Среда, 26 Ноември 2025    Печати
Легенда за Александар Македонски

1212123 copy

Во една легенда се раскажува дека Александар Македонски на врвот на главата имал два рога, кои ги криел под косата.

Александар Македонски секоја седмица ангажирал берберин да му ја стриже косата, но бидејќи се срамел дека берберинот ќе ја открие неговата тајна, по секое стрижење веднаш наредувал берберинот да се убие.

Набрзо во градот снемало бербери и останал само еден стар Евреин.
Александар Македонски помислил: "Ако го убијам и овој берберин, тогаш кој ќе ми ја стриже косата?".

Така, Александар Македонски му наредил на берберинот да се заколне дека никому нема да му ја издаде тајната. Во спротивно, му се заканил дека ќе ја изгуби главата.

Берберинот недели ја чувал тајната, но најпосле не можел да издржи, го притискало да каже некому, но се плашел за својата глава.

Тогаш на Берберинот му текнало сепак да ја каже својата тајна, но никој да не го слушне. Отишол надвор од градот и влегол во една пештера, каде на цел глас почнал да вика: "Александар Македонски има рогови".

Така му се олеснило на душата и задоволен се вратил дома, сигурен дека никој не го слушнал.

Но, низ пештерата минувала една рекичка, покрај која растеле трски. Еден ден, некој овчар влегол во пештерата и пресекол трска за да си направи свирче.

Кога почнал да свири, низ свирчето се разлеале зборовите: Александар Македонски има рогови!


Многумина го слушнале тоа и набрзо дошло до ушите на Александар Македонски. Тој многу се налутил и наредил веднаш да му го доведат берберинот.

Кога дошол берберинот, Александар му рекол дека ќе нареди да го убијат. Берберинот почнал да го моли Александар да не го убива и му раскажал што се случило.

Александар, кога ја слушнал приказната, му простил и го пуштил дома.

Од оваа Ирачка легенда произлегла една мудра поговорка, која гласи: "Ако царевите можат да имаат рогови, тогаш и пештерите можат да имаат уши"