Среда, 13 Април 2011    Печати
Свадбени обичаи од Дебарско

debar-svadbaДва натоварени коња со невестинските предмети и дарови тргнуваат четврт час порано од сватовите.

Невестата се додека не излезе од куќата, градот или селото, еднакво се поклонува, наведнувајќи се во половината. А по патот каде било да има луѓе, кои излегле нејзе и сватовите да ги видат, роднината нејзе и вели колку и до кога ќе се поклонува, сватовите пеат а понекогаш и пукаат.

Кога ќе почне да се приближува кон куќата, жените и девојките што нив ги очекувале, им излегуваат во пресрет и тупајќи на дајре, почнуваат да пеат и играат. Некои остануваат назад и ја опколуваат невестата, а снаите (жените на двата побратими) се приближуват, едната на едната, а другата на другата страна, да ја придржуваат за да не падне од коњот и за да и дадат потребни упатства.

Кога ќе почнат сватовите да влегуваат в куќи, една жена пред вратите стои и во решето држи пченица, која на сватовите при влегувањето им ја фрла во лицето за да биде среќна невестата во новата куќа како и догодина да се роди повеќе и подобро жито.

Снаите и другата роднина помагаат за да се симне невестата од коњот, па ако венчавањето не се изврши дома, во соба, тогаш одат во црква, каде што свештеникот облечен и спремен ги очекува.  За време на одењето во црквата и излегувањето од неа, жените и девојките тупаат на дајре и пеат.

Кога невестата ќе се открие да го бакне крстот, тогаш сите нагрнуваат да ја видат. Таа ги држи очите полуотворени, устата затворена, а усните и се затегнати.

Откако ќе заврши венчавањето, весело одат в куќи, и снаите ја одведуваат невестата во една соба, каде што нејзе сосема дулекот и го симнуваат. За сето тоа време, како и при венчавањето се внимава од завист некоја жена да не и направи магија за да биде несреќна невестата со момчето. Во ова многу се верува и затоа таа е опкружена од целата роднина на момчето. И на зетот и на невестата им дават кај себе да држат „живо сребро“ (жива) за да не би некоја им направила магија.

Многу се внимава и на тоа, ако некоја жена рече дека е убава, а не речи „машала“ другите жени ја пресретнуваат со „уста ти отпаднала“.

После ова снаите ја земаат невестата и ја одведуваат кај сватовите за и тие да ја видат. Откако малку пред нив ќе „пресрамува“ младоженецот опколен со побратимите, а невестата со снаите одат на сватовите да им бакнат рака. На сватот прво побратимот му бакнува рака, по него зетот, а по нив снаите, а дури по нив невестата, и така со ред ги изредуваат сите сватови. Еден побратим и една снаа не бакнуваат рака и само ги очекуваат зетот и невестата.

Откако невестата малку  ќе се посрамува, снаите ја земаат и ја одведуваат во собата за спиење. По малку време доаѓаат и побратимите со зетот. Побратимот и снаите си одат, а тие остануваат сами.

Кога ќе го затворат зетот и невестата, побратимите одат кај сватовите, и сега почнува вистинската веселба.

По вечерата на сватовите им се изнесуваат мазници, коишто личат на гибаница, а ги донесла роднината на момчето. Кога ќе се најадат мазник почнуваат долго да удираат на дајре и да играат оро. Кога добро ќе се наиграат и од играњето се уморат, женските настрана се повлекуваат, а машките играат  машки игри. Обично се игра прстен и марама, која се остава зад грбот на некој, па ако овој не ја земе ами ја земе оној кој ја оставил, тогаш тој удирајќи го брка околу кругот оној додека не седне на своето место, ако пак овој ја најде марамата, го брка околу кругот оној што го оставил.

После овие игри сите малку се одмораат и разговараат. После полноќ стариот сват станува од софрата, ја зема сваќата и ја става на глава, тој го води орото, а другите сватови се фаќаат. Водејќи го орото стариот сват и другите и пеат на сваќата разни песни. Во тие песни кои се измислени, ја кудат сваќата – мајката на невестата. Кога ќе се уморат орото се расипува, а двајца ја земаат сваќата од стариот сват и почнуваат да ја кршат на ситни парчиња и парчињата да ги стават во решето. При тоа кршење се внимава на секое парченце за да не се види парата, која при печењето е скриена во сваќата. Кога и тоа ќе заврши, тогаш еден на сите сватови им го подава решетото, а тие земаат по едно парченце и го изедуваат дури тогаш откако ќе се уверат дека во него нема пара. Особено се смета за среќен оној што ќе ја најде парата во своето парче.

