Среда, 15 Април 2026    Печати
ДЕЛ ОД КУЛТОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ВО ТЕКОТ НА ПОВЕЌЕ ВЕКОВИ (8)

8 copy copy copy copy copy

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА ЗА МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ ВО СЛИВНИЦА ОД Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВСКА-АНТИЌ И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН

Широкиот ореол на Пресвета Богородица е присутен низ цела Македонија. Преспанскиот регион брои над шеесет црковни градби со нејзино име. Овој регион со сите убавини и богатства што ги поседува, со Преспанското Езеро опколено со зачувани природни убавини, чува вековна традиција и култ кон Пресвета Богородица.

Зaтоа, за да се сфати големото значење што Богородица го има за развојот на христијанството, нужно е хронолошки да се проследи нејзиниот развоен култ, бидејќи зачуваната традиција покажува какви се развојните патокази има. Имено, со следењето на култот стануваат забележливи и повеќестраните креации поврзани со нејзината личност.

Така, во 8-от век се јавуваат иконоборците, со цел новата и млада византиска династија да ја совлада позицијата на старата, да ја совлада моќта на најсилниот феудалец - Црквата. Иконоборците се јавиле со ставови против иконите, со цел да го негираат мислењето за Богочовекот. Започнува безочно уништување на иконографијата, црквите и манастирите. Но, зацврстениот христијански религиозен култ не бил совладан.

Во борбите против иконоборците се пројавил високообразованиот патријарх Фотиј, професор на свети Кирил Филозоф во Магнаурската школа во Цариград, кој го сузбивал новиот урнувачки култ на иконите. Обидите на иконоборците завршиле со неуспех пред традиционално негуваниот дух на иконофилите. По овие настани култот на дева Марија се зацврстил. Дури се прошириле текстовите и претставите за Богородица како Божја мајка. Се ширело длабокото верување за вистинскиот насликан лик на Богородица од евангелистот Лука.

Во средините на македонските христијани негувањето на култот на светата Дева Марија не престанал да се издигнува и за време на петвековното отоманско владеење. Нејзиниот лик им влевал љубов, надеж, нежност, возвишеност, поддршка, верба, занес на верниците, повеќе или помалку страдалници. На Запад нејзиниот култ достигнал завидно ниво дури во 11-от век. Меѓутоа, како да се сака да се надмине претходниот период, се создаваат извонредно прочувствувани дела со израз на нејзината благост, големина, сочувствителност, чудотворност, почит. Внесената поетичност постојано се потенцирала и негувала.

88

Чудотворната Литиска икона од манастирот Света Богородица Пречиста-Кичевска

Околу личноста на Богородица се создавале разновидни творби, легенди, раскази, кажувања, слики. Меѓутоа, сите овие дела би можеле да ги поделиме во две групи, а тие си имаат специфични подгрупи. Во првата група спаѓаат најраните творби, би можеле да ги дефинираме како изворни, бидејќи спаѓаат  во христијанските дела, блиски до историјата на христијанската религија, со канонски определби, во патристичките дела.

Во втората група би дошле предвид сите дела создавани од уметниците низ вековите, од анонимни творци, фолклорни преданија и раскази, како и пишани текстови, во еден хронолошки преглед. Овде би ги вброиле и апокрифите, како и разновидните други средновековни текстови.Во првата група важно место заземаат вестите од четирите новозаветни евангелија, како и од другите новозаветни текстови.

Според Евангелието од Матеја, Исус Христос е нарекуван Месија. Неговиот родослов го наоѓаме во Евангелието од Матеја и во Евангелието од Лука. Најпрегледно родословот на Исус Христос го дава Евангелието од Матеја. Тој родослов е поделен на три етапи: од Аврам до Давид има 14 родови, од Давид до Вавилонското преселување - 14, и од преселувањето до Христа - 14. Потеклото започнува со родословот на Аврам, Давид, Исак, итн. Од оваа лоза потекнува и Јосиф, свршеникот на Марија, која го роди Исус.

Според Евангелието од Матеја, пред да се состанат Јосиф и Марија „се видело дека е тешка од Светиот Дух". Кога Јосиф дознал за бременоста на Марија, сакал да ја напушти, зашто тој не ја допрел. Но, му се јавил на сон ангелот Господов и му рекол: „Јосифе, сине Давидов, не бој се да ја примиш Марија, жената своја, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух. Таа ќе роди син и ќе му ставиш име Исус, зашто Тој ќе го спаси народот свој од неговите гревови".Откако Јосиф се разбудил, ја примил Марија, но не ја допрел сé додека не се родил Исус.

Продолжува

6b-slave copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Пишува: СЛАВЕ КАТИН