Вторник, 06 Мај 2025    Печати
Ѓурѓовден

gjurgjovden-1Празник на обновувањето на природата и на животот воопшто

Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се празнува на 6 мај според новиот (или на 23 април според стариот) календар. Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре,

Ганка, Ганчо, Гинка и др.

Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на  пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто. Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден па и во народната пена се пее за нивната поврзаност, за  раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.

- Ѓурѓе ле, Ѓурѓе млад Ѓурѓе,

да кој ти рече да дојдеш?

- Мене ми рече Велигден!

Ѓурѓе ле,  Ѓурѓе млад Ѓурѓе,

брго по мене да дојдеш,

по тебе шума и трева,

по трева идат ќејаи,

по ќејаи идат овчари.