|
||||
„Априлијада 2011 - Скопје се смее“ утре на плоштадот „Македонија“ |
Со дефиле на маскирани деца од скопските градинки утре на плоштадот „Македонија“ ќе почне манифестацијата „Априлијада 2011 - Скопје се смее“. Априлијадата ќе биде официјално отворена во 12 часот, а во четирите часа, колку што ќе трае дневниот дел, ќе биде прогласена и доделена наградата за најдобра маска и за шеговит цртеж од конкурсот што беше распишан во основните училишта. Најмладите ќе ги забавуваат Златните славејчиња и Оркестарот и солистите од Детскиот културен центар „Карпош“, танчерите и балерините од студиото „Ребис“, фолклорниот ансамбл на ДКЦ „Карпош“ и балетско-ритмичките групи од основните училишта. Вечерниот дел од манифестацијата, што е во организација на Детскиот културен центар „Карпош“ ќе почне околу 21 часот. Ќе настапат музичката група „Белезгија“, ЈМС, виолинистот Зоран Џорлев, Александар Митевски, а ќе има еден блок со караоке. Со настапот на диџеј Бабура, што ќе трае до раните утрински часови, ќе биде затворена оваа еднодневна манифестација. Вечерниот дел ќе биде постојано придружуван од жонглерското студио „Фаз Бабл“ како на сцената, така и во публиката. Околу 22 часот ќе биде прогласена најдобрата групна маска од пријавените средношколци на конкурсот, а манифестацијата ќе заврши со атрактивна пиротехничка егзибиција. Предвидено е градоначалникот на Скопје Коце Трајановски да се обрати на плоштадот „Македонија“ на дневниот и на вечерниот дел од манифестацијата. „Априлијада 2011“ се реализира под покровителство на Град Скопје |