Среда, 28 Ноември 2012    PDF Печати Е-пошта
Обичаи во врска со стапувањето во брак во Зрново (Драмско) Егејска Македонија

selo-Zrnovo-240Македонците од Зрново во брак стапувале релативно рано, женските на 16-18 годишна возраст, а машките на 17-20 години. При стапувањето во брак до израз доаѓал принципот на ендогамија на ниво на населбата, додека земањето и давањето во друго место било ретко.

Во брак најчесто се стапувало со стројникување, односно со посредство на стројници, овде познати под терминот слугници. Стројниците (слугници) најчесто биле роднини на заинтересираното момче, или пак, посебно надарени луѓе за таа работа, а според информаторите, во улога на стројници повеќе се јавувале жените. Во определен ден слугниците, доаѓаат во куќата на девојката и по подолг разговор ја искажувале својата намера за што се дојдени. Откако ќе му се соопштела намерата на таткото, по мало размислување, понекогаш за одлуката ја консултирале и самата девојка, тој ги известувал слугниците (или слугникот, доколку е еден). Доколку таткото се согласел со предлогот, стројниците ги дарувале со скромни подароци: крпа или шамивче – како еден вид нишан за успешно извршена работа. Потоа се договарале за главешот, т.е. свршувачката. Во спротивно, доколку девојката не сакала да се омажи за тоа момче или таткото не сакал да ја даде во тоа семејство (куќа) тогаш како изговор се велело дека девојката е малка и дека се` уште не е за мажење. Но порано, во старо време т.е до 30-тите години на 20 век, мислењата и желбите на девојките, односно нивните емоции воопшто не биле земани во предвид.

Свршувачката (главење, главеш) кој за разлика од стројникувањето т.е. малиот главеш бил познат и како голем главеш, се правел неколку седмици по стројникувањето односно доаѓањето на слугниците. Кулминацијата на свршувачката (главеш) претставувало размената на даровите, специјално наменети за таа прилика. Момчето на девојката вообичаено и подарувало златен ѓердан со низа од жолтици, потоа обетки, сребрено копче за кошулата и слично, а таа него го дарувала со кошула, чорапи и шамивче. Снаата ги дарувала свекорот и свекрвата со по една кошула, а блиските роднини на момчето (девери, јатрви, золви) со по една крпа. Дарувањето зависело од желбата и од економската моќ на семејствата. По извршеното дарување се пристапувало кон општа веселба со музика, песни, вечера и вообичаено се договарале за свадбата.

После овој чин, момчето и девојката ги сметале за главени. Момчето се нарекувало главеник, а девојката главеница. До свадбата тие се однесувале исто како и пред главешот, односно не смееле, било недолично да се движат сами двајцата, да разговараат поинтимно или да играат на орото еден до друг и слично. Во периодот помеѓу главешот и свадбата кој можел да изнесува и доста долго (една па и до две години) главеникот во знак на чест и почит на некој голем ден т.е. некој позначаен празник (Велигден, Божик) на членовите на семејството на главеницата им носел една тепсија со леблебија, суво грозје и слично. Свадбите се закажувале вообичаено околу Митровден, потоа зиме од Свети Јован (Св. Иван) до Прочка и околу Ѓурѓовден. Подготовките за свадбата започнувале уште во четвртокот, со канењето на гостите (сватовите) за свадба. Каначи (канажни) вообичаено биле некои роднини на момчето, а гостите биле поканувани со чотра вино или со шише ракија накитено со китки. Во петокот и саботата се подгрејувала атмосферата за вистинската свадба што се одвивала во неделата.

Во неделата се било подготвено за започнувањето на свадбата. Како знак дека момчето се прима во редот на мажите се вршело обредното бричење придружено со песни и со шеги, а во таа пригода се пеела песната „Бричи се бричи, бре млади зетју“. Потоа младоженецот заедно со своите другари и музиката (најчесто во состав: зигало, гајда и тапан, а понекогаш и зурла) оделе да го канат кумот.

Во меѓувреме некои од роднините или другарите оделе во домот на невестата за да го земат миразот (приќа). Приќата се состоела од сандак во којшто имало рогозина (рогожа) килимче, перница (в’зглавница) и алишта (дрехи) на невестата. Во домот на момчето сандакот со миразот на невестата го носеле на грб, со тоа што носачите се менувале.

Откако миразот на невестата ќе го донесат во куќата на младоженецот, се тргнувало по невестата. По патот се одело со песни и игри, а порано во свадбената поворка се носело и барјак (хурлица) кој бил црвен по боја и со разни шари. При доаѓањето пред портата од куќата на невестата, сватовите ги сопирале и требало да платат пари за да влезат во дворот. Сето ова било проследено со шеги и со симболично договарање (ценкање), а невестата за тоа време од прозорецот скришно го гледала момчето низ прстен – за да го држи цел живот на око и низ сито – за во текот на целиот живот да бидат сити.

При влегувањето на момчето во собата кај невестата требало да се плати откуп на помалите браќа и сестри за да го пуштат при невестата. Откако младоженецот ќе влезе во одајата ја прегрнува невестата и зад неа пушта пара на подот. Калиманата (кумата) која во меѓувреме влегла во собата ја зема парата и ја става во чевелот на невестата. Оваа пара за цело време на свадбата стоела во невестинскиот чевел. Потоа погачата што ја носела кумата, се раскршувала (од една страна ја држела кумата, а под другата момчето и невестата) и им се раздавала на присутните. Девојките стасани за мажење настојувале да земат од делот што останал кај девојката и момчето – за што поскоро и тие да се омажат. По овие обичаи што се вршеле во собата кај невестата младоженецот т.е. зетот ги дарувал родителите на невестата, тестот (дедото) го дарувал со капа (качкет), а тестата (баба) со пандофли.

При напуштањето на родителскиот дом невестата им бакнувала рака на своите родители кои, инаку, не присуствувале на венчавката во црквата. Потоа младоженецот и невестата водени од деверот и золвата (з’лва) заедно со сите сватови се упатувале кон црквата.

Венчавката во црквата се одвивала според црковните норми, односно со церемонијално менување на круните, ставање на прстените, фрлање жито, леблебија, бонбони и пари, додека се вртат околу поставената маса во црквата, при што, покрај младоженците и свештеникот, главна улога во венчавката имал кумот (калитата). Се верувало дека по ставањето на прстените на младоженците кој прв ќе го згазнел  другиот – тој ќе ја имал главната улога во бракот. Откако ќе завршел обредот на венчавање, сватовите (свадбарите) се упатувале кон куќата на момчето. Свекорот и свекрвата кои не оделе во куќата на невестата доаѓале право во црквата, пред венчавката, а потоа свадбената поворка се упатувала кон куќата на момчето.

При пристигнувањето во новиот дом, невестата им бакнувала рака на свекорот и свекрвата за што добивала златна пара (ж’лтица). Додека се вршел обичајот на пречекување на невестата во новиот дом, присутните ја пееле песната „Излези стара свекрво“. Свекрвата ја пречекувала невестата со два леба и со шише вино и и` ги подавала, а потоа ја воведувала во куќата, теглејќи ја за шамивчето што и било прикачено за појасот. Свекрвата ја водела невестата кај огништето при што ја седнувала на столче и и` подавала маша за да ја распрета жарта. При распретувањето на жарта невестата требало тоа да го стори што посилно – за да биде што полута односно да не се потчинува на свекрвата. После ова во скутот на невестата и седнувале машко дете и таа требала да го расплаче со цел да имала машки пород.

Откако ќе се свршеле сите тие обичаи, (адети) сватовите седнувале да ручаат, а потоа по неколку часовна веселба си заминувале од свадбата. После ручекот, младоженецот т.е зетот ги канел бабата и дедото (тестот и тестата на вечера и тие дури тогаш на вечерата си честитале со сватовите односно родителите на зетот.

Навечер младоженците ги затворале без многу церемонии, но сепак се водело сметка за девственоста на невестата. Во знак дека невестата била девствена т.е. цела, во понеделникот се правело блага ракија, а доколку се случело таа да биде дефлорирана (расипана) што ретко се случувало, свекорот влегувал во шталата и на добитокот му соопштувал дека имаат ороспија во куќата. Ретко се случувало таквата невеста да биде вратена назад, кај нејзините родители, но затоа пак таа била често омаловажувана.

Во понеделникот наутро невестата водена од золвата одела да наполни вода при што требало да се поклони пред кладенецот односно бунарот. Попладнето сватовите доаѓале на блага ракија, носејќи скромни подароци за младоженците, најчесто едно тенџере или каленица, наполнети со жито, грав и слично.

Во првата недела по свадбата, младоженците оделе на гости кај кумовите, при што и ги дарувале. Во текот на годината на вториот ден на Велигден во понеделникот младоженците ги посетувале кумовите, носејќи живо јагне, пита јајца и вино, а кумот ги дарувал со калајдисана тепсија полна со леблебија, бонбони, суво грозје и ситни пари.

Покрај оваа класична венчавка постоел и друг начин на венчавање познато како венчавање на кош. Таква венчавка се вршела во домот на младоженецот околу масата или околу некој кош, при што се вршеле истите церемонии како и во црквата само што покрај свештеното лице, кумот и кумата, присуствувале само најблиските роднини на момчето. При таквите венчавки обичаите биле значително редуцирани.

Разводите се случувале многу ретко и тоа вообичаено заради алкохолизмот на мажот. Преженувањето на вдовците и вдовиците се вршело без многу церемонии, односно како опишаната венчавка на кош.

Бегањето и грабењето на невести била речиси и непозната работа, барем за периодот меѓу двете светски војни.

Од книгата „Етнолошка монографија на Зрново (Драмско) Егејска Македонија“ од Зоранчо Малинов, Скопје 2009 година.

Подготви: Марко Китевски
 

На прво место

News image

Македонија да ја направиме повторно Горда

  Претседателот на Унија на Ветерани на ВМРО-ДПМНЕ Мане Јаковлески на средба кај Мет...

Историја

News image

Титовите слуги измислуваат македонски национализам

На 18 јули о. г. сите дневни весници од Југославија донесоа подолги извештаи од заседанието на Секре...

Култура и туризам

News image

Верувања од Разлошко

Градба на куќа Кога се започнува да се копа темел за градење нова куќа, обично, се почнува со работ...

Фељтон

News image

ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО САД И ВО КАНАДА – (ДЕЛ II) (28)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАКОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.