, кога се одржа печалбарска вечер во Берово..

Инаку Васил Пецуровски, меѓу другото, е донатор на камбаната за црквата  „Света Петка Параскева“ во неговото родно Русиново, која митрополитот струмички господин Наум ја освети на празникот Сите македонски светители во 2007 година.  

Прота-ставрофор Блажо Кожарски

Роден е роден на 14март 1960 година. Основно образование завршува во село Русиново. Во 1975 година се запишува во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Скопје, која со успех ја завршува во 1979 година.

Во ѓаконски чин е ракоположен на 16 јуни 1981 година во храмот „Свети Ѓорги“ во Кочани, а во свештенички чин на 21 јуни 1981 година во храмот „Свети Никола“ во Штип. Сè до 6 март 1985 година е парохиски свештеник на втората парохија во Штип.

Од 7 март 1985 година со одлука на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква е поставен за редовен парохиски свештеник во Македонската православна црковна општина „Свети Наум Охридски“ во Малме, Шведска. Ги има опслужувано и Македонската православна црковна општина „Свети Кирил и Методиј“ во Гетеборг и Македонската православна црковна општина „Свети Климент Охридски“ во Копенхаген – Данска, која и сега ја опслужува.

Во чин протојереј е произведен на денот на осветувањето на црквата „Свети Наум Охридски“ во Малме на 3 мај 1987 година..Покрај парохиската должност во Македонската православна црковна општина „Свети Наум Охридски“ во Малме бил и архијерејски намесник за Скандинавија.

Од формирањето на Македонската православна епархија за Европа во 1994 година па сè до 1999 година бил архијерејски заменик. Активно учествува во работата на телата и органите на Македонската православна епархија за Европа. Член е на Архиепископскиот црковно народен собор на Македонската православна црква. Во повеќе шведски црковни институции е присутен и активен како претставник од Македонската православна црква:

-Постојан член во Православниот екуменски црковен совет.

-Редовен претставник од МПЦО во Шведска во Државниот орган за доделување дотации на верски организации.

-Претставник во Шведско христијанскиот совет.

-Претставник на православните цркви од Малме во Христијанскиот совет за Малме.

Протаставрофор Кирко Велински

Тој е роден на 15. 02 1972 година, во с. Русиново, како четврта жива рожба на Бранко и Дара Велински. По богословското образование стапил во брак со Деспина Белчовска од с. Русиново. Основно образование завршил во ОУ „Никола Петров Русински“ во родното село. По богословското образование стапил во брак со Деспина Белчовска од с. Русиново, која му е најголема поддршка и го прати во сите негови мисионерско пастирски задолженија и со која ги имаат двете рожби Матеј (2008) и Јана (2010). На 27. октомври 1995 година, на славата на црквата „Преподобна Параскева (Петка)“ во Русиново, Кирко Велински беше ракоположен во ѓаконски чин од тогашниот митрополит брегалнички (а сегашен архиепископ) г г Стефан и вработен во администрацијата на Брегалничката епархија во Штип.

На 20. Јануари 1998 година во соборната црква „Свети Никола“ во Штип, на денот посветен на Собор на свети Јован Крстител, беше ракоположен од г г Стефан во презвитерски чин. Од 1. септември 1998 година беше поставен за времен парохиски свештеник, a од 1. април 2000 година, беше назначен за старешина на храмот „Свети Архангел Михаил“ во Виница. Од 15. октомври 2002 година, беше поставен за парохиски свештеник во храмот „Свети Спас“ во Драчево.

Од 01. Јануари 2004 година, протоерејот Кирко Велински е испратен на пастирско мисионерска дејност како прв редовен свештеник за црковните општини во Република Хрватска, МПЦО „Света Злата Мегленска“ во Загреб, „Свети Наум Охридски“ во Сплит, „Свети Јоаким Осоговски“ во Пула и „Свети Константин и Елена“ во Риека. До доаѓањето на редовни свештеници во Словенија и Австрија, со благослов на надлежниот архиереј ги опслужувал по потреба и МПЦО во тие држави.

На 29. октомври 2006 година, свештеникот Велински беше произведен во протојерејски чин од надлежниот епархиски архиереј, митрополитот европски, г Пимен. Денес протоерејот Кирко Велински се грижи за духовниот развој и потребите на верниците на МПЦ „Света Злата Мегленска“ во Загреб.

Како делегат од Европската епархија учествувал во работата на Архиепископскиот црковно народен собор; активно учествува во работата на Хрватското библиско друштво (во еден мандат и како потпретседател); член е во Екуменскиот совет при Загребската надбискупија; учествувал на повеќе меѓународни симпозиуми, а како надворешен член предава часови по православије на Војната академија во Загреб.

