Понеделник, 04 Октомври 2010    Печати
Во Охрид дводневен Меѓународен симпозиум по повод 1.100-годишнината од смртта на Свети Наум Охридски
Годинава во Република Македонија, преку најразлични манифестации и научни собири, се одбележува 1.100-годишнината од упокојувањето на Свети Наум Чудотворецот.

- Во одбележувањето се вклучени најразлични државни, високообразовни и научни институции, Македонската православна црква и други субјекти, што покажува дека како држава, како народ, како граѓани, знаеме да го почитуваме, да го чуваме и надградуваме нашето историско и културно наследство, истакна претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски на отварањето на дводневниот Меѓународен симпозиум што по повод одбележувањето на годишнината од упокојувањето на големиот Свети Наум Охридски се одржува во Охрид.

simpozium-ohrid-sv-naum

Вељаноски подвлече дека за животот и делото на Свети Наум Чудотворец, како што го именува народот, денес имаме многу богата научна литература зад која стојат имиња на научници и академици, не само од Република Македонија, туку и од Балканот, но и многу други европски држави. Исто така, многу научници и истражувачи истакнуваат дека делото и животот на Свети Наум сè уште се предизвик за многу сериозни научни истражувања. Тој изрази верување дека токму сега, кога се одбележува 11 века од неговото упокојување ова ќе биде дополнителен мотив, пред сè за младите, да продолжат да го истражуваат неговото дело и да создадат нови научни дела и потсети оти Свети Наум и неговото дело биле инспирација и мотив за многу книжевни дела, пред сè на македонските писатели.

- Ова е доказ дека пред 11 века Македонија била значаен верски, духовен и просветителски центар, од кој во тогашниот, христијански свет се ширеле многу духовни и културни вредности. Македонскиот народ и другите етнички заедници кои денес живеат во Република Македонија, може да се пофалат дека на овој простор живееле и создавале великани како што се Светите Браќа Кирил и Методи, Свети Наум и Свети Климент, рече тој.

simpozium-ohrid-sv-naum2

Отварајќи го Симпозиумот, поглаварот на МПЦ, Архиепискотпот Охридски и Македонски г.г. Стефан истакна дека светото дело и духовниот подвиг на Свети Наум Охридски-Чудотворец дури и денес зрачат и остануваат да бидат предизвик и пример за следба во монаштвото и мисионерството, во книжевноста и просветата, но и во богољубието и човекољубието.

- На 23 декември 910 година се упокоил Свети Наум Охридски –Чудотворец, и бил погребан на јужната страна на храмот на манасторот што самиот го изгадил на јужниот брег на белото езеро. На погребението чиноначалствувал неговиот брат, Свети Климент, Архиепископот Охридски.  Вака може накратко да се опише настанот за кој оваа година одбележуваме 1.100 години. МПЦ и сите институци што имаат чувство дека се продолжувачи и наследници на грандиозното дело на Свети Наум му одаваат или ќе ми оддадат достојна почит на големиот мисионер, просветител, подвижник, светител, чудотворец, рече поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан.

Инаку, во работата на Меѓународниот симпозиум што се одржува во организација на Дебарско-кичевската епархија и Македонската православна црква, ќе учествуваат педесетина научни работници и експерти од Македонија, Србија, Бугарија и Русија.