Откако и овој обичај ќе заврши, постарите луѓе и жени си одат дома, а некои тука остануваат да преспијат. Побратимите со другите женски и машки се веселат и играат речиси до зора.

Пред самата зора побратимите се упатуваат да ги будат зетот и невестата. Будењето е различно. Ако таванот е отворен фрлаат дрво или камен, ако тој не е, тогаш силно тропаат на вратата.

Зетот и невестата се облекуваат порано и од собата не излегуваат додека не слушнат тропање од надвор. Кога ќе го слушнат тропањето, зетот откако ќе ја отвори вратата излегува од собата и со побратимите оди кај сватовите, а снаите влегуваат во собата и веднаш една почнува да бара знаци на невестинската невиност... а другата ја води кај сватовите.

Пред вратата невестата се срами, а сватовите се спремаат да одат на чешма.

Кога сите ќе бидат готови и спремни, девојките и жените, тупајќи на дајре, тргнуваат напред, а по нив целата роднина: невестата со снаите останува на крајот, а  во двете раце нејзе и се дава по едно мало стомниче. На чешмата невестата полни вода во едно стомниче и прво му потура (вода) на кумот, после на роднината, а најпосле на другите сватови. На кумот на родителите, на стариот сват, на бајрактарот, на побратимите, невестата им дава по една убава крпа за да си ги избришат лицето и рацете, која се задржува за спомен, а на другите им дава крпи една од  жените на побратимите. Секој оној што се измил, а невестата му сипала вода нејзе и дава бакшиш во пари. Најмногу бакшиш и дава на невестата зетот. Стеснувајќи се и срамејќи се таа му потура вода да се измие а тој пак откако ќе добие една крпа да си го избрише лицето и рацете и дава бакшиш еден алтан. Сите тие пари и остануваат на невестата.

Тоа утро чешмата е преполна со девојки и жени кои дошле да ја видат невестата и да слушнат песни што се пеат за време на поливањето вода.

Од чешмата  пак сите со ред се враќаат дома, и, ако е зима пијат топла ракија со пекмез.

Невестата со една од снаите цел ден го минува пред куќните врати, очекувајќи гости, кои ќе дојдат на честитање. Кој и да дојде прво снаата ќе му бакне рака, секој и дава по еден или повеќе грошеви. Тие пари ги чува снаата. Додека таа пред гостите се срами, ако е убава ќе се наслуша ласкави фалби, дека е мошне (многу) убава.

По неколку дена по обичај во сабота невестата ја водат на бања. За тој ден се повикува целата женска роднина. Секоја за себе приготвува доволно јадење и пиење, а најмногу приготвува и носи роднината на невестата.  Ако невестата има мајка, сестра и други роднини и нив ги поканува. Тој ден тие ја зафаќаат целата бања. Кога ќе се искапат и одморат, го изедуваат и испиваат тоа што го понеле – весело си одат дома. Штом ќе почнат да се приближуваат кон дома, некои почнуваат да пеат, а некои тупајќи на дајре да играат.

По четири и повеќе дена целата роднина си разотидува по своите куќи.

Невестата по крстеното име никој не ја вика, туку ја викаат невесто.

Првите денови секое утро и вечер таа оди со некои од своите на чешма.

Наутро од сите таа прва станува и на сите им приготвува што е потребно за тој ден.

За половина година е некаде и помалку кој да им дојде дома невестата мора да му бакне рака. А пак за време на големите празници се облекува во невестинска облека и со роднините оди во црква. Таму на посебно место, кое е само за жени, се редат по ред младите невести кои се „страмат“ додека трае службата. Во тоа „страмење“ старите и другите жени ги набљудуваат и после даваат свое мислење која е убава, а која грда, која е одбивна, а која привлечна итн. И од црквата тие (невестите) последни излегуваат.

Кога од свадбата ќе изминат две-три недели, родителите на момчето и на невестата се договараат кој ден ќе даваат по еден ручек или вечера. Ова одење едни кај други и обратно се вика колачари, затоа што секој кој оди на колачари во себе во бисагите носи еден колач (погача) и еден мазник. На колачари го покануваат кумот старосватот, побратимите, бајрактарот и нивните семејства. Прво на колачари оди роднината на невестата, па дури по една недела им ја враќаат посетата. За  колачари се договараат по неколку членови ќе повикаат, бидејќи трошокот што ќе се направи за дочекот, честопати изнесува колку и свадбениот.

После овој обичај, на поголемите празници често тестот и таштата ги покануваат зетот и ќерката на вечера или на ручек.

Од книгата „Народните умотворби од Дебар и неговата околина“ од Михајло Велиќ,  Скопје 2000 г. (Подготви Марко Китевски)