Кристијан Ванчо Воденски

Од Русиново потекнува и Кристијан Ванчо Воденски кик-боксерот којнастапува за екипата Детинген во рамките на младинската лига на Хесен од Германија. Воденски се бори во грчко-римски стил, а во исто време се натпреварува и во бразилско џиу-џицу и во кик-бокс. Светскиот првак Александер Леиполд е тренер на екипата на Детинген Кристијан е шампион во кик-бокс во Германија во неговата семи-контакт и лајт-контакт до 25 килограми.

Негов најголем успех е победата на најголемиот светски турнир во бразилско џиу-џицу „НАГА“ од Америка кој се одржа на 24 мај 2014 година, со што влезе во историја како единствен Македонец кој до сега има победено на тој натпревар до 18-годишна возраст. Многу германски борци и тренери се заинтересирани за талентираниот Кристијан, но најголемата поддршка ја добива од својот татко којшто е каратист. Кристијан тренира 4 до 5 пати неделно во клубови во Германија, а негов личен тренер е татко му Ванчо Воденски од Русиново.

Во леснотија ги совлада двајцата противници потешки од себе во категоријата до 30 килограми, во дисциплината лајт-контакт. Кристијан- Кико  наполни 10 години, а покрај кик-бокс, се натпреварува и во борење (грчко-римски стил), таеквондо и бразилско џиу-џицу. Со наполнети 10 години за него значат можност да се натпреварува и во аматерски бокс. Кико има освоено повеќе од 50 титули во сите спортови, а ги поседува и најквалитетните НАГА-шампионски појаси во неговата категорија.

Малиот Кристијан Воденски е член на клубот за боречки спортови ММА Спирит и заедно со своите родители живее во Офенбах, Германија. Иако имал понуди да земе германски пасош, Кико, сепак, одлучил да настапува под македонско знаме. Тој цврсто посакува и верува дека еден ден ќе настапи на олимписките игри со македонски дрес.

Гоце Шутевски

Гоце Шутевски од село Русиново е страствен вљубеник во спортот на две тркала без разлика каква марка е велосипедот. Речиси секогаш сам вози велосипед, без разлика дали се тоа стотина или неколку илјадници километри. Не постои планина и езерце во Македонија што не ги крстосувал со велосипедот.

Неодамна си оствари една од своите поголеми желби – мерак му беше со велосипед да стигне до Истанбул. Помина околу 750 километри од родното место Русиново, па преку Бугарија стигна во турската културна престолнина Истанбул.

 -„Стигнав во голема метропола, многу голема во моите очи. Многу одамна сакав да го видам Истанбул оти слушав дека е убав и шарен и сега ми се укажа шанса. Не беше лесно, ама вредеше. Можев да одам и со автобус, ама јас не се двојам од мојот велосипед. Имам другарка што живее таму и одамна сакав да ја посетам. Патешествието ми беше напорно, на моменти и опасно кога ја поминував планината Рила во Бугарија. Два пати ја искачив Рила, стигнав до Рилскиот манастир каде што преспав. Луѓето таму ме пречекаа, ме бодреа, велејќи дека сум заминал на храбро патување“ – вели Гоце.

Велосипедот за Гоце е најдоброто превозно средство. Својата мисија ја оствари за 19 дена. Временските прилики не биле цело време наклонети, возел и на дожд. Во Истанбул  останал четири дена. Импресиониран е од добрата организација на градот, кој иако е метропола со 13 милиони жители, му се видел многу едноставен за снаоѓање и движење низ него. Се разбира дека со својот велосипед го прошетал, а многу му се бендисала и турската кујна, која подготвува храна многу слична со македонската.

За Гоце Шутевски без автомобил или авион, патот Македонија – Турција не беше пречка. Патувањето до Истанбул не му е прво поголемо велосипедско патување на Шутевски. Во 2012 година, тој реализира голема турнеја низ Централна Европа кога за 50 дена помина дури 6000 километри.

Продолжува

1slaveПишува СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

Историја

News image

Христо Узунов

Роден е во Охрид, на 22 февруари 1878 година во Охрид. Уште како ученик на Солунската егзархиска гим...

Иселеници

News image

Зошто изумираат јазиците

Историскиот развој на светските јазици е приказна за себе ...

Култура и туризам

News image

Легенди од Кратово и Кратовско

Гаѓан камен На 24 километри западно од Кратово, во непосредна близина на познатиот археолошки локал...

Фељтон

News image

ПОЧЕТОЦИТЕ НА ОСВОЈУВАЊАТА НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ (ВЕЛИКИ) (4)

Александар пресметал дека со една изненадувачка демонстрација на сила, би можел да...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.