Среда, 27 Јули 2011    Печати
Завршија археолошките истражувања на локалитетот Локубија во Кочани
Музејот на Македонија оваа година го продолжи истражувањето на локалитетот Локубија кај Кочани што го почна лани со средства од Министерството за култура.

lokubija

Тимот археолози  од Кочани и други стручни лица оваа година  отворија контролен ров и уште пет контролни сонди, односно 12  со минатогодишните седум.

- Пронајдениот археолошки материјал укажува дека некрополата опстојува долг период. Најстариот материјал  откриен во 2006 година датира од помладо железно време, изјави  Илинка Атанасова, археолог, кустос-советник во Музејот на Македонија, Музејска збирка Кочани.

Таа додаде дека првичните резултати укажуваат на некропола со неколку видови  гробни конструкции. Првиот ред погребувања се наоѓа на надворешната страна од сувоѕидината  во должина од 15 метри во правец кон црквата Свети Ѓорѓи во Кочани.

Локалитетот Локубија во стручната литература   првпат се споменува како археолошко наоѓалиште во 1934 година од археологот  Никола Вулиќ. Во  1996 година  Живоин Винчиќ повторно го спомнува  како римска некропола.