Среда, 08 Јуни 2011    Печати
Делчево низ историјата

До 17-ти век населбата лежела на десната страна на Брегалница на денешниот топоним Селиште, поточно под ридот на Острец близу до патот што води за Бугарија. Од првите векови на турското владеење за положбата на Делчево нема мнмогу податоци. Во средината на 17-ти век во неговата околија престојувал султанот Мехмед IV. При неговата посета е извршено масовно потурчување. Се претпоставува дека хаселбата веројатно, во времето на овој султан е преместена на денешното место, на левата страна на Брегалница. Како доказ се наведува и градската џамија изградена во 17-ти век. Евлија Челебија за Делчево вели: “ од Виница се подкачивме на Кочанската планинска рудина, движејки се низ клисурата и по четири часа стасавме во Царево Село. Ова е муслиманско село расположено во полите на една планина и е украсено со 100 куќи и една гевѓирана со минаре чудесна џамија ”. Како најстар дел од градот се смета турската колонија што се создала околу џамијата. Се до 19-ти век Делчево било село, турска колонија, населено со извесен број на чистокрвни турци и голем дел на потурчено население, наречено помаци, кое не го знаело турскиот јазик. Само неколку фамилии биле македонски.

Кон средината на 19-ти век започнала да се развива чаршијата и да расте населбата, а воедно и да се зголемува бројот на македонско население. Во 1863 година во Делчево имало 75, а во 1873 година 109 македонски куќи. Во 1856 година била завршена изградбата на црквата околу која главно било населено македонското население кое бегало од турските зулуми во околните села.