|
||||
Тресонче- дервенџиството |
Тресончани од старо време, односно од пробивот на Турците на Балканот и освојувањето на Македонија, биле определени за дервенџии (чувари на патиштата) на патот Кичево - Дебар што минувал низ синорот на Тресонче и кој покрај тоа, ги поврзувал и Брсјачијата со Дебар.
Овој податок за првпат се среќава во 1521 / 1522 година, но сигурно е дека не било едноставно туку-така некое село да се определи со султански ферман да биде чувар на некој значаен пат. Ова е доста значаен податок кога се има предвид претходно изнесениот податок дека во 1467 година селото имало само три семејства. Зошто? Со самиот факт што селото било определено да биде дервенџиско, се согледува дека тоа било далеку постаро од 1467 година и оти во таа година имало толку мал број фамилии најверојатно само заради тоа што во тој реон имало битки меѓу Османлиите и староседелците, па неселението времено ги напуштило домовите. Според топонимите и преданијата, територијата што ја надгледувале и обезбедувале тресончани почнувала од самиот синор со Брсјаците, од месноста “Близна вода” или од местото каде некогаш се случил настан по кој тоа место го добило и името “Три гроба”, а едно маало во Тресонче се нарекло Кадиевци. Оттаму, па сe до месноста Чукнитопаница, Стража и Стопанче врвел патот обезбедуван од тресончани, односно тоа е далечина од околу 15 километри. Затоа се претпоставува дека за такво обезбедување морало да има населени места, односно народ, за патото да биде обезбедуван секое време во денот и ноќта. Во прилог на ова зборува и фактот што тресончани веќе само по педесетина години од владеењето на Османлиите се пожалиле директно до султанот дека нивните права како дервенџии во еден момент биле повредени, односно власта им одземала повеќе отколку што било определено да го плаќаат како данок дервенџиските села. Во ферманот (фото - лево) што за ова го издал султанот Сулејман Законодавецот на дебарскиот кадија му било наредено да ја испита работата и да го извести за истрагата, а на тресончани да им ги врати правата што им биле дадени пред тоа! Сто и шеесет години по овој случај, тресончани повторно се пожалиле кај султанот, овојпат до Мехмед 4, во 1682 година, кој исто така во ферманот навел дека никој од страна не смее да ги злоставува жителите на Тресонче. Селото и по третпат ќе се запише во султанските дефтери и тоа според едни, на 15 декември 1697 година, а според други на 12 јануари 1698 година. Причината и тогаш била иста, односно некој анџија Мемет со неколкумина фукари под изговор дека собира данок за пасиштата всушност на населението му собрал пари без никаква основа. И по сите овие преписки, тресончани и понатаму останувале дервенџии на споменатиот пат. Од ваквата некогашна грижа за заштита на премините и патиштата, а со тоа и на луѓето што патувале, денес во топономастиката низ синорите на Бистра се јавуваат месности наречени Стража, Стопанче, т.е. Топанче, Чукнитопаница и сл. Молбите што тресончани ги упатувале до турските султани продолжиле и понатаму низ вековите, во времето на Мустафа во 1702 година или неколкупати подоцна во 19 век. Дервенџиството и ваквиот однос кон Високата Порта на Цариград и залагањето на султаните за правата на тресончани, најверојатно придонело и за развојот на сточарството, односно на дејност која имала гарантирана безбедност со огнено оружје. |