|
||
АВСТРАЛИСКО – МАКЕДОНСКАТА ЦРКОВНА ЕПАРХИЈА (6) |
ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ И ПОСТИГНУВАЊАТА НА АРХИЕПИСКОПОТ НА МПЦ-ОА Г.Г. МИХАИЛ Македонските православни црковни општини во Австралија се конституирани врз законска основа и се организирани како религиозни, национални, социјални, хуманитарни и културно-просветни институции. За реализација на своите активности црковните општини, пред се’имаат добиено широка поддршка од Австалиската влада и од мајката – Светиклиментова православна црква во Македонија, почнувајќи од доаѓањето и активностите на свештеникот Михаил Гогов во 1966 година Со формирањето на црковните општини во Австралија, во голема мера се придонесе да се подигне на повисоко рамниште и во извесна смисла да се определи националниот идентитет на Македонците што живеат вон границите на Македонија. Македонските доселеници во Австралија, без разлика од кој дел на Македонија и со какви патни исправи се дојдени во новите средини, преку МПЦО добиваат документи што сведочат дека се Македонци,а со тоа стекнуваат право да избираат да бидат избрани во црковно-општинските тела. Така, тие добиваат крштеници, венчаници и други документи кои се официјални и законски пред австралиската администрација. Австралиско-македонската епархија е формирана со одлука на Светиот архиерејски синод на МПЦ со цел да ги продлабочи врските и да ја јакне љубовта меѓу македонските иселеници во Австралија, без разлика од кој дел на Македонија потекнуваат. Во почетокот Епархијата беше заедничка за САД, Канада и Австралија, како Американско-канадска и австралиска црковна епархија, кога во 1969 година за прв архиереј на Заедничката епархија беше избран митрополитот Кирил. Од 16 ноември 1995 година за нов надлежен архиереј,Светиот синод го избра митрополитот Петар.Тој и понатаму е надлежен на Преспанскопелагониската епархија на МПЦ како администратор, а се именува како митрополит Австралиски, што значеше оваа прекуокеанска епархија на Македонската православна црква тој ја презема целосно со постојано место на живеење на петтиот континент. Седиштето на оваа Епархија се наоѓа во Мелбурн,во државата Викторија, каде што постојано има архиерејски заменик.Прв и еден од најзначајните архиерејски заменици и мисионер на Австралија беше архиепископот Михаил. Австралиско-македонската црковна епархија одржувала епархиски собранија секоја втора година. Првото такво собрание било одржано во 1971 година. Изборот на владиката Петар за митрополит австралиски се случи во периодот кога во иселеништвото во Австралија имаше силно превирање на национално, духовно и политичко поле.Се беше добро до времето кога се постави прашањето за опственоста на имотот на македонските православни цркви и црковни општини и манастири во Австралија. Тогаш, за жал, Македонците на петтиот континент се поделија на две групи.Едната ги одобри и поддржа постапките на владиката Петар,за воспоставување целосна контрола врз имотот и средствата на црквите,како новина во имотно-правните односи кај Македонците во дијаспората. Другата група, пак, формира своја асоцијација спротивна на владиката Петар, со цел да ги задржи имотите и црквите да бидат на членството, односно на народот, на верниците. Спорот се’ уште трае и има несогледливи штети врз духовно-националното движење и финансиското опстојување на македонските православни цркви во Австралија и на Македонците во целина. Со назначувањето за надлежен архиереј на митрополитот Петар името на Епархијата е променето во Австралиско-новозеландска и се настанати поголем број проблеми од црковно-национален, организационен и друг план. Во период од десеттина години митрополитот Петар формирал паралелно десетина македонски православни цркви. Исто така, во декември 2012 година Светиот архиерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија ги прими 13-те цркви на Македонска православна епархија за Австралија (МПЕА), предводена од митрополитот Тимотеј под своја директна надлежност, како дел од потезите за надминување на 16 годишниот спор со владиката Петар. Македонска православна епархија потоа беше регистрирана и како правно лице во Австралија, во согласност со член 172 од Уставот на МПЦ-ОА и со австралиските закони за регистрирање на непрофитни, вклучувајќи и верски организации. Со овие 13 цркви владеат и управуваат органите на новата Епархија, која усвои Епархиски статут,кој го одобри САС и Архиепископскиот управен одбор на МПЦ-ОА.Избран е и привремен Епархиски управен одбор со кој претседава митрополитот Тимотеј. Продолжува